Пет совети како да изберете ресторан за венчавка

11 септември 2014

Да се избере место каде ќе се случи вашата свадбена прослава воопшто не е едноставно, иако  откако ја објавивте веридбата тоа не ви се чинеше така. Еве ги нашите пет совети како да го изберете вистинскиот ресторан или хотел за Вашиот голем ден.

Резервирајте веднаш

Откако кажавте „Да“ почнете веднаш да размислувате која ќе биде локацијата каде ќе се случи прославата. Иако венчавката можеби е после шест месеци, по оваа тема не смеете да почекате ни момент. Сигурно досега сте присуствувале како гости на повеќе венчавки, а некоја свечена сала ви се допаднала и сте замислиле и вие да ја правите вашата на истото место. Време за чекање нема, распоредите на свадбените прослави се секогаш набиени, затоа не се разочарувајте ако оној што сте го замислиле е веќе резервиран за конкретниот датум.

Цена на мени и декорација

Сега најчесто рестораните имаат комплетна пакет понуда, која освен менито со јадење вклучува и други моменти како декорација, музика или торта. За да не ја трошите енергијата на повеќе страни, побарајте од одговорните целосен пакет на услуги, нормално доколку претходно некој ви го потврдил своето добро искуство. Ќе заштедите и време, а сигурно и пари бидејќи комплетните понуди секогаш излегуваат поекономични.

Простор за играње

Декорација одлична, амбиент беспрекорен, но мал простор за играње. Музиката и играњето ја прават свадбата да биде како што треба, затоа никогаш не се залажувајте со моментот дека просторот е прекрасен, разгледајте подобро и проценете дали вашите на вашите гости ќе им биде пријатно  додека играат.

Можност за промени

Секогаш ќе се појави ситуација кога некои гости нема да дојдат. Токму затоа преговарајте и за бројот на порциите за оние што нема да се појават на свеченоста. Најчесто во повеќето од рестораните нема да ви бидат наплатени до 15 порции, но секако доколку се договорите.

Светло

Можеби не размисливте за осветлувањето. Кога ќе ја разгледувате салата за прослава не го занемарувајте ни светлото. Доколку е слабо со сигурност треба да ангажирате дополнителна монтажа на светла.

 

Објавено:
11 септември 2014
Категорија: 
Бела соба