Шминка за вашиот незаборавен ден

23 април 2013

 

Свеж тен

Неколку месеци пред церемонијата, негувајте го своето лице преку третмани и креми за здрав тен и чиста кожа. Сите шминкери би се сложиле дека изедначениот и чист тен е најважен за добрата шминка. Доколку се појавила некоја акна, прекријте ја со коректор, а потоа нанесете пудра со сунѓерче и натапкајте. Водeте сметка нијансата на коректорот да не отстапува многу од нијансата на подлогата која ќе ја нанесете на целото лице. Подочниците исто така покријте ги со коректор, а потоа со благ слој на пудра во прав. Со руменилото истакнете го челото, носот, јаболчниците и подбрадокот. Освен во камена форма можете да пробате и со кремасто руменило.

 

Очи

На капаците нанесете сенки во пастелни тонови. Ваквите бои секогаш делуваат елегантно и гламурозно. Употребувајте што понежни нијанси ако имате за цел да постигнете природен изглед. Доколку пак сакате да оставите драматичен ефект, нанесете црна линија на туш или црн молив за очи и на краевите каде се спојува окото исенчајте со темна сенка. Маскарата е задолжителен дел, а ви препорачуваме да користите водоотпорна верзија.

 

Усни

Доколу имате нежна шминка на очите, тогаш ви препорачуваме црвен кармин. За почеток ставете малку течна пудра на усните и малку од онаа во прав, така карминот ќе се задржи подолго време во константен интензитет. Ако имате нагласени очи, тогаш најдобра верзија е да нанесете кармин во некоја светла боја или пак само нанесете сјај за усни. Не плашете се да експериментирате, но, сепак водете сметка за овие неколку основни правила, се разбира ова се однесува доколку за овој ден се подготвувате сама, а не кај професионалец.

Објавено:
23 април 2013
Категорија: 
Бела соба