Со Софка Камилоска имав можност да се сретнам неколку пати. Прво што ќе го забележите кај неа е нејзината појава и убава црна коса. А кога ќе почнете да разговарате ќе сфатите дека е вредна, опуштена и расположена млада жена, чија страст е готвењето. Инаку, за вас што првпат ќе се запознаете со Софка преку нашето интервју, таа е готвач, а работи како менаџер во „Tinex to Go“ и „Деликатесен Тинекс“, каде е продукт менаџер. Покрај тоа, соработува и со големи клиенти (хотели и ресторани).
Имав можност да пробам и дел од сендвичите што ги подготвува, и доколку сте некој што ужива во храната, тогаш дефинитивно ќе бидете префрлени во друга, вкусна димензија.
Сакав да дознам колку мојот прв впечаток е вистински и ја прашав која е Софка. Со оглед на тоа дека на многумина ова е најтешкото прашање за одговор, па така и за неа, успеав на крај да „извлечам“ дека за себе смета дека е жена на 35 години (накај 36 како што вели), едноставна, реална, полна со љубов...
Разговаравме за нејзината страст кон готвењето, семејството, модата, правилата во кујна и во животот, спортот....
Разговорот ни одеше лесно и непосредно, каква што е и самата, а бидејќи успеав макар малку да извлечам од она што Софка е, разговорот ни продолжи во насока:
Кога Софка не е Софка?
-Многу ретко. Дури и вработените ми велат дека кога ќе се налутам, значи навистина сум лута. Очигледно имам голем праг на толеранција, но кога ќе се изнервирам, најверојатно ми се менува изразот на лицето, бидејќи ги забележувам другите дека реагираат, така што се тргаат и спуштаат поглед. Во принцип сум постојано во движење, но кога ќе дојдам дома, знам само да седнам и да се загледам некаде и толку, за што другарките многу ме зафркаваат. Не размислувам за ништо, не ги слушам што разговараат, иако изгледа како да сум вклучена во разговорот... Кога ќе им кажам дека комплетно го исклучувам мозокот, не ми веруваат, но навистина е така. Многу уживам во тоа.
Се сметаш за успешна жена?
-Веќе почнав да се сметам за успешна жена. До пред некое време малку лутав, од причина што долго време работев на брод. А, кога ќе се вратиш, не знаеш каде, што, како, од каде да почнеш. Но, сега веќе да, се сметам за успешна.
Што ти донесе искуството од бродот? Колку се врати поинаква од претходно?
-Таму ми се роди љубовта кон храната. Отидов без очекувања, бидејќи не знаев точно ни што да очекувам. Брат ми отиде пред мене, па си реков зошто да не се обидам и јас. Првин работев како „cabin stewardess“, но сфатив дека тоа не е за мене. Тоа не сум јас. Затоа, во наредниот договор одлучив да се префрлам во ресторанот. Почнав како асистент, па потоа добив унапредување во сениор келнер. Заработувачката беше солидна, а јас многу сакав што повеќе време да поминувам надвор, така што во почетокот не бев претерано заинтересирана за работата како таква. Меѓутоа, со оглед на тоа дека секој ден имавме брифинг на мени, работите почнаа да се менуваат. Во менито има и стручни кулинарски термини, што обичен човек што доаѓа во ресторан не би ги разбрал, затоа мора да бидете подготвени да му објасните кога ќе ве праша: „што е ова?“. За да не ги учам на памет и за да не се срамам што не ги знам, одлучив секој ден да влегувам во кујна, најчесто пред работа, за да видам како се подготвува таа храна, какви зачини се ставаат, како се пече , да го осознам начинот... Почнав да купувам и книги за готвење, за сите состојки одделно и ми влезе под кожа... Се „заразив“. Тоа ми даде многу голем успех и при работата, бидејќи на гостите им презентирав целосна приказна за храната. Не им кажував лаги, туку вистината, убаво спакувана. Беа фасцинирани и сѐ повеќе ме бараа.
Тој начин на презентирање приказна, честопати мошне непосредна, па и лична, го задржа и при претставувањето на твоите рецепти...
-Тоа да почнам јас да пишувам рецепти на off.net беше сосема случајно, но она што беше важно и за мене и за нив е да смислиме начин да не биде досадно и веќе видено, класично. Договорите за концептот одеа речиси година дена, а мене ми дојде сосема природно да напишам приказни за моето искуство со некој конкретен рецепт, или да кажам нешто повеќе за состојките, да има и едукативен карактер. Сум добивала коментари дека од рецептите дознавале и работи што досега не ги знаеле, што ми е многу драго. Инспирацијата за приказните ми е моментална. На пример, приказната за Морков салата, која е многу едноставна и има само три состојки, е вистинска приказна. Ние навистина семејно се собираме секоја недела и ја јадеме салатата. Ја гледам и ми текнува на целата ситуација. Има реакции, за што ми е драго.
Кога сме кај семејството и храната, вие имате и семеен ресторан во Галичник...
-Татко ми е галичанец. Јас практично израснав во Галичник и до денес нема лето да не отидам таму. Татко ми е угостител речиси цел живот и секако дека штом му се укажа шанса да има нешто во своето родно село, дека ја искористи. Така, ги држевме речиси сите кафеани во Галичник. Пред шест години се случи да можеме да го земеме хотелот, под кирија, кој го водиме фамилијарно. Мајка ми, татко ми и јас сме во кујна, брат ми и сестра ми се надвор со гостите, тетка ми... Кога е „Галичка свадба“, доаѓаат и братучедите да помогнат. И јас уживам во тоа. Секако дека има и по некоја расправија, но од оние симпатичните (се смее). Искрено многу ми е драго и убаво кога ќе го слушнам некој убав збор за тоа што го работиме, бидејќи сѐ што работите со љубов на крајот излегува како што треба.
Ти доаѓа ли некогаш преку глава од готвење?
-Можам да готвам во секое време. Буквално. Ми се случило и на полноќ да почнам да правам комплетно јадење, со декорации, со мешање состојки, па да заглавам и до два по полноќ. Никогаш не одбивам кога некој ќе ме замоли за готвење. Може да се случи ако сум ептен изморена да не можам да издржам, па тогаш да речам: „Нарачувај пица!“ (се смее).
Какви заблуди имаме за готвењето?
-Кај нас веќе почнаа да носат убави сирења и меса што можеби порано и не беа достапни. И многу се радувам поради тоа, бидејќи луѓето конечно ќе имаат можност да видат дека странско сирење не е само „бри“ или „камембер“, а притоа и ги мешаат, мислејќи дека се исти. Не се, едното потекнува од еден регион на Франција, поточно од Нормандија, и обично доаѓа во помали пити, додека „бри“ доаѓа во поголеми пити, а и начинот на подготовка не е ист. Исто така, многу луѓе мислат дека пекорино и пармезан е исто, а не е. Пармезанот е од кравјо млеко, а пекориното од овчо.
Што би им кажала на оние што не сакаат да влезат во кујна?
-Готвењето не е тешко воопшто. Но, треба да го сакаш. Ако имаш желба да пробаш, ќе ти влезе под кожа. Всушност, треба да се проба секако. Резултатот што ќе го добиете на крајот ќе ви даде задоволство, па макар и не бил совршен. Сите во почетокот грешат, вклучувајќи ме и мене. Сум грешела милијарда пати, особено кога сакав да направам едно крем бруле. Фрлав и тенџериња и садови, но не се откажав (се смее). На крајот кога ќе го видиш изразот на лицето на тие што јадат, кога ќе затворат очи и уживаат во вкусот, е тоа е непроценливо. Тоа за мене е врвот. Мислам дека и тоа е причината што готвам – за другите да бидат среќни.
Си размислувала ли некогаш да се пријавиш на некое шоу од типот на „MasterChef? Би влијаело ли тоа на твојата самодоверба?
-Сум размислувала, но не сум сигурна дали би го направила тоа. Секогаш го следам шоуто, тоа ми е врв! Сум работела под притисок, но не знам колку тие реално шоу-а се реални. Можеби изгледа дека кој знае колку е тешко, а не е. Веројатно претходно имаат пласирано рецепт, па така натпреварувачите знаат кои намирници да ги земат и да ги подготват. Инаку, би влијаело на самодовербата, но само позитивно. Секогаш сум сакала да соработувам со луѓе што готват. Сакам да гледам, да учам, но исто така, убавината е во тоа што ти знаеш нешто што можеби друг не знае, па ќе споделиш и обратно. Сум имала таква шанса да соработувам со еден дечко што е шеф и никогаш не пропуштам шанса да учам. Не ги разбирам луѓето што се занимаваат со истово што и јас и ги доживуваат колегите како конкуренција. Јас уживам кога гледам некој како готви и како тоа му е љубов и напротив, сакам да запознавам луѓе и да споделувам искуства.
Твој предлог за лесен и вкусен летен рецепт?
-Последно нешто што направив е трилече, на поедноставен и подостапен начин за сите, па ете нека биде воедно тоа и мој предлог за летниве горештини.
Имаш ли правила во кујна? Кои ти се правилата во кујна, а кои во животот?
- Па, како и повеќето жени веројатно, не сакам многу да ми „се врткаат“ низ кујна додека готвам. Не сакам да ме прашуваат: „Што е ова?, Може ли да пробам? Како го правиш? И слично... Тогаш го правам лутото лице од претходно што зборувавме (се смее). Кога работам сакам да сум сконцентрирана. Имам маана што, кога гледам некој кога готви, да му се мешам, да кажам: „А зошто не пробаш вака или онака“, иако на крајот и тоа излегува вкусно, но ете... А сакам да дадам совет бидејќи некогаш е навистина полесно, но добивам коментар од типот на: „Ок е Софка, знаеме дека готвиш“ (се смее). А правила во живот... Не знам, јас се водам по инстинкт, кој секогаш ми е супер развиен. Ако ја осетам работата од „стомак“, ја правам.
Следиш мода? Важна ти е?
-Не следам од типот на тоа да видам што е тренди. Секогаш се облекувам како што се чувствувам. Понекогаш правам микс од спортска-елеганција, затоа што не сум научена на потпетици да одам. Дванаесет години тренирав одбојка и навикната сум во патики. Секогаш внимавам да изгледам пристојно за пригодата, но ако во нешто не се чувствувам убаво или не сум тоа јас, тогаш не го ни носам, бидејќи нема ни да знам како. Ми се случува и да се дотерам и да ги изненадам сите, да „паднат во несвест“.
Си експериментирала со изгледот или си прилично стандардна кога е тоа во прашање?
-Експериментирав и тоа многу. Израснав со 12 машки во маало и едно девојче. И цело време гледавме филмови со карате и скироли. И знам дека тогаш (14 години) носев скинати фармерки, широки маици и марама. Така со скирол одев и на училиште, па наставничката ме враќаше да се облечам соодветно. Бев бунтовник, такви ми беа годините. Имав и кратка коса, бев и русокоса и црвенокоса... Во последно време можеби сум и досадна, бидејќи постојано ми е собрана, но така ми е најудобно, а и поради работата е најпрактично.
Ја спомена одбојката, ти недостасува ли? Ѝ се навраќаш ли понекогаш?
-Откако престанав професионално да се занимавам, се пријавив на два турнира на одбојка на плажа. Освоив прво место и доста е... Ако ми недостасувало, ќе сум се организирала нешто, така што веројатно не.
Ти си најстарата сестра...
-Да, јас ги имам сите ќотеци изедено (се смее). Се шегувам. Разликата меѓу мене и брат ми е четири и пол години, а меѓу мене и сестра ми девет. Додека растевме, знаевме да си „пречиме“, од типот на помалиот сака да дојде со тебе, зошто помалите сакаат да се дружат со постарите... Но, тоа е нормално. А како стануваме постари, така сме сѐ поблиски, што многу ми се допаѓа. Има една чудна поврзаност меѓу нас. Имаме чудна смисла за хумор на кој ние до солзи се смееме, а другите околу нас само нѐ гледаат и ни се чудат (се смее). Многу е убаво да се има брат или сестра, а уште ако имате и едно и друго, тогаш е вистинско богатство. Колку повеќе деца, толку е повесело и поубаво. Кога ќе седнете на маса фамилијарно, колку сте повеќе, толку е поубаво.
Колку сте слични или различни меѓу себе?
-Сестра ми ни е лидер за хумор во семејството. Има таква жичка и понекогаш сакам да сум како неа, чисто за да се истакнам во друштво (се смее). Многу сме слични. Тројцата имаме слични размислувања, си бараме совети. Без разлика што сум јас најстара, често знам да барам совет од нив, за да добијам објективен став. Инаку, отсекогаш сон ни било кога ќе пораснеме, да имаме на огромен плац и да имаме три куќи една до друга, бидејќи сме многу поврзани.
Од неодамна имате и внуче... Како ти поминува времето со него?
-Едвај чекам да го видам, особено ако подолго време не сум го видела. Го „стискам“, гњавам... Таква љубов за внук, а можам да замислам како изгледа за свое дете... Или пак, кога ми недостасува, барам да ми пратат фотографија, за да можам да го гледам. Љубов голема ми е.
Летото ти е резервирано за...?
-Прво чекам да помине „Галичка свадба“, да бидам присутна околу ресторанот, потоа се префрлувам во Скопје исто така по работа. Ќе бидам задолжена за дел од подготовките на ресторанот „Антигона“ во „Македонско село“, каде ќе биде застапена интернационална храна, со што ќе се обидеме да го направиме поинаков од останатите ресторани во градот, па и државата. Планиран ми е и еден викенд во Грција, да прославиме роденден на една другарка, а крајот, ако сѐ биде како што треба, ми е резервиран за одмор во Хрватска.
Шминка и фризура: Елена Андовска
Локација: „Македонско Село“, ресторан „Антигона“
Реализација: Fashionel.mk