Венчаници дизајнирани според желби на идни невести

5 октомври 2020

Австралискиот бренд „Grace Loves Lace“ стана популарен за пошироката публика благодарение на Пинтерест корисниците. Имено, пред неколку години токму нивна венчаница беше избрана за „најпинувана“, односно најпопуларна на Пинтерест.

Имајќи го на ум мислењето на нивните клиенти и оние на кои им се допаднал моделот, тие создадоа и втора варијанта на моделот, а потоа ги прашаа и младоженците во каква венчаница би сакале да ги видат своите идни жени, па креираа уште еден популарен модел.

Овој пат, нивното истражување беше насочено кон невестите.

Последната година, тимот на брендот го слушна мислењето на преку 80.000 невести од 80 земји од светот, со цел да дознаат што реалната жена сака, што бара од венчаницата и во каква се замислува.

Ова истражување резултираше со капсулна колекција од три венчаници. Сите три се во А-крој и од тантела, а цената им е околу 1.200 евра (осносно околу 2.000 австралиски долари.

Идните невести барале и ракави, па два од трите модели се со ракави. Но, истовремено барале и сексапил, поради што моделите имаат отворен грб, или пак тенки прерамки.

Еве ги подетално:

Модел ANAIS

Женствен, безвременски модел. Едноставен и со акцент на елеганцијата. Во предниот дел е со деколте во V-израз, грбот е отворен, а кројот во А-форма совршено ја истакнува линијата на телото. Доколку невестата сака, може да се додаде парче, кое ќе формира “опашка“ на венчаницата, како и детали од бисери во делот на грбот.

Модел VIТА

За оние што го сакаат традицоналниот изглед. За оние со самодоверба. Има долги ракави и деколте во V-израз. Здолништето е лелеаво и е совршено за оние што сакаат леснотија при движењето и таканаречена „убавина без многу труд“. Тантелата е растеглива и е составена со контраст на мат и бисерно сјајна ткаенина. Има и ремен кој се вади, а од брендот ќе речат дека со оваа венчаница е направен спој помеѓу класичното и модерното. 

Модел LUCA

Овој модел е за оние невести што преферираат секси, елегантен и гламурозен изглед. Кројот ја следи линијата на телото, а тантелата во бисерен сјај придонесува за гламурозноста. Во предниот дел има срцевиден отвор, но и транспарентна тантела, ракави, додека пак, грбот е гол. Во задниот дел пак, има и „опашка“, кој оди на сметка на бараната гламурозност.

Кој модел ви се допаѓа најмногу?

 

Објавено:
5 октомври 2020
Категорија: 
Бела соба
Прочитано:
934 пати