Интервју: Ламбе Алабакоски во нова модна приказна

Интервју со •
4 ноември 2013

По подолго време заслужена пауза, младиот и шармантен Ламбе Алабакоски повторно се враќа на македонската музичка сцена. Овојпат, сосема одморен и освежен, со нови погледи кон животот и музиката, ни раскажа за големиот број новости што го следат периодов. Низ целиот разговор што го водевме, се проткајуваше новата, позрела личност на некогашната тинејџерска атракција, сега сосема променет со големи планови пред себе и со бурма на раката.

Како што тој ни раскажа, бракот според него е брод што плови по мирни води. Отсега многу често ќе може да го гледаме во модели на модната куќа Елена Лука, со која неодамна потпиша договор. Алабакоски зад себе ја остави М2 продукција и во музичките води продолжува со План Б, за кои вели дека ги имаат вистинските планови за него. Најавува нова песна, видео запис, многу настапи и албум за уживање во раната пролет. Неговиот фетиш се обувките, на кои сака да троши и најмногу пари.

За новата соработка со модната куќа Елена Лука ќе каже дека очекува истата да биде многу успешна, бидејќи станува збор за навистина докажан бренд.

„Ние со Елена Лука соработувавме и за Велигденскиот концерт што се одржа лани. Конкретно, оваа соработка дојде преку мојата нова продукција План Б, а истата ќе се состои од креации што тие ќе ги подготвуваат за мене за концерти, останати настани и фестивали. Елена Лука е бренд што е докажан кај нас и мислам дека со самото тоа што сум јас, и тоа што го работам, ќе имаат инспирација за некои новости во стилот кај мене и мислам дека ќе имаме многу успешна соработка“, вели Ламбе.

Она што тој го спомена низ разговорот, а на што ние многу се израдувавме, е можноста за некоја негова сопствена линија во соработка со модната куќа.

„За некое време може и линија некоја ќе има, но тоа ќе си дојде само по себе. Оваа соработка сега се однесува само за концерти, настапи и фестивали што следуваат во иднина. Мислам дека ќе имаме убава соработка бидејќи имаме добро искуство и од претходно“, вели Ламбе.

За тоа дали е зависен од модата и колку се грижи за својот стил, ќе каже дека се труди колку што може.

„Се трудам и да задржам нешто што е класика, бидејќи модата често се менува и не можеш секогаш да ја следиш и не секогаш ти одговара тоа што е во тренд. Мислам дека со Елена Лука наидовме на заеднички јазик да имаме некои креации, што ќе потсетуваат на мојот стил и она што ќе го бараат моите настапи секако“, појаснува Ламбе.

Како највредно парче што го поседува во својот плакар, ја посочува " target="_blank">креацијата од модната куќа со византиски орнаменти, специјално изработена за него.

“Станува збор за креација што за мене е навистина драга и која ја носев на Велигденскиот концерт. Кога станува збор за тоа на што најмногу трошам пари, мислам дека тоа би биле обувките, без разлика дали се работи за чевли или пак чизми, кои обожавам да ги носам“, вели Ламбе.

Она што секако не интересираше нам, а веруваме и поголемиот дел од женската публика, е тоа колку Ламбе прифаќа сугестии за стилот, особено од неговата сопруга.

„Жените секако имаат повеќе искуство кога станува збор за облека. Може да се каже дека прифаќам некои сугестии од мојата сопруга, но секако го носам и тоа што мене ми одговара, без разлика на тоа на кој колку му се допаѓа“, објаснува Ламбе.

На музички план Ламбе има големи планови. Најавува нова песна и видео запис, настап на Скопскиот фестивал, а ќе биде и специјален гостин на концертот на Џибони на 16 ноември во арената „Борис Трајковски“.

„Новата песна е нешто што досега не сум го направил. Пред се, тоа е една балада, но е направена како клубска верзија што е многу интересно и мислам дека видеото што ќе се снима многу наскоро ќе се вклопи во целата приказна и ќе биде нешто ново, нов правец од мене. На Скопски фестивал ќе се претставам исто така со една многу убава балада. Потоа следува онаа претпразнична атмосфера за Нова година, тука веќе се планираат неколку новости што нема сега да ги откривам, па на пролет веќе се планира и новиот албум“, открива Ламбе.

На прашањето зошто ја напуштил М2 продукција, тој ќе каже дека тие се уште се во сосема добри односи, па дури и најавува нови песни во соработка со Дарко Димитров за новиот албум.

„Не можам да кажам дека ја напуштив М2 продукција, тие уште функционираат и како ексклузивец ја имаат Елена Ристеска. Ние се уште сме во одлични односи, имавме едно одлично искуство до сега, тие ме направија, тие ме донесоа на естрадата и јас имам само пофални зборови за нив, но мислам дека до тука ни беше тоа што требаше заедно да го направиме. Мене ќе ми биде особена чест да продолжам да соработувам со Дарко Димитров, останавме во контакт. На новиот албум ќе има песни од Јован, од Роберт, од Лазар, од сите актуелни композитори меѓу кои и Дарко Димитров се разбира. Тоа што ја прекинавме соработката, не значи дека ги прекинавме добрите односи“, појаснува Ламбе.

Во музичките води тој продолжува со План Б продукција, кои за него имаат навистина големи и амбициозни планови.

„Нема некоја посебна причина што ја одбрав токму оваа продукција. Ние се знаеме од претходно и можеби тоа наше познанство прерасна во една соработка. Кристијан и План Б се прилично млади во овој шоу бизнис, доста амбициозни и мислам дека тоа што сега сме заедно ќе придонесе многу како за нив, така и за мене и општо за македонската музичка сцена“.

Токму неговата нова продукција му ја овозможи честа да настапи на иста сцена со балканскиот шармер Џибони и заедно со него да направат едно вистинско шоу за паметење.

„Целиот настан го организира План Б продукција, и оттаму и поканата за моето гостување. Да се пее на концерт на Џибони е огромна чест, секој пејач има барем три омилени песни од Џибони. Како артист, тој е еден од најдобрите на Балканот“, вели Ламбе за Џибони.

За крај, посакавме Ламбе да ни ги открие бенефитите од брачниот живот, нешто што за него е сосема ново и како што тој вели, едноставно неверојатно.

„Воопшто не се случуваат некои екстремни промени. Едноставно, самиот начин на живеење си го носи своето. Мислам дека ако се спореди она кога си сам и кога си во заедница, спротивно од она што го зборуваат, ова што јас го живеам сега е еден брод што плови по мирни води, но секогаш има и по некој ветар. На сите би им препорачал да се решат на овој чекор, но секогаш и првенствено е најважно човек да биде среќен. Јас сум многу среќен и им посакувам на сите кои во иднина планираат ваков чекор, да се одлучат на истиот бидејќи тоа е еден незибежен јарем од Бога“, задоволен вели Ламбе.

На големо задоволство на неговите обожаватели и публиката, Ламбе ни откри дека со неговата сопруга дефинитивно остануваат во Македонија и ќе живеат на релација Битола – Скопје.

На читателите на Fashionel тој им препорача секогаш да бидат отворени за сугестии кога станува збор за стилот, но најважно од се е секогаш да бидат среќни и да се чувствуваат удобно во тоа што го носат.

„Секако, на крајот на денот, најважно е луѓето да се полни со самодоверба“, вели Ламбе за крај.

Објавено:
4 ноември 2013
bool(false)