Познатиот ланец на ресторани Jamie's Italian чијшто сопственик е британскиот реномиран готвач Џејми Оливер го одбра Белград како следна локација.
Ресторанот ќе се наоѓа на улицата Херцеговачка во рамки на комплексот Белград на вода којшто ќе биде лоциран на десниот брег на реката Сава.
Ова беше соопштено и на официјалната страна на ланецот на ресторани којшто е познат по своите италијански и медитерански специјалитети.
Многу сум горд на нашите ресторани. Нашиот неверојатен тим ќе се погрижи за вас додека се насладувате со едноставна, но превкусна храна направена од врвни состојки-стои во изјавата на светски познатиот готвач.
Џејми досега има отворено вакви ресторани во Ирска, Бразил, Португалија, Унгарија, Кипар, Индија, Катар, Саудиска Арабија и ОАЕ.
Оливер, 48, покрај тоа што е еден од најдобрите и готвачи во светот, тој е и медиумски добро познат лик, откако во 1999-та се прослави со својата серија The Naked Chef.
Џејми е автор на повеќе од 20 книги за готвење и има продадено повеќе од 45 милиони копии ширум светот.
Тој е и промотер на здравата храна и има предводено кампањи за здрава исхрана на децата во училиштата, како во Велика Британија така и во САД.
Оливер има и неколку добротворни организации.