активист, студент, поет

За Флоренс ќе напишам песна

Интервју со
Александар Матовски - Цако
30 октомври 2015

Месец октомври е на изминување, но можеме да кажеме дека нас ни помина во знакот на една љубовна приказна, која ќе ви ја презентираме денеска.

Освен што октомври е препознатлив по розовата панделка, исто така е месец и на лицата со Даунов синдром. Одлучивме да прикажеме една нова страна на овие лица за кои има бројни предрасуди и стереотипи.

Гости во Fashionel ни беа Александар Матовски – Цако и неговата девојка Флоренс Гарет. Таа е Британка и има 22 години, а тој е од Скопје и има 24. Веќе со месеци ја негуваат нивната љубов, за која Цако вели дека била на прв поглед.

Во нашата редакција дојдоа точно на време, возбудени и расположени. Флоренс беше малку порезервирана, но затоа Цако беше тука да нè опушти сите. После кусото запознавање, одлучивме да ја посетиме Старата скопска чаршија, омиленото место на Флоренс во Скопје. Инаку, таа е нешто повеќе од година дена во нашиот град, во придружба на родителите кои се дел од дипломатскиот кор во Македонија.

Ја прашав Флоренс како се запознале со Александар и што најмногу ѝ се допаѓа кај него, а првата работа што ми ја кажа беше:

-Цако е моето момче. Заедно сме веќе неколку месеци. Инаку, нашата приказна ја започнавме откaко првин неколку пати се сретнавме. Бевме пријатели, па почнавме сè почесто да го поминуваме времето заедно, за пред неколку месеци да почнеме да се забавуваме. Кај Цако најмногу ми се допаѓа што е многу талентиран и постојано активен, па ме инспирира и мене да бидам што поактивна. Тој би можел секаде да оди пеш. Јас пак, често користам и такси, но тоа е поради тоа што сè уште не го владеам доволно добро македонскиот јазик –рече кратко таа.

Затоа Цако детално ни раскажа за нивната прва средба.

- Дента кога се запознавме, јас имав два настани. Првиот беше организиран од УНИЦЕФ, каде требаше да ја раскажам мојата приказна. Тука беше и мајка ѝ на Флоренс, која забележала како си зборувам опуштено, комотно и ме запаметила... Вториот настан беше „Жива библиотека“, каде што учествував и јас и повторно требаше да ја раскажам мојата животна приказна. Токму таму дојде и наша семејна пријателка која беше во друштво со мајка ѝ на Флоренс и Флоренс . При доаѓањето на настанот, мајка ѝ на Флоренс ѝ кажала на пријателката дека видела еден Александар Матовски - Цако, многу интересен дечко, а таа ѝ кажала дека одат токму мене да ме гледаат повторно. Всушност, мајка ѝ на Флоренс не знаела дека јас сум истиот Цако. Потоа се запознавме со Флоренс и кога ја видов, јас бев фасциниран. Тоа беше љубов на прв поглед. Заборавив сè. И македонски заборавив, камо ли на англиски да прозборам. Пријателкава ме прашува на македонски, јас не ја перцепирам. Буквално ме маѓепса и денес ме маѓепсува и ќе ме маѓепсува – ми призна Цако.

Кај неа вели, сè му се допаѓа.

-Ми се допаѓа тоа што е активна, бидејќи ме потсетува на мене, тука карактерно сме исти. Ми се допаѓа ставот што го има. Кога е со мене е опуштена. Има разбирање за мене и за моите проекти. Би сакал да се вклопи во моите проекти... Кога е таа до мене ми дава сила, убаво ми е, опуштен сум...

Прошетките се дел од нивните заеднички активности. Исто така, ми рекоа дека обожаваат да одат на кино и на концерти. Последниот на кој биле е оној на One Republic, а им се допаднал и концертот на Каролина Гочева. Танцот е една од нивните страсти.

Откако ја завршивме фото-сесијата, Флоренс мораше да се врати на работа. На поздравување ни кажа дека за неколку дена ќе замине за Турција, каде недела дена ќе работи на проект со други деца од Источна Европа. А јас го продолжив разговорот со Цако.

Ми призна дека многу сака фотографија.

-Одев на курс, само уште да земам добар апарат. Многу сакам да фотографирам.

Тоа беше добар вовед во моето следно прашање, што сака друго да прави и како изгледа еден негов ден.

-Мојот ден е прилично активен. Јас сум студент на Педагошки факултет, насока предучилишно воспитание. Тоа значи работа со децата од најмала возраст, односно градинките. Станувам како и сите други, дали одам на факултет или не одам зависи од распоредот. Работам на проекти. Тоа многу сакам да го правам. Особено проектите што се за каузата за која јас се борам, за лицата со пречки во развојот во Македонија. Доста сум познат по тоа. Исто така, снимам емисии за децата со посебни потреби и така го дополнувам денот. Еден период тренирав и карате, па одев интензивно и на тренинзи –раскажа Александар.

Емисиите што ги подготвува се однесуваат на секојдневието на лицата со попречен развој - што прават, со какви проблеми се судруваат. Во тие емисии обработува многу теми, како на пример образование на лицата со пречки во развојот.

-Знаејќи дека имаме многу стигми околу овие проблематики, мојата емисија има мото, цел да ги врати во живот овие слатки, невини деца, што сакаат љубов. Зборувам и за потребите на овие лица, за рампи, лифтови, кои им се потребни за да се движат, бидејќи сепак, и тие треба да се вклучат во општеството. Едноставно, сакам да помогнам на македонското општество, да се развие свеста за овие лица – обајснува Цако.

Помеѓу сите обврски, тој пишува и поезија.

-Да, тоа ми е една од најомилените работи и редовно пишувам поезија. Во тој аспект сум и уметник. Денеска сум баш уметнички расположен. Најмногу ме инспирираат девојките, за нив можам неограничено да пишувам. Второ, ме инспирира убавината на нашата земја... Јас сум патриот во душа, многу ја сакам мојата земја. Галичник е преубав за рекреација и за прочистување на умот... Ја сакам и Матка, Водно, чаршијата... Ме инспирира кога ќе видам некоја слика, некоја интересна личност. Можам и за вас да напишам песна, ако некогаш посакате, слободно побарајте – срдечно ми посочи.

Кога е дома, сака да гледа телевизија.

-Сакам да гледам една емисија за мода, „Стилисимо“.  Завршив средно текстилно во „Кочо Рацин“ и модата сè повеќе ме инспирира. Во моментов сум облечен во една опуштена варијанта, каде доминира сината боја. Ја комбинирам со кафена. А, сината е модерна во моментов. Гледам филмови, серии не сакам. Сакам да гледам нешто што е уметнички поткрепено. Во секоја работа сакам да ја видам уметноста. Сега кога зборувам со тебе, внимавам на дикцијата. Кога гледам филм, сакам да е возбудлив, да ме поттикне на размислување. Многу сакам и психолошки филмови, бидејќи психологијата како наука многу ја почитувам – потенцира тој.

Негов идол е неговата сестра, бидејќи е опуштена, работлива и тој би сакал еден ден да биде работлив како неа.

-Секогаш ме исполнува со позитивна енергија, иако некогаш и ме критикува за стомакот, за стилот, за брадата.

Низ животот вели, се мотивира од добрите луѓе.

- Сакам во секоја тема, секое време да ги пронајдам вистинските вредности и личности. Исто така, сакам да им покажам на лицата со посебен развој дека можат да си ги остварат соништата. Да речеме, има многу убави девојки и момци што можат да станат манекени...

На крај го поставив она што можеби оди прво. Го замолив да се опише себеси.

-Тоа е многу тешко, но ќе се обидам. Мојот нов проект на лично ниво е да го осознам мојот карактер. Динамичен сум, но не сум со избувлива природа. Сакам да балансирам со луѓето, да ја гледам позитивната страна. Дури и кога не се согласувам со нешто или не е нешто добро, гледам да го перцепирам со ведра и позитивна насмевка. Знам и да се налутам, не дека не, најчесто за ситници или кога некој ме прави глупав, а не сум. Но, многу сакам да се смеам и ги одбивам глупостите од себе.

Во разговорот се приклучи и мајката на Цако, Снежана. Ја прашав што значи да се има во семејството член со Даунов синдром.

- Искрена да бидам, раѓањето на Цако, беше само бенефит во нашето семејство, никако штета. Тој нè направи сите подобри луѓе, поотпорни на било какви тешкотии и притисоци. Живеејќи го животот со него, станавме потолерантни  кон различностите и поприфатливи кон нив. Научивме да даваме, да го живееме животот со полни гради, а истовремено да знаеме дека не се јаде сè што лета.

Активноста на Цако и инволвираноста во општествените активности е резултат на долгогодишен процес и труд. Во одгледувањето на дете со Даун нема никаква разлика од воспоставените норми.

- Барем не во нашето семејство. Сè што важело за другите две деца, важело и за него. Можеби малку повеќе било пофалувањето за некој постигнат успех, но тоа било само како поттик. Инаку, и казнувањето и прекорувањето биле на исто рамниште за сите три деца. Не станувало збор да се има толеранција кон тоа дека Цако е роден со Даун синдром. Напротив, тој беше рамноправен со својата сестра и братот во сè, па и во начинот на воспитување.

На крајот од разговорот со Цако, тој ми кажа дека сме го прашале сè, како да бил на испит. Реков: „зарем така страшно беше:“, но Цако во негов стил ми одговори:

-Не... со ваква убава девојка не може да биде страшно.

- Навистина си шармантен Цако, забележав јас.

- Да, и тоа сум – ми одговори тој низ насмевка.

Енергијата, позитивноста, амбициозноста и љубовта што ја поседува ова момче кон животот е заразна. Прави дури и да се засрамите што некогаш сте немарни кон себе и животот. Цако е пример дека е возможен напредок кај децата со Даун, а Снежана објасни и како го постигнале тоа.

- Со Цако, поддржани од советите од развојното советувалиште на д-р Двојаков и психологот Елена, работевме од првиот момент, како на физички така и на психички план. Како бебе му ги работевме физикалните вежби на УНИЦЕФ, за правилен развој на секое дете, со цел да се зајакне тонусот на мускулите и што побрзо да прооди и да може да му се шири видното поле и спознајниот простор. Беше подложен на сите можни видео и аудио дразби, му читавме, пеевме, правевме дидактички средства кои во тоа време не можеа да се купат и работевме со него. На пример, ќе исечев човек од некој весник на делови и потоа го терав да го спои  трупот со рацете, нозете главата. Цртавме заедно, пеевме, шетавме. Со татко му и другите две деца се правеа квизови на разни теми, тој им читаше приказни, книги и разговараа постојано за секакви теми. Продолживме да контакрираме со сите луѓе, не го затворивме Цако дома, туку го носевме секаде со нас. Марија и Бојан, неговите сестра и брат исто беа постојано со него, и како и сите деца се тегнеа за играчки, се расправаа, а тоа создаваше конкуренција, борба и тоа го водеше напред. Го запишавме и во редовна градинка, па во редовно основно училиште. Одеше на логопед и дома ги правевме добиените логопетски вежби. Започна да спортува, односно да тренира карате и така сè по ред. Животот на Цако беше и е  мозаик сочинет од илјадници ситни парченца, а секое од нив имаше свој придонес во неговиот развој. Секое парченце на свој начин имаше удел во формирањето на личноста и делото на Цако.

Таа посочи и на најчестите стереотипи кога се овие лица во прашање.

-Најчестите стереотипи се дека не можат да учат, работат и постигнуваат како останатите, што не е точно, бидејќи тие  само побавно го прават или побавно го постигнуваат тоа;  дека не треба да имаат социјален и општествен живот, дека немаат потреба од љубов, партнер, секс, што исто не е точно. Тие се луѓе како и сите ние и ги имаат сите потреби како и лицата со типичен развој. Стереотип е и дека треба да ги заштитуваме од околината и можните дискриминации, па ги разгалуваат до стадиум да изгледаат помалку напредни заради тоа. Треба да се говори отворено и да не се изолираат децата со Даун синдром, да се работи со нив и да се покажува на светот секој постигнат успех, затоа што тоа се и докази дека и овие лица родени со Даун синдром и можат и сакаат. Бидете со лицата со Даун синдром, не срамете се од нив, сакајте ги и почитувајте ги. Третирајте ги рамноправно како секое друго човечко битие и резултатите нема да изостанат – порачува Снежана.

Објавено:
30 октомври 2015
object(stdClass)#521 (8) { ["nid"]=> string(5) "12318" ["ga_count"]=> string(5) "11077" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1690668000" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1690754400" ["fb_count"]=> string(4) "4135" }
Прочитано:
11.077 пати