Мејкап артист

Пасија ми е шминката со специјални ефекти

Интервју со
Елена Андовска
20 јули 2016

Таа е брилијантен, талентиран уметник. А својот талент безрезервно го користи во она што од хоби стана нејзина професија – мејкап артист. Кога го разгледувате нејзиното портфолио се воодушевувате како маестрално работи со козметика, исто како уметникот со своите основни реквизити, боите и четките. Елена Андовска имав прилика да ја запознаам на една од нашите фотосесии. Прецизна, професионална, талентирана. Набрзо после неколку заеднички соработки и таа самата се најде пред нашиот објектив, пред сè поради тоа што има што да каже, да посоветува, да сподели искуство, а покрај тоа „ја сака камерата" народски кажано. Она што ѝ е вистинска пасија во нејзината сфера како што вели самата, е шминката со специјални ефекти, во што е врвна. Запознајте се со Ена.

Како започна идејата и приказната за Enna Makeup?

Се започна сосема спонтано, корените се многу одамна. Kога бев мала едвај чекав сестра ми да излезе за да експериментирам со нејзините шминки, потоа се бришев и легнував да спијам. Цртав откако памтам за себе, ги шминкав сите другарки за излегување, во седмо одделение, мала, полна љубов и ентузијазам ја правев првата „фото сесија", ја нашминкав мојата најдобра другарка и ја сликав со стар апарат со филм. Нестрпливо чекавме да се развијат сликите, ден денес се потсетуваме на тој ден. Во средно училиште иако учев музика, продолжив со исто темпо. Потоа следеше факултетот за дизајн и мултимедија. Тој период ми е особено драг бидејќи се развивав на полиња кои ги имплементираа сите мои љубови: музиката, цртањето, фотографија, естетиката. Не би можела да го замислам животот без креативниот полет кој ме води.

Се работи исклучиво за талент или можеби и формално се образувавте за мејкап артист?

Формално не сум посетувала курс за шминка, но сите полиња на мој интерес и делување ми помогнале да пристапам професионално кон оваа тематика, да имам стабилна рака и се што работам да биде издржано технички и визуелно.

Какви техники најчесто употребувате?

Во зависност од потребата и целта на употреба, дали е „beauty", шминка за пред камера, специјални ефекти и трансформации, се употребуваат различни техники, материјали и пристап.

За „beauty" шминката (дневна, вечерна..) најчесто баран е трендот со контури на лицето, комплетен мат изглед, и мокар изглед.

Моја пасија е изработувањето на шминка со специјални ефекти и трансформирање во карактери. Оваа шминка бара повеќе време за изработка, предходно комплетно осмислување на процесот и употреба на несекојдневни материјали, контактни леќи и што уште не за да се постигне посакуваниот ефект. Понекогаш на креативноста и нема крај и покрај употребата на специјалните материјали за моделирање, дозволено е да се импровизира.

Колку шминката е уметност?

Шминката како израз на креативна способност преку визуален медиум и целокупниот производ на тој процес, според мене е уметност. Тука станува збор за многу повеќе од обично секојдневно нанесување на истата.

За изработување на шминката како и за други насоки во уметноста, е потребен човек со широк ранг на способности, кој е специјализиран во областа на специјални ефекти, простетика, театарска шминка, high fashion и runway шминка и друго, кој го употребува лицето и телото како свое платно. Нанесувајќи различни типови на шминка - може да го истакне изгледот, да комуницира емоција преку изразот или комплетно да ја трансформира појавата на личноста, во зависност од потребите и намената.

Потребата за нанесување шминка датира повеќе илјади години назад во историјата. Египетските фараони во своја служба имале посебно тренирани слуги кои ја нанесувале нивната козметика, Како израз на својот општествен статус. Употребувана од страна на женскиот и машкиот пол, се верувало дека шминката има исцелителни способности. Според современите истражувања се докажува дека навистина комбинацијата на состојките која била употребена за создавање на производот кој го нанесувале околу очите штити од очни инфекции.

Неизоставен дел од традицијата на Маите била шминката, „body paint", и тетовирањето. Во тоа време тетовирањето било ризичен и болен процес проследен со инфекции, затоа Маите најчесто го боеле своето тело и лице за да го изразат својот општествен статус, Свештениците, воините, неженетите мажи и жените се боеле во различна боја по која биле разликувани.

Јапонската убавина се поврзувала со бел тен, како симбол на аристократија и употреба на три бои - бела, црна и црвена. Од жените било очекувано да бидат уредни од утро до вечер и самиот чин на шминка се извршувал во комплетна приватност. Јапонската шминка се изработувала со линии кои го истакнувале карактерот со цел да предизвикаат интензивна емоционална реакција.

Во модерното време, шминката е повеќе од секојдневна рутина. Нејзината еволуција се случува секојдневно со развојот на уметниците кои ја изработуваат, на начин што поранешниот принцип на изработување на карактерите во филмовите исклучиво со специјални компјутерски ефекти се заменува со комплетна изработка на мејкап простетика, што го покажува степенот на еволуција на оваа гранка на уметноста која се сплотува со сликањето и вајарството.

Кој е најважниот сегмент на една квалитетна шминка?

Според мене најважно е првенствено да е прилагодена на оној кој ја носи, да се процени типот на кожа, кај формата и пропорциите на лицето да се постигне максимална пропорција, но најважно е да се чувствувате пријатно со истата и да трае на 50 степени.

Постои ли разлика во шминкањето зависно од возраста?

Да, постои разлика во изработката не само во зависност од возраста, туку и намената (дневна, вечерна, шминка за пред камера итн), долготрајноста.

Младата кожа е флексибилна и подложна на поголеми трансформации и лесно се прилагодува на различни материјали, работа со контури, додека зрелата кожа е потребно да се подготви и хидрира пред шминкање, да се нанесе прајмер за израмнување на борите, да се употребува пудра со повеќе пигмент за покривање на црвенило и флеки. Во зависност од намената за зрелата кожа важи правилото што поубаво пигментирана подлога и помалку коректор, доколку е потребно шминката да се носи на жешко време и цел ден, неизбежно е да се нанесе фиксатор во прав, кој дава повеќе мат изглед, на кој лицето за кратко време се адаптира.

Но, зрелата кожа на лицето како резултат на хормонски процес во организмот на жената, е подложна на интензивно потење, во тој случај иако крем пудрите на масна база најпријатно изгледаат на зрелата кожа, заради структурата и потењето лесно се разградуваат на кожата што резултира со нивна помала трајност. Во вакви случаи, неизбежна е употреба на лускузна водоотпорна пудра, со која е загарантирана целодневна трајност.

Кои се актуелни мејкап трендови?

Иако контурите на лицето беа револуција и тотална иновација во начинот на шминкање, некако почнува да се презаситува тој тренд и постепено се заменува со non-contouring изглед, каде се истакнува природната убавина и сјај на кожата. Совршено исцртаните веѓи се заменуваат со враќање на нивната природна форма. Во однос на очите и устата, последнава година се кршат сите правила, девојките се по храбри да експериментираат со бои. Кафеавата боја и земјени тонови го создадоа карамелизираниот тренди изглед, но опстанува трендот на smokey eyes, winged eyeliner и црвените усни кои се безвременска класика.

Кои се Вашите дневни рутини на лична нега?

Јас имам многу сува кожа, за која открив дека маслото од кокос совршено одговара особено како замена за ноќна крема. Хидратантна крема нанесувам единствено преку ден и пред шминка, бидејки тогаш не е препорачлива масна база. Во последниве години се шминкам помалку од вообичаено. Сега се почесто забележувам како хидратантна крема, римел и кармин е се што имам на лицето, особено во летниот период кога кожата добива малку тен, зимно време сум приморана да носам пудра, зошто имам многу бел тен и сите ме прашуваат дали ми е добро (се смее). И златно правило никогаш, во никој случај не се заспива со шминка!

Вие сте и мајка, па како балансирате помеѓу мајчинството и секојдневните работни обврски?

Мајчинството е должност која нема пауза. Мислам дека начинот на кој функционирам и постигнувам се останато се должи на организација на времето. Лесно се прилагодувам така што чувствувам дека мајчинството, работата и секојдневните обврски за мене се одвиваат сосема флуидно, природно и преплетено, на некој начин зависно едно од друго. Со добра организација одлично се функционира во рамките на 24 часа . Бескрајно сум благодарна на безрезервната поддршка од сопругот и семејството, и љубовта кон работата прави да се чувтвувам неуморно.

Локација: Think

 

Објавено:
20 јули 2016
object(stdClass)#497 (8) { ["nid"]=> string(5) "14191" ["ga_count"]=> string(4) "3274" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1690668000" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1691186400" ["fb_count"]=> string(3) "683" }
Прочитано:
3.274 пати