Постпандемиската мода носи свежина, иновација, подготвеност да се излезе од „правилата", да се биде смел и забележан во модна смисла, а сето тоа интерпретирано низ богат колор и избор што пред секој ќе ја отвори можноста да си ја истакне индивидуалноста.
Овој амбиент во модниот свет, подеднакво се отсликува и во невестинската мода.
Дизајнерите не штедеа на креативност кога го дефинираа концептот за венчалните колекции за 2023 година, па од тоа што ни го нуди глобалната модна сцена, навистина има што да се види и да се бира.
Не постои само единствен фокус кога естетиката е во прашање, туку напротив ќе ги видите сите нијанси помеѓу минимализмот, елеганцијата и неконвенционалноста.
Брендови како Elie Saab, Amsale, Monique Lhuillier во своите актуелни венчални колекции ѝ дадоа предност на елеганцијата, димензија која излегува надвор од временските граници и станува безвременска.
А истовремено имаме наплив на модернистички, современи модели на венчаници во мини дизајни, прошарани со цветни дезени, во нијанси кои ја надминуваат класичната палета и добиваат поинтензивни нијанси во сино, жолто, розово или пак невестински костум наместо венчаница, како во примерот на Nadia Manjarrez, Safiyaa, Rosie Assoulin...
Се фокусираме на ТОП 5 тенденции во светот на венчаниците, за да доловиме дел од идеите на светските дизајнери како ја замислуваат модерната невеста.
1.Транспарентни и светкави ткаенини
Транспарентни ткаенини навезени со кристали или тантела со суптилен сјај, се бројуваат меѓу најатрактивните сегменти во дизајнот на модерните венчаници.
2.Асиметричен крој
Не само во невестинската мода, туку асиметричниот крој веќе сезони наназад е меѓу најпопуларните модни тенденции генерално и очигледно ќе трае уште долго. Оваа модна референца е забележителна во дизајнот на модните додатоци, секојдневните комбинации, па се до свечените изгледи.
3.Гламурозни, кралски венчаници
Дури и кога минимализмот бил доминантен како тенденција во сегментот на ready-to-wear облеката, дозата на гламур и луксуз кај венчаниците секогаш бил посакуван. Кралската естетика, венчаниците со нагласени рамена и волуменозни кроеви, секогаш се атрактивни во невестинската мода.
4.Одела
Низ годините, оделата од канцеларија преминаа во уличната мода, а особено последниве неколку години се се почесто присутни и како алтернатива на класичната венчаница.
5.Флорални мотиви
Цвеќе со целиот негов раскош и во сите негови димензии... Од ситни навезени флорални мотиви на долгите велови до предимензионирани 3Д цветови кои даваат нота на футуристичка неконвенционалност во дизајнот на современите венчални фустани. Флоралните детали се заеднички омилени на дизајнерите и невестите.