Кога прво ќе се спомене зборот куфер, она на што веднаш ни текнува се дефинитивно долги и пријатни патувања исполнети со фасцинантни авантури и безброј насмеани фотографии. „Куферот“ на шармантната Андриана Динева е малку поинаков од сите останати. Пред точно две години, таа го отвори своето прво ателје во Куманово каде многу набрзо стана миленичка на тамошните девојки кои го уживаат бохо стилот. Нејзините парчиња речиси секогаш раскажуваат една сосема поинаква и мистична приказна, нѐ водат на патувања на какви не сме биле досега, а и нѐ разгалуваат со лежерноста и удобноста што секогаш ни ја овозможуваат. За нејзината нова колекција Timeless со која ќе се претстави на претстојниот Моден викенд во Скопје и за идните планови, разговаравме со сопственичката на ателјето „Куфер“ Андриана Динева.
-Од кога почна со работа Ателјето Куфер и се крие ли можеби некоја интересна приказна зад создавањето?
Куфер ателје започна со работа пред две години. За негова реализација беа потребни повеќе години работа, размислување и енергија. Самата сценографијата крие една интересна приказна инспирирана од моето долгогодишно патување низ животот!
-Дали ова ќе биде твое прво претставување на Модниот викенд во Скопје и што ќе видиме од тебе?
Ова е мое прво претставување на Модниот викенд Скопје. Од колекцијата Timeless можете да очекувате една безвремена форма, употреба на различни материјали што потсетуваваат на минато време и даваат белег на гламур, женственост и раскош.
-Од каде е инспирацијата за сите оние интересни парчиња што ги создавате? Дали можеби и вашиот личен стил е таков или пак сосема поинаков од вашите колекции?
Создавањето на уникатни модели всушност бара секојдневна посветеност, креативност и истражување. Се инспирирам секојдневно, забележувајки работи од секојдневието кои многу лесно ме полнат со креативна енергија. Инспирација сум си понекогаш и јас самата.
-Што е она различното во вашите креации, она по што можеме да кажеме дека се разликувате од сите останати?
Секој уметник е препознатлив по своите дела. Јас ја сакам различноста и се трудам да бидам своја. Слободно можам да се пофалам со исклучително квалитетна изработка во која вложувам многу труд и време.
-Кои се светските или пак домашните модни дизајнери на чија работа се восхитувате?
Постојат повеќе дизајнери кои што ме воодушевуваат со својата уникатност и креативност, но би ги издвоила пред сѐ Thom Browne, Alexander Wang, Riccardo Tisci, Haider Ackermann...
-Постои ли некоја јавна личност со која би сакале да соработувате и да креирате парчиња за неа?
Сигурно дека постои личност со која би сакала да соработувам. Личност од која непрестајно би се инспирирала, личност со убава енергија и сличен сензибилитет на мојот.
-Какво е вашето мислење за модната индустрија во Македонија и за она што дизајнерите тука го прават? Сметате ли дека се движиме во вистинската насока?
Јас мислам дека Македонија изобилува со квалитетни дизајнери и сме на правиот пат да имаме сѐ повеќе македонски брендови.
-Која е според вас жената со вистински стил во Македонија, онаа на која секогаш се воодушевувате каде и да се појави?
Тоа без размислување е жена со висок коефициент на креативност, а мал буџет!
-Кои се есенските трендови што вие би им ги препорачале на македонските девојки? Кои се парчињата облека без кои, според вас, не може да помине ниту една есен?
Насмевката како неизбежен детаљ на вашите лица и сѐ она во кое ќе се чувствувате удобно. И секако, моделите на Куфер.
-Постои ли некое парче од колекциите на светските дизајнери што посакувавте токму вие да сте го дизајнирале?
Секако дека постојат парчиња од коишто сум одушевена, но никогаш не сум посакала да сум во кожа на некој друг. Се чувствувам прекрасно додека ги создавам моите модели и се трудам да направам уште подобри од претходните. Постојано си поставувам нови предизвици.