Во животот постојат случајни средби, намерни, оние кои ги заборавате брзо како да не се ни случиле, а има и такви што се паметат долго. Ние месецов ја поканивме Наташа Крстевска-Мијата да биде наш соговорник, а таа нè покани во Аеро Клуб Скопје од спортски аеродром Стенковец и имавме договорена средба што несомнено ќе ја паметиме.
Весела, непосредна, енергична, со раскошен глас и талент, истовремено и одговорна и уметнички лежерна, Мијата ни го разубави денот и ни овозможи несекојдневно искуство. После пет години, повторно се сретнавме. Поводот беше песната, „Бај бај“, а како течеше разговорот, така се наметнаа и темите за новото време, уметноста, лимитираноста, секојдневието, автентичноста и што сè се сменило откако последен пат беше наш соговорник...
Резултатот од оваа наша средба проследете го во продолжение:
Во последно време на македонската музичка сцена, сè поприсутни се обработките. Како Вие гледате на тој тренд, особено со оглед на тоа дека последното што го слушаме од Вас е нова верзија на „Бај бај“ од Бојс?
-Има многу песни што чекаат да ги преработиме во едно ново руво - поблиско да младите. Секоја преработка не значи дека ќе биде подобра од оригиналот, но дефинитивно ја оживува песната од минатото што сигурно е подзаборавена или сосема непозната за помладите генерации. Уште една работа што помага во процесот на преработувањето е технолошката еволуција... Некои аранжмани што ни се чинеле недостижни пред триесет години сега се лесно остварливи.
Ќе кажете дека оваа песна за Вас претставува временски времеплов... Во кое време Ве враќа? Што буди во Вас?
-Дефинитивно е времеполов во една безгрижност, во летата поминати на Преспанско Езеро, со сите лудории, први љубови и среќа. Тогаш не сум ни била свесна за убавините, но сега од оваа перспектива сакав да ја овековечам таа емоција и мислам дека оваа песна е идеалната отслика.
Пред речиси пет години бевте исто така наш соговорник, промовирајќи го албумот „Небеска“. Околу ситуацијата на македонската музичка сцена, тогаш изјавивте: „Мислам дека сите се трудат да творат и не се откажуваат затоа што не е многу едноставно, бидејќи кога знаеш дека не е стимулирачки она што го работиш, а сепак го работиш, значи на крајот, остануваат само некои луѓе што навистина ја сакаат музиката дури и ако треба да одат со главата во ѕид“. После пет години, каква е ситуацијата?
-Во музиката сите што наменски се појавиле - брзо завршиле. Односот кон музиката може да биде пасивен (да бидеш талентиран ама да чекаш друг да те открие, пласира и поддржува) или активен (ти самиот да одлучуваш како ќе го пласираш својот талент). Понекогаш е комбинација од дветe: започнуваш попасивно, но потоа еволуираш и не сакаш други да одлучуваат за твојот талент. И во претходното интервју за Fashionel.mk сум изјавила дека времето е филтер за сè. Сè уште го мислам тоа. На нашата сцена ситуацијата е одлична, ова поднебје отсекогаш недрело квалитетен музички кадар... само медиумите треба повеќе простор да отстапат за македонска музика. Сакам да има секаде македонска забавна музика: во автобус, во кафуле, на шалтер во здравствена установа, на бензиска...
Од оваа дистанца, како Вие лично гледате на изминатите пет години?
-Изминатите мои пет години беа генерално во знак на семејството. Можам да кажам дека последната година само поактивно ја вклучив и музиката. Ама многу е прекрасно чувството кога песните во зародиш најпрвин ги споделуваш со своите деца и ја гледаш нивната реакција на одредена мелодија или текст.
Во песните што ги изведувате можат да се слушнат различни музички правци. Во последнава се забележува кантри блузот, претходно можевме да слушнеме и малку рок ноти... Од друга страна пак, постојано го менувате и изгледот. Сето ова е одраз на Вашиот темперамент или пак едноставно на тоа што го бара сцената?
-Дефинитивно е рефлексија на мојот карактер. Кога работам некоја песна целосно ме обзема тој жанр, таа емоција, интерпретација...тој аранжман. Јас сум како букет во кој има и божур, и гербер, и гипсофила ама и коноп и рибизли. Тоа се вика еклектичен стил. Таква е и мојата музика, и мојата гардероба...
Се случувало ли некогаш да не можете да ја изразите креативноста до крај? Што тогаш?
-Најчесто креирам песни по сопствен вкус, со внимателно избран тим и по сопствена динамика. На тој начин успевам да бидам своја до крај во музиката. Некогаш кога се спремам за настап за на фестивал тука се случувале компромиси во музичкиот дел, но секогаш поради рокови и трка со време.
Што значи за Вас да се биде автентичен?
- Во песната "Ко деца мали" имам напишано еден стих: „Биди само среќен немој да си тоа што не си ти. И кога ќе те збунат сети се ти каков од Бога си...“. Ние сме сите толку посебни, единствени и автентични... Единствено треба да се запознаеме себе си, а не да копираме наметнати трендови.
Кој е последниот концерт на кој навистина сте уживале?
-Летово во Хрватска, на Корчула, во Стариот Град начекавме концерт на групата „Елементал“. Вистински уживав зашто беше многу ненаметливо а светско. А би го издвоила и концертот на Лозано каде за прв пат бев на солистички концерт со син ми и можев да видам како тој ја доживува музиката. Искрено уживање на две лирски души.
Со оглед на тоа дека жонглирате помеѓу повеќе општествени и професионални улоги, кога имате време за себе и кога го имате, како го користите?
-Музичкиот сегмент од мојот живот го водам како време за себе. Слободните денови од работа ги пополнувам со активности поврзани со моето музичко алтер его. Што значи вистински одмор имам еднаш годишно. По иницијатива на сопргуот знам да отидам на масажа или акупунктура. Највројатно тој најдобро приметува кога ми треба (ха,ха,ха).
Си ја потпевнувате ли некогаш „Верувам во себе“?
Не баш...Верувам во себе во изминатава година беше дел од приредба на две основни училишта каде бев повикана и јас како гостинка. Видов деца како си ја поптевнуваат и многу ме усреќува тоа зошто таа е песна со многу силна порака. Јас најчесто потпевнувам песни кои сè уште не се снимени, кои се во процес на созревање, да не речеам - се крчкаат.
Како стоите со новите трендови кога се социјалните мрежи во прашање, но и генерално животот? Треба ли и музиката да се прилагодува на трендовите?
-Апсолутно... Трендовите го следат општиот вкус на населението и ако не се прилагодиш колку толку, ќе останеш без публика. Но, тенка е линијата да не се изгубиш себеси. Имам инстаграм, фејсбук, и јутјуб канал, но дали доволно често ги менаџирам не знам...публиката нека процени сама. Но, тие мои мрежи, особено инстаграм профилот, навистина ме прикажуваат онаква каква што сум.
Разговорот го правиме во октомври, месец посветен на ширењето на свеста за ракот на дојката. Практикувате ли редовен преглед?
Искрено не. Планирав да почнам после четириесетата година. За мене месецот октомври има друго значење - 20 октомври е Светски ден на Контролорите на летање, а таа професија ме издефинира карактерно, за што многу сум благодарна. Токму затоа и фотосесијата се одлучив да ја направиме поврзана со воздухоплови - за да биде сликата пореална.
На кој начин Ве дефинираше работата како контролор на летање?
-Една од главните особини на контролор на летање е multy-tasking односно способноста од правење повеќе работи во исто време. Таа особина ми е од исклучителна важност во животот и особено излегува на површина при организација и снимање на спотови. Прецизноста и капацитетот да се носам во стресни ситуации ми помага на сцена, но тие карактеристики ме прават и перфекционист и понекогаш деликатна за соработка.
Се чувствувате ли некогаш лимитирано? (во поглед на услови на творење, можности на живеење, работа, себеизразување....)
-Човек секогаш треба да ги поместува своите граници. Лимитирано можеш да се чувствуваш до 18 години. После тоа одлучуваш самиот и ги поставуваш своите лични граници. Колку ќе успееме да се ослободиме од тие внатрешни препреки зависи до каде ќе стасаме. Јас како жена од авијација знам дека ONLY SKY IS THE LIMIT (Само небото е граница).
А недоволно сфатено?
- Ха, ха, ха...тоа почесто ми се случува. Луѓето често се чудат со мене, и во музиката и во авијација... Па и пријателите и домашните. Но, веќе ме прифатија низ годините и знаат дека од мене можат да очекуваат неконвенционални работи.
Што учите од музиката?
- Музиката, и општo уметностите, им се случуваат на природно посензибилните луѓе. Тоа е дар да ги опишат емоциите кои толку силно ги доживуваат. Понекогаш тоа е товар, а понекогаш благослов. Ама во секој случај е начин да ги рашириме одамна изгубените крилја.
Уметноста би ја дефинирале како себична или несебична? Што “сакате“/“барате“ Вие од неа?
- Јас сум музички медиум и колку и да сум се трудела да го игнорирам тоа, безуспешни биле обидите. Треба да сфатам дека сум родена таква за да ги забавувам и разгалам луѓето кои природно не ја носат музиката во себе. Несебична е музиката, како бунар со најубава вода... Од нас зависи колку длабоко ќе ја фрлиме кофата.
Годинава публиката ја почестивте со неколку нови песни, може ли да се очекува дека истите ќе бидат дел од нов албум?
-Моите нови соработници Дамир Пух и Наташа Миха веќе ги преслушаа моите демо идеи за албумот и истите се веќе во процес на изработка. Се надевам дека наредната година ќе биде во знакот на мојот втор албум. Можеби во втората половина на годината, но во тие езотерични работи не треба да се брза...колку време ќе фати толку.
Со оглед на тоа дека два месеца нè делат не само од оваа година, туку и од оваа деценија, што би понеле и во новата деценија, а што очекувате да донесе?
-Чувствувам дека сум во животниот зенит. Би сакала што подолго да ми трае. Пред десетина години телото ми било помладо, ама паметот не ми беше овој. Новата деценија нека донесе будење и самокритичност на мојот народ и прифаќање на своите квалитети и маани. Не туѓите...своите...
Благодарност до: Аеро Клуб Скопје од спортски аеродром Стенковец и Проаудио саунд рентал
Стајлинг: Александра Филипова (ИНТ Кочани), Сара Реџиќ (Sari Gi)