Ако веќе сте размислиле да го носите со вас на овој посебен ден, тогаш треба добро да размислите и да направите план што треба да реализирате за на крај се да излезе како што треба. Вашиот миленик е присутен постојано низ секојдневието, па оттука и нема причина зошто и тој да не присуствува. Сепак, ние ви препорачуваме неколку правила доколку се одлучите на овој чекор. Едно е сигурно, не многу парови се решени да ги земат своите миленици на венчавката, а доколку вие го направите тоа ќе бидете едни од по уникатните младенци.
Карактер на кучето
Пред се треба добро да се размисли за карактерот на кучето. Ако тоа е симпатично мало кученце што сака деца и луѓе, послушно ги прима вашите наредби и не трча по се што ќе види наоколу, може да биде совршенo за оваа прилика. Можете да го искористите да ги носи прстените на церемонијата, да го искористите за фотографии како и за забава за присутните деца.
Правила за кучиња
Друга многу важна работа е да одредите каде може да влезе кучето. Во црква се разбира дека не, но доколку ја правите венчавката на отворено, кучето може да биде добредојдено. Исто така треба да се информирате дали во хотелот или ресторанот ќе дозволат да присуствува и миленикот.
Ангажирајте личност што ќе го чува и внимава
Вие сигурно нема да бидете личноста што ќе биде задолжена за тоа, зашто ќе немате време. Личноста што ќе го чува треба да води смета за тоа каде е животното, дали има вода и кој ќе го вози до конкретното место. Погрижете се навреме да ја најдете оваа личност на која нема да и биде тешка оваа обврска.
Време за пауза
Организирајте го и неговиот мир. Подгответе ја кошничката со перничка и дел од играчките, зашто после некое време на кучето ќе му треба пауза за одмор за да може да се адаптира на околината и луѓето. Премногу гужва околу него може да го вознемири.
Информирајте го фотографот
Фотографот всушност е единствената личност што треба да ја известите навреме. Останатите гости не мора да знаат ако имате некоја ситна раса на куче, но доколку тоа е германски овчар или некоја слична голема раса тогаш би требало да знаат и останатите.
Разубавете го
Кучето на венчавката мора да изгледа убаво. Немојте да претерувате и да го облекувате во некои костими за кучиња што ќе го направат нервозно. Машна пеперутка или некоја декоративна врвка ќе бидат сосем доволни.
Не го заборавајте
Ова е ден кога ќе заборавите да отидете до тоалет и да ги извршите основните природни потреби. Но, во цетата таа збрка немојте да го заборавите миленикот. Тој ќе го бара вашиот поглед, допир, глас, повремено свртете се кон него и направете го важен. Неговиот поглед и реакција сигурно ќе ве разнежни дополнително.