Дизајнерката Антонија Ристовска се потпишува зад уште една невестинска колекција, овој пат нспирирана од главниот лик во бајката „Алиса во земјата на чудата“.
Алиса, која е епитом на љубопитноста, фантазијата, на магичниот свет кој можеме да го спознаеме доколку си дозволиме да сонуваме. Алиса, отворена кон нови можности и идеи. Алиса, која не се фокусира на реалниот свет, туку ита кон неистраженото и имагинарното. Алиса, која ја поседува силата и одлучноста да постигне се што сака и да ја надмине секоја пречка која ќе биде исправена пред неа.
„Преку колекцијата, на тој начин и ги гледамe невестите на оваа сезона. После повеќе од година во голема неизвесност, одложување, откажување на венчавките од соништата, девојките се повторно подготвени да избегаат од реалноста и да се впуштат во својата бајка, одбележувајки го денот на својата венчавка. А моделите од колекцијата се бајковити, нежни, поинакви, креации кои ќе ве натераат да сонувате повторно“, вели дизајнерката.
Тантела, француски тул, шифон се доминантни материјали од кои се изработени венчаниците, дополнително збогатени со рачна изработка. .
Освен невестинските креации, Ристовска направи и мини колекција за актуелната сезона, каде доминираат пастелни нијанси и секако, цветни дезени.
„Моден детаљ за секој модел е мека и нежна панделка која не потсетува никогаш да не престанеме да сонуваме, да веруваме и дека ништо не е невозможно. И како што ја именува Луис Карол неговата поема за Алиса, Животот е само еден сон. Одсонувајте ја вашата бајка во некоја прекрасна летна ноќ со луѓето кои ви значат најмногу“, е нејзината порака за крај.
Фотографија: Жарко Чулиќ
Модели: Јана Јосковска, Тамара Петковска (Моделс Ин)
Фризура: Hair House
Чевли: Nine West