Делпосо – колекција неконвенционални венчаници за храбри невести

23 септември 2014

Шпанскиот бренд Делпосо кој неодамна ја претстави својата колекција за пролет 2015-та година во рамките на модната недела во Њујорк едноставно ги собра симпатиите на голем број познати личности. Токму првите редови на ревијата и беа резервирани за ѕвездените гости кои едноставно уживаа во неконвенционлноста на дизајните, уникатниот спој на кроеви и тектури и раскошниот изглед на моделите.

Моделите од колекцијата на Делпосо се креирани во духот на самиот бренд  и се карактеризираат со едноставни и затворени кроеви како и рачно украсени детали. Секоја венчаница е посебна на свој начин – во фокусот на дизајнот се големите панделки аплицирани околу струкот, горните делови кои наликуваат на тогите од Античка Грција и страничните џебови кои пак на моделите им даваат една лежерност и ја нагласуваат спортската елеганција.

Стилистите и модните експерти оваа колекција на венчаници ја карактеризираа како модерна и целосно создадена за модно освестени и храбри невести кои сакаат на својот најважен ден да прикажат трендовски изглед, но сепак да го задржат традиционалниот впечаток. Без сомнение линијата венчаници од Делпосо го одзема здивот на секоја идна невеста.

 

Објавено:
23 септември 2014
Категорија: 
Бела соба