Период е на свадбени свечености, а многумина од вас сигурно се поканети како гости на свадбена забава кај блиски личности. Вообичаено ве советуваме што е соодветно да облечете според пригодата, вашата телесна конструкција или вашата улога на свеченоста. Но, никогаш не е на одмет да имате во предвид што не би требало да облечете или комбинирате за таков настан. Ви посочуваме неколку чести грешки што се прават при изборот на аутфит, па потрудете се да ги избегнете ако сте гости на свадба.
-Бел фустан
Кога сте гости на свадба, веќе знаете дека едниот и единствен бел фустан за таа вечер е веќе резервиран. Затоа, потрудете се да го елиминирате белиот фустан во вашиот избор. Доколку сте љубител на светли нијанси, тогаш одберете од палетата на пастелни бои.
-Избегнувајте чевли што никогаш не сте ги носеле
Разбирливо е дека за комплетен стајлинг секогаш значајна функција имаат и чевлите, но за свадба на која ќе бидете „на нога" цел ден потрудете се да изберете такви што покрај тоа што ќе бидат естетски соодветни, сепак ќе ви бидат и удобни. Најлошиот избор се чевлите што прв пат ќе ги облечете токму тој ден.
-Премногу кратко и непристојно
Сексапилот е став, а не невкусно кратко здолниште. Потрудете се при изборот на здолниште или фустан, да внимавате на тоа да не биде премногу кратко на пример кога ќе седнете или кога ќе се движите.
-Не го игнорирајте дрес кодот
Доколку младенците изразиле желба за конкретен дрес код на нивната свадба, испочитувајте го. Сепак тоа е вечер кога тие се главните и таму сме поради нив.
-Накит што создава непријатна бука
Непријатно е кога во црква додека трае целата церемонија, во позадина се слуша непријатна бука. Затоа избегнувајте нараквици и комбинација на накит кој е причината за тоа.