Дизајнерката Мила Кадриу се одлучи предновогодишно да ги израдува почитувачите на нејзината работа со нова колекција за сезона есен-зима 2015, која го носи насловот „Долга“.
Кадриу потенцира дека колекцијата е инспирирана од традицијата. Културното богатство и наследство од претците е нешто на што дизајнерката се восхитува, а овој пат се обидува да го „преведе“ нераскинливата поврзаност и наследство кога се традиционалните венчални фустани во прашање.
„Инспирацијата доаѓа од традиционалната носија наречена „Долга“ од кичевскиот регион. Живиот принт и везот ги немаат типичните етно елементи. Основата е бела со црвени и неверојатно сложени детали. Предниот дел од носијата е украсен со мали златни парички, надополнет со елек збогатен со сребрени парички. “ објаснува дизајнерката.
Тимот на дизајнерката Кадриу направи модерна варијанта, со современи материјали (различни типови тантела, полу-транспарентни мрежи украсени со вез, свила, брокат), а резултатот е колекција со 15 модерни венчални фустани. Секој од нив содржи спој на традицијата со современието, претставено преку ултра модерни кроеви, накит и 3Д елементи.
Со оваа колекција дизајнерката сака да ја нагласи важноста на жената, нејзината непроценлива вредност во денешното општество и нејзината внатрешна убавина.
Новата колекција е презентирана преку едиторијал зад кој се потпишува фотографот Горан Поповски, додека за шминката и косата е задолжена за Фросина Фран Ангеловска.