Уникатни идеи за вашата пролетна венчавка

12 април 2016

Пролетта и прекрасното сонце веќе ја најавија традиционалната сезона на венчавки, а доколку сте во потрага по уникатна идеја плус, денеска е вашиот среќен ден.

Направете нешто тотално различно од сите останати со што вашата пролетна венчавка ќе им остане во сеќавање на сите гости.

Во продолжение погледнете ги последните трендови кога станува збор за венчавките и вметнете некој од истите во вашиот најубав ден.

#Мини торти

Наместо впечатливата торта на неколку ката, за вашата венчавка изберете слатки мали тортички кои ќе бидат вистинско освежување, а гостите многу ќе се израдуваат. За ефект плус, декорирајте ги со неодоливи пролетни цвеќиња или овошје.

#Направете креативно пано со пораки

Пред влезот каде што ќе се фотографирате со гостите, замолете ги да напишат некоја куса порака за вас и да ја закачат на паното што претходно ќе го поставите. Ова е супер начин да ги развеселите гостите од самиот почеток, а и ќе ви остане како одличен спомен.

#Послужете интересни коктели за време на забавниот дел

Кога веќе атмосферата ќе кулминира, ќе биде вистинско време да ги освежите гостите со по некој коктел, а шеќерната волна е само еден од многуте начини на декорација на истите.

#Едноставни букети

Еден од водечките трендови сезонава е букетот од свежо цвеќе што изгледа како штотуку да е набрано од ливада. Воопшто не трошете време за нарачка на бидермаери, туку украсете го само со едно парче коноп на средината.

#Рустично уредување на масите и столиците

Доколку имате можности, украсете ги столиците и масите во ресторанот со бели наметки и по некое кафено деталче, бидејќи рустичниот стил на уредување дава неверојатна топлина и позитивна енергија.

#Персонализирани бројки за маси

Ако имате повеќе време за подготовка, посветете малку внимание и на бројките на масите, со што ќе го испишете бројот на истата на некоја интересна декоративна хартија или пак парче дрво што ќе биде неодолива инспирација за профилите на Инстаграм на вашите гости.

#Здрави „залачиња“

Наместо класичните предјадења од пирошка и кашкавал, побарајте од ресторанот да ви направи интересни и здрави „залачиња“ кои ќе бидат и повеќе од добредојдени кога гостите ќе се изморат од танцот на подиум.

Извор: Modamo.info

Објавено:
12 април 2016
Категорија: 
Бела соба
Прочитано:
1.098 пати