ХИГЕ филозофијата низ ентериерот во домот

28 мај 2024

Данската филозофија на живеење наречена ХИГЕ во суштина означува уживање во животот преку креирање топла атмосфера во домот. Иако овој начин на живот потекнал од студените и темни дански зими кога луѓето се повлекуваат во своите домови, сепак ваквата хиге атмосфера може да се применува во било кој дел од годината, за да си создадете спокој и хармонија во домот.

Уште една едноставна и поетична дефиниција за зборот ХИГЕ е топлиот сјај од свеќите, кои се главна "алатка" во примената на ХИГЕ  филозофијата. ХИГЕ генерално е начин на живот односно рутина која полека станува составен дел од секојдневието, а ние ќе ви дадеме неколку совети како суптилно да ја внесете во вашиот дом, во склоп со вашиот вкус и потреби.

КОМФОР

Неизбежен дел од секој дом за комфор и удобност каква што ви е потребна за максимално опуштање се меките и плетените материјали. Можете да ги дополните гарнитурите со декоративни мали перничиња, прекривките нека ви бидат од меки материјали, а секако никогаш доста и од меки ќебенца распослани по креветите или фотелјите за да се добие cosy атмосфера. 

НЕЖНО ОСВЕТЛУВАЊЕ

Централното и високо поставено осветлување никако не спаѓа во ХИГЕ дизајнот кога станува збор за домот, бидеќи на тој начин се губи топлината и интимноста. Наместо тоа, се препорачуваат столни ламби во различни големини кои може да ги поставите во ќошевите на собите, а понекогаш, зависно од квадратурата, доволно е само една поголема ламба за да добиете убава и топла атмосфера. Покрај ламбите, свеќите се неизоставен дел од еден ХИГЕ дом, а изборот тука е навистина голем, па можете да правите комбинации од мали свеќички, со големи кои горат поспоро, и да ги распоредите во домот во склад со мебелот.

НЕУТРАЛНИ БОИ

Боите со кои ќе го декорирате домот играат важна улога во постигнувањето на ХИГЕ ефектот и спокојот кој го барате. Најидеални бои за исполнување на оваа тенденција се беж, кафена, светло жолта и теракота кои може да ги користите за главните елементи во ентериерот, вклучително и ѕидовите, а со помалите елементи и декорации како перничиња, вазни, уметнички слики и сл., слободно може да експериментирате за да добиете и една разиграност доколку ви се чини многу "празно" и монотоно.

РАСТЕНИЈА

Кога се работи за зеленилата во домот, Данците и Норвежаните преферираат да имаат само едно поголемо дрво или растение во дневната соба, зашто пренатрупаноста со зеленилата може да го угуши просторот. Сепак, и ова е лична определба, затоа што некои луѓе се чувствуваат попријатно кога имаат многу растенија и цвеќиња низ домот. Оние растенија со големи зелени листови придонесуваат за поголем баланс во самиот ентериер, па топло ви препорачуваме да си го побарате своето на некој од цветните пазари.

СРЕДЕН ХАОС

Никогаш немојте да се грижите за уредноста и подреденоста во домот, малиот хаос од лични работи може да придонесе за убав ХИГЕ момент на сатисфакција. Омилените книги или омилените нотеси за секојдневните белешки, пенкалца, тефтерчиња, списанија, нека бидат составен дел од масата во дневниот простор или наткасната во спалната, тоа само ќе додаде на комфорот кој ви е потребен, а не сте ни знаеле дека ви треба. Шолјата од испиениот чај или кафе, не брзајте да ја измиете, препуштете се на мирисот од свеќите и уживајте.

Се надеваме дека ве инспириравме за да внесете ХИГЕ и во вашиот дом.

Фото: Pinterest

Објавено:
28 мај 2024
Категорија: 
Архитектура
Тагови: 
хиге ентериер