Иако веќе повеќе од половина година целиот свет се соочува и бори со пандемија на Ковид-19, сепак се покажаа како недоволни за да можеме да речеме дека сме се навикнале да живееме со него. Уште помалку доволни за да може да се најдат вистински одговори и одлуки за комплексни теми, барем кај нас. А токму такви беа темите за образованието. Одлуката околу тоа дали децата да имаат настава со физичко присуство или онлајн не беше едноставна ниту за родителите, ниту за властите. За првачињата и оние до трето одделение, училишното ѕвонче годинава заѕвони кон почетокот на месецов, а за другите преку онлајн апликации.
Нема да згрешиме ако речеме дека децата се едни од најпогодените од оваа новонастаната, но истовремено и ситуација која трае долго. Тажна беше сликата на првачињата кои не можеа, односно не смееја да се поздрават со своите другарчиња, кои не можеа да си ги видат насмеаните лица, уште помалку да ги видат и запомнат насмеаните лица на учителките...
И токму за овие промени и како влијаат на најмалите разговаравме со психологот за деца и адолесценти, Христина Стефановска. Зборувавме за стравот од училиштетот за улогата на родителите, но воедно и на струката.
Целиот разговор во продолжение:
Ова е несекојдневен почеток на учебната година. Како да се поразговара со најмалите, особено првачињата, имајќи ги предвид сите мерки на претпазливост и заштита од Ковид-19?
-Овој несекојдневен начин на живеење и функционирање трае веќе повеќе од шест месеци и донесе многу промени особено за децата и нивниот раст и развој. Како што веќе знаеме, првачињата заедно со учениците до трето одделение се вклучени во физичка настава, но со протокол и почитување на превентивни здравствени мерки. Носењето маска веќе не е ништо ново за децата, за што сметам дека во моментов не треба да се обрне толку внимание колку за тоа како правилно да ја носат истата, земајќи предвид дека особено оваа возраст на деца сè уште нема постигнато беспрекорна самодисциплина. Истото советувам да го научат преку водење табела на неделно или месечно ниво со наградување, така што му велиме на детето дека кога има маска на себе не е во ред да го допира лицето, очите итн и кога тоа го прави успешно ставаме насмеано лице во празниот простор на табелата. После секоја успешно завршена седмица го наградуваме детето со нешто што би го израдувало. Тоа секако не мора да биде материјална награда, може да биде прошетка на омилено место, дружба со омилено другарче, омилено јадење за ручек итн. Впрочем, едуцирањето на детето-ученик за почитување на мерките во училиштето потребно е да биде суптилно, ненаметливо без притисок “мора”, со разговор кој ќе ја поддржува здраворазумската мисла на почитување на мерката. Особено е важно родителот да не користи катастрофични сценарија во едукацијата од типот “ако ја вадиш маската можеш да се разболиш и да завршиш во болница”.
Има првачињата кои имаат страв од училиште. Како резултат на што се јавува, како да се надмине?
- Стравот од училиштето може да се јави како резултат на веќе претходно преживеано лошо искуство, на пример одење во градинка, чувство на некомпетентност или слабо развиени социјални вештини и инфериорност во однос на социјалната средина т.е врсниците (социјална анксиозност), страв на одделување од родителите (сепарациона анксиозност) , страв од неуспех поради превисоки очекувања од страна на родителите како и психолошки притисок врз детето во однос на неговите когнитивни постигнувања и училишниот успех.
Како да се подготви првачето за она што го чека, за училиштето? Каков разговор е пожелно да направат родителите пред и откако тоа ќе се сретне со новата средина, која за него претставува огромна промена?
-Приготвувањето за адаптација на новата училишна средина повторно треба да биде ненаметливо. Уште пред официјалниот упис добро би било родителите со детето да направат неколку прошетки до училиштето, да го посетат училишниот двор, игралиште. Да обезбедат катче во домот кое ќе биде место за учење и пишување и заедно да го креаираат. Суптилно да го поттикнат да детето разговара со свое другарче кое исто така е прваче и ако забележат било каков негативен емоционален набој да му обезбедат психолошка поддршка, да му објаснат како тие се чувствувале на нивниот училишен ден, со какви емоции се соочиле и како се справиле со истите. Ненаметливоста е проткаена во природниот тек на настаните, секое препотенцирање на важноста на училишниот ден во однос на материјали, облека, фотографирање и слично може да предизвика кај детето стрес.
Што кога детето не сака да оди на училиште? Или пак, кога смислува изговори да ескивира?
-Детето кое поради страв го одбегнува одењето на училиште не измислува туку напротив - соматизира. Таквиот соматизиран страв е фиксиран во оделни органи и детето го препознава како болка во стомакот, нагон на повраќање, главоболка, мокрење во кревет итн. Во вакви ситуации најмалку што е потребно е детето да е обвинето поради ваквата ситуација со изговор дека измислува и дека не му верувате. Колку побргу ќе ја разберете причината и состојабата на детето, ќе ја уважите истата и ќе го поддржите, па и охрабрите во врска со неа, толку побргу детето ќе ја надмине вакавата состојба.
Со какви проблеми би можело да се соочи детето во однос на наставата со физичкото присуство, а при изменетите образовни услови?
-Во однос на изменетите образовни услови најмногу ќе бидат засегнати високо сензитивни деца, деца кои биле во предучилишната возраст презаштитени од своите родители, деца кои и пред тргнувањето во училиште покажувале некакви невротски симптоми или некое специфично однесување.
Како родителите да пристапат и да помогнат во совладувањето на стресот?
-Пред сè сметам дека и родителите се тие кои треба да работат на јакнење на родителските вештини непосредно или директно советување со стручно лице-психолог. Впрочем, никогаш не е предоцна за да промените нешто или пак да усвоите нешто ново. Потребно е родителот да го поттикнува детето да го изрази она што го чувствува, да го препознае, да го именува. Да му понуди вештини за справување со стресот кој и тој самиот ги стекнал во животот. Детето учи како да реагира на стрес кога гледа како неговите родители реагираат на истиот. Користење техники на дишење, физичка активност, прошетки во природа и здрава храна треба да се дел од нашето секојдневие. Детето преку родителот учи како да ја одржува својата ментална хигиена. Всушност и најчестиот начин на кој децата ја губат својата психолошка моќ е преку размислувањето дека воопшто не ја поседуваат.
Каква би била функцијата на училишниот психолог во овие училишни услови?
Училишниот психолог во овој период треба да биде многу расположлив за учениците, без разлика дали се работи за децата кои следат настава со физичко присуство или пак онлајн настава. Основната негова дејност е да им обезбеди квалитетна психолошка поддршка, да пикира евентуални психолошки проблеми и да биде лесно достапен и за децата и за родителите. Апсолутно сметам дека училишниот психолог треба активно да биде вклучен и во онлајн наставата, да одржува онлајн советувања на децата или пак на родителите, да создава онлајн групна поддршка и секако да споделува со учениците најразлични вежби и техники за одржување на нивното ментално здравје.
Колку родителите се расположени за разговор со стручно лице, за кои проблеми најчесто Ви се обраќаат?
Стигмата во однос на психолошките советувања полека се намалува, но мора да признаеме дека на тоа работиме многу и јас и моите колеги, како и Комората на Психолози. Сè почесто родителите се советуваат и веќе свесно и мотивирано работат на јакнење на нивните родителски вештини. Впрочем ние не се раѓаме со некаков родителски рецепт туку напротив, родителството е плод на целокупниот развој на личноста на родителите. Најчесто се обраќаат за проблеми кои го опфаќаат чувството на страв, како на пример сепарациона анксиозност, социјална анксиозност или поради некаква психосоматика, агресивно и насилно поведение, панични напади, зависност од видео-игри итн, но морам да истакнам дека во мојата пракса сè почесто советувам родители кои имаат деца во рана возраст сè со цел на јакнење на родителството и креирање здрава семејна динамика.