блогерка

Храната е гозба за сите сетила!

Интервју со
Јелена Никодиноска Чаповска
31 јануари 2017

Доколку сте обожавател на социјалната мрежа Инстаграм и барем еднаш во денот имате навика да погледнете што ново се случува, тогаш веројатно сте го забележале профилот на оваа девојка. Ако пак сте од оние кои се помалку зависни од храна, како во мојот случај, тогаш мали се шансите да сте ја пропуштиле. Јелена Никодиноска Чаповска е една шик девојка која секогаш носи уникатни парчиња и уште постилски комбинации, а притоа знае да готви и рецептите ги споделува на нејзиниот блог за мода и храна fsquared.mk. Со неа разговаравме за тоа како успева да ги спои овие две области, од каде се роди љубовта за готвење, кое е најубавото место што го посетила, како и за тоа каква иднина има блогерството во Македонија.

Добар апетит! 

-Која е Јелена Никодиноска Чаповска?

Франкофон. Магистер по американска книжевност. (Од неодамна), моден и кулинарски блогер. Амaтерски фотограф. Сонувач. Страсна салса танчарка.

-Што е она што Ве инспирираше да почнете да се занимавате со мода, храна и фотографија?

Со фотографија се запознав во средно, кога под менторството на фотографот Иван Блажев, мојот тогашен наставник, ги осознав техниките најпрвин на аналогната фотографија, а потоа и на дигиталната. Моето естетско фотографско око се разви за време на неговите конструктивни часови каде експериментиравме со контраст, експонажа, игра на сенки и сл.

Љубам да готвам. Готвењето е љубов, игра, задоволство — синергија на состојки, зачини, бои и мириси. Посебно ме радува што во изминативе неколку години во Македонија дојде бран на здрава (и сирова) храна која значително им ја покрена свеста на луѓето во поглед на она што секојдневно го внесуваме. Иако живееме во време каде динамиката е поразлична од онаа од пред 10 години, одбивам да го прифатам изговорот „Немам време за готвење“ или „Ич не ме бива за готвење.“ Тоа е исто како да кажеш „Немам време за моето здравје“. Доволнo е да имате желба да влезете во кујна и да почнете да експериментирате со состојките. Никој не бара од вас да бидете експерт. Кога станува збор за храна, за мене не постои поголемо задоволство од чувството дека се сладам со нешто што лично сум го создала.

Верувам дека стилот ми се развивал во текот на годините, како што сум созревала и како што ми се оформувал ставот и вкусот за нештата во животот. Верувам дека директно или индиректно, свесно или несвесно, врз мојот стил влијаеле (уличната) мода на градовите каде имам живеено, имено Париз, Остин и Њујорк, како и луѓето кои ги имам сретнато и на кои им се восхитувам, не само во поглед на модниот и животен стил, туку и интелектуално. Мојот стил е колаж од градови, луѓе, книги, филмови, песни. Драстични промени во стилот не сум имала.

Желбата за моден блог никна сосем случајно. Пред сѐ, бев поттикната од  комплиментите за мојот стил што луѓето околу мене постојано ми ги упатуваа. Се одлучив да споделам фотки од моите секојдневни комбинации, кои би можеле некому да послужат за стилска инспирација. Доследна сум на мојот стил. Мојата замисла за блогот не е ексцентричен моден едиторијал, туку дневни (најчесто) кежуал комбинации кои навистина ги носам. Што се однесува пак до кулинарската страна на блогот, идејата никна од сопствената желба да споделам едноставни, здрави и вкусни рецепти. Кој пробал, знае (се смее). Јас сум одговорна за фотографиите за храна, а за модните фотографии сум му бескрајно благодарна на мојот сопруг, Мице.

-Гурман ли сте?

Секако! Храната е гозба за сите сетила.

-Кое е јадењето за кое сте експерт?

Колач од кајсии.

-Како би го опишале Вашиот личен стил во неколку зборови?

Природен. Женствен. Удобен.

-Може ли да се спојат модата и храната?

Секако, види www.fsquared.mk.

-Има ли иднина блогерството во Македонија?

Мојот блог започна како, и сѐ уште е едно хоби. Ме радуваат позитивните коментари кои ми се поттик за моите постови. Во Македонија веќе постојат одлични блогови за мода и за храна. За разлика од Америка, Франција, Германија, Шпанија, Италија, Шведска, Русија, Австралија и други развиени земји каде блогерите/ките заработуваат од своите блогови, блогестрството во Македонија е сѐ уште во рана фаза. Една од причините е фактот што претставуваме мал пазар, но тоа не значи дека нема простор за растење во догледно време. Веќе има фирми и маркетинг компании во Македонија кои ги следат блогерските трендови, и остваруваат соработки со блогери/ки за промотивни кампањи.

-Кое е најубавото патување на кое сте биле? Каква храна пробавте таму?

Мојот меден месец во Тајланд. Тајландската кујна е волшепство и сладење на душата. Слатко, зачинето, кисело, солено, пикантно.

За време на нашиот престој во Тајланд, ја искористивме можноста да земеме часови за готвење тајландска храна каде научивме многу за нивната традиционална кујна, зачините и редоследот на кој се мешаат за да се постигне одреден вкус . Од таму си купив цел куфер намирници и зачини со кои веќе почнав да експериментирам, и можам гордо да се пофалам дека моите ракчиња во кари сос со ориз на пареа им парираат на јадењата кои ги вкусивме таму. Мирисот и вкусот нѐ вратија на улиците на Банкок и Краби.

-Која е најдобрата кујна според Вас?

Секоја кујна што ја имам пробано до сега, ми се допаднала. Секоја кујна, вкусот, мирисот и текстурата на храната будат спомени, не само поврзани со јадењето, туку и со местата и луѓето. На пример, секој пат кога ќе се вратев од странство, чувството да се биде дома беше надополнето со вкусовите на полнети пиперки, турлитава со модар патлиџан, селско месо, погача, баклава или локум.

-Со што друго се занимавате освен со блогерството?

Во моментов работам во меѓународното училиште НОВА. Покрај работата и блогот, обожавам да одам на салса забави, веќе неколку години сум член во танцовото студио Сонриса.

-Како ја замислувате совршената среќа?

Здравје и спокој во срцата на моето семејство. Сплотеност.

-Колку Инстаграм Ве инспирираше да почнете со фотографија? Мислите ли дека е добар начин за промоција?

Инстаграм е една  од најпопуларните социјални мрежи која пред сѐ се базира на визуелното. Со фотографија се занимавам одамна,  а Инстаграм го гледам како еден вид портфолио од мои фотографии. Земајќи ги во предвид успесите на интернационалните блогери/ки, не само за мода, туки и за храна, внатрешен дизајн, хортикултура и сл. што ги имаат постигнато благодарение на Инстаграм, несомнено е дека во денешно време оваа апликација е една од најмоќните за промоција.

Објавено:
31 јануари 2017
object(stdClass)#486 (8) { ["nid"]=> string(5) "15727" ["ga_count"]=> string(4) "1347" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1690668000" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1691013600" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
1.347 пати