Интервју Ненад Секирарски: Модата треба да излезе од забавните рубрики

Интервју со •
24 ноември 2014

Секогаш смирен, професионален и расположен за соработка, Ненад Секирарски и овој пат срдечно нè пречека во своето ателје. Повод беше последната соработка и патот во Берлин, а откривајќи ја и својата духовита страна, но и сериозните ставови за одредени прашања, поразговаравме и за негвоите почетоци, актуелната состојба на македонската сцена, неговиот вистински дом...

Во продолжение, прочитајте го разговорот со дизајнерот Ненад Секирарски:

Како се случи да Ве види и берлинската модна сцена?

- Соработката со Берлин беше на покана на еден од сопствениците од ангецијата No 1, се работи за избор број еден топ модел на светско ниво. Тоа е еден малку поспецифичен избор. Кај нас сме навикнати на избор за Мис, каде сè е гламурозно, помпезно, а овде се работи за избор на модел. Ангенцијата бара од други агенции од светот да испратат девојки, а тие си бираат која девојка ќе ја земат за некоја сегашна или идна соработка. Самиот настан, како што може да се види и од фотографиите е наменет за скаути, луѓе кои се во професијата. Немаше гламур и имаше помала публика, од околу 100-тина посетители, но што знаат точно за што се дојдени. Тие имаа можност да ги видат моделите, кои претежно беа од Европа, но имаше и девојки од Америка, Мексико, Бразил, да видат како изгледаат, како се снаоѓаат во разни ситуации во текот на тие 2-3 дена, како и тоа да си одберат девојка со која би сакале како агенција да соработуваат. Сите девојки што учествуваа носеа мои креации, направени специјално за оваа пригода.

Зошто овој настан беше посебно искуство за вас?

Бевме двајца дизајнери, јас и уште еден од Германија, Робин Рајан. Претставувањето на девојките беше во џинс, во костими за капење, и на крјаот во претежно венчални фустани од дизајнерот Робин Рајан, како и мои фустани. Поентата беше да се види телото и движењето на моделите. Едно е движење во џинс, а сосема поинакво во вечерна тоалета... Се правеа пробни фотографии и снимки, пози, бидејќи тоа беше тоа што се бара. Морам да напоменам дека сите девојки беа манекенки со искуство. Имав некои рамки во кои работев. Не се работеше за модели што би ги направил на пример за класично претставување со колекција. Сакаа да биде нешто потранспарентно, со слоеви на тантела или слични транспарентни материјали, каде што ќе може фино да се види телото. Тоа беше малку поразлично од мојот стил на работа, јас не сакам да сум премногу провокативен во тоа што го изработувам. Но, мислам дека успеав да го амортизирам тоа што тие го сакаа и да биде некако посуптилно, а мене лично ми беше предизвик. Од друга страна, која девојка како влегуваше во конкуренција, така јас добивав фотографии и мерки и требаше да се направат фустаните за комплетно да им соодветствуваат, затоа што имаше девојки со различна боја на кожа, градба, коса, каде што мораше сè да се вклопи. Различно од мојата досегашна работа, но во тоа беше и предизвикот и убавината.

Зошто свечените фустани Ви се најголем предизвик?

-Свечениот фустан е предизвик, затоа што всушност жената во него ми е предизвик, како и женственоста, гламурот, елеганцијата, убавината. Во таа насока секојдневната облека е малку поинаква. Но, од друга страна, и добро скроените сакоа ми се предизвик. Тоа е нешто што многу го ценам и сакам да го работам. Сметам дека тоа е едно поле каде има многу што да се прикаже, а сепак да се задржи во класични рамки. Затоа што ако одите на работа и работата бара од вас да носите сакоа, мислам дека може низ тој елемент да покажете еден друг концепт, дека естетиката и дека модата ја цените малку поразлично од другите, од тоа што може да се купи, и тука веќе се отвора една многу широка врата на експериментирање, играње и нови материјали.

Како започна Вашата модна приказна?

-Во принцип, моето поле на интерес е многу широко, отсекогаш било, а и ќе биде така. Во моментите кога како дете созреваш и гледаш во кој правец да одиш, кои се твоите интересеи, дизајнот постоел на некој скриен начин. Потребата пак, да се изработи нешто, да се направи нешто убаво, секогаш постоеше. Првото нешто што го изработив беше за девојката на брат ми, сега веќе долгогодишна сопруга. И беше роденден, требав да ѝ подарам нешто. Јас сакав да биде нешто интересно, па ѝ направив шапка. Таа ја чува и ден-денес. Тоа беше моден елемент изработен комплетно од мене, со кутија, буквално како еден финален продукт. Интересно ми беше задоволството кога го сработев тоа и видов дека можев да го правам тоа. Кога требаше да продолжам со образованието, дизајнот во Македонија не беше професија што многу ветува, во смисла дека не можеш да заработиш од неа, да функционираш... Не дека јас сакав кој знае колку да заработувам, но сакав да можам да живеам од тоа. Затоа, одлучив да одам во Белград да студирам молекуларна биологија, од причина што тоа ме интересираше многу. Генетскиот инженеринг беше многу актуелен конкрајот на 1980-тите. Сите зборуваа за тоа, мене ми беше интересно, ми „лежеше“. Многу е креативна таа работа и сега го мислам тоа, можете многу да создавате. Е сега, денес отидоа работите малку екстремно, па можам да кажам дека сум среќен што не сум дел од тој филм, бидејќи не се согласувам дека треба толку многу да се манипулира со генетиката. Кога се запишав таму, бидејќи лесно ми одеа студиите, а повеќето од колегите беа жени, па низ разговори почнуваш да раскажуваш што и како те интересира, почнав да им предложувам комбинации, а цртањето никогаш не ми било проблем. Официјалниот старт да речам, беше кога на настујување на моја братучетка се пријавив на конкурсот за агенција „Клик“, која тогаш почнуваше со работа. Тие бараа соработници и веднаш ме примија, бидејќи изгледа дека видоа дека има тука нешто. После првата ревија и адреналинот што ми проработе во бекстејџ, си реков, па јас би сакал да го работам ова и во наредните 30 години, а не во лабораторија.

Какво е Вашето видување на македонската сцена сега?

Од една страна многу ми е драго што припаѓам на една генерација дизајнери (од оваа гледна точка), што поставивме некакви теми. Од Белград се вратив во 1997, Ношпал се врати од Франција, Ефтимов од Италија.. Јас немав да кажеме некакво образование во тој поглед, но имав голема практична работа на белградската сцена, што можеби до некаде помогна, затоа што пак е некако блиско до балканските сфаќања. Тука почнуваше и Булевски да работи, Розе Трајчевска, Раде Василев работеа костимографија и некако одеднаш се створи за тие шест месеци до година дена една критична маса, при што можевме да застанеме и да кажеме, ние сме креатори, не сме шивачи, да направиме дистинкција. Па, во тој период се јавуваа многу фризери кои се декларираа како стилисти, па кој е стилист сега... Тоа уште важи и денес, за жал...Некој кажува дека е стилист, а работи фризура, или евентуално и шминка, а всушност стилист во онаа вистинска смисла на зборот, да работи исклучиво стајлинг, мислам дека кај нас нема. Низ тие некои речиси 20 години успеавме да поставиме темели кај нас на она што значи да си моден дизајнер и како луѓето да се едуцираат, да сфатат што значи кога ќе отидеш кај дизајнер, а што кај шивач на пример. Далеку од тоа дека ја потценувам работата, затоа што токму од таа работа произлегува мојата, ама е различна. Затоа сметам дека денешнава генерација на дизајнери можат свесно да застанат и да кажат јас сум дизајнер и да се знае на што мислат. Тоа донекаде ја олеснува работата, но донекаде и ја отежнува. Треба да понудат нешто ново и да градат нешто што можеби за 10-тина години ќе можеме да кажеме дека е идентитет на македонската мода. Да кажеме дека тоа е наше, не бугарско, српско,француско... туку наше, македонско, автентично и што ќе се носи со идентитет и задоволство.

На добар пат ли се? Вие сте редовен посетител на Моден викенд Скопје...

-Мислам дека да... Веќе има неколку генерации на дизајнери што се профилираат, што е супер. Од друга страна, се профилираат различни типови на дизајнери, кои позади себе носат своја критична маса на клиенти и обожувачи на мода што е исто супер. Мислам дека веќе имаме модна сцена, што е фантастично. Првите модни недели што почнавме да ги правиме во 2002 беа турли тава. Не се знаеше ништо. Ни позади сцена не се знаеше кој што прави, кој на кого му одговара, кој е битен. Излегуваше дека пејачките се побитни креаторите, до тоа да не се знаеше кој треба да седи во првите редови – наместо луѓе од мода, седеа роднини и пријатли... Сега веќе се кристализираа некои работи. Но, да бидеме реални, ни париската модна недела на почетоците сигурно не била совршена... Мора да поминат години за да се направи некаква традиција и култура. На крајот на краиштата сметам дека сега веќе имаме публика која знае кај оди, знае што гледа, како да се однесува и на крај, што конзумира, па да процени дали е тоа добро или не.

Зошто веќе Ве нема како учесник на Моден викенд Скопје?

-Не се работи за тоа дека не ми е предизвик, но често се случува да се разминеме со термините. Во Белград сум континуирано од 2004. Тоа е терен каде што ме познаваат, очекуваат од мене, и од каде што имам фидбек и тоа е нешто што јас не би го прекинал. На нашиот се појавувам од нултот моден викенд.Тој ретко се спомнува во медиумите, па дури ни тие самите (Моден викенд) мислам дека не го спомнуваат, но на тој многу работи расчистивме – како треба да се работи, што треба да се работи...донесувајќи сите ние што сме од светот на модата различни искуства од различни страни. Како и да е, најчесто се разминуваме со термините и далеку од тоа дека го потценувам или игнорирам. Многу длабоко го почитувам, а тоа го покажувам и со своето присуство на ревиите. Не исклучувам дека ќе се појавам, но сакам тоа што ќе го сработам да го „одмерам“ на некој неутрален терен, каде што луѓето не ме познаваат, каде што не зависам од тој пазар и можам да си создадам реална слика за тоа кој сум, како сум, и колку сум добар во тоа што го работам. Тоа е единствената причина. И колегите кои почнаа малку повеќе да излегуваат надвор мислам дека доаѓаат до истиот заклучок, затоа што сметам дека кога ќе отидете на некој неутрален терен и ќе се појави некој што ќе ви каже: „Супер е“, е многу подобро од  луѓето што ги гледате секој ден што по дифолт ќе ви го кажат истот. Поинаков е фидбекот.

Како гледате на медиумската застапеност на модата кај нас?

-Можам да кажам дека Македонија живее на Интернет. Модата е визуелна уметност, мора да имаме визуелно примање – преку фотографија, снимка... Среќен сум што постојат портали каков што е Fashionel, секогаш актуелен и го третира тоа како што треба, и мислам дека е супер што модата може да живее, затоа што тоа што вие ќе го објавите, потоа се шири на социјалните мрежи и луѓето го гледаат тоа. Донекаде ми е жал, затоа што сум носталгичен по телевизијата, што нема емисии што би можеле тоа повеќе да го проследат. Сакам и печатени медиуми, но сепак, задоволен сум што може тоа што го работиме да се види и на Интернет, па може да го види многу поширока популација, отколку на пример во списание.

Како дизајнер, чувствувате ли потреба од модно здружение?

-Точно ги знам почетоците на здружението што два пати се обидовме да го оформиме. Првите состаноци се одржуваа тука во моето ателје, првите собирања поголеми на сите дизајнери се одвиваа тука, додека да се најдат поголеми простории. Да не верував дека е потребно и исправно, немаше со толкав ентузијазам и волја да ставам сè на располагање, за да можеме тоа да го изреализираме. За жал, можеби не беше вистинското време, можеби од друга страна и не беа вистинските луѓе кои сакаа да се вклучат во таа работа. Сепак, сметам дека едно такво здружение ни е неопходно, за да може некој да биде сфатен сериозно во работата што ја работи. Во самото здружение донекаде се преслика и нашето општество, каде што за сè постојат две страни, два табора, две мислења, два става, наместо сите да се удружме во една цел. Секогаш постои некој што сака да повлече на своја страна, заради лична корист, или едноставно задоволство на личното его, без разлика на тоа која е причината. Јас и понатаму верувам дека едно такво здружение треба и мора да постои. Можеби некој од новите генерации на дизајнери кои се растоварени од претходната работа на тоа како треба да функционира модниот дизајн во Македонија, ќе има доволно доблест и време и свесност за едно такво здружение да се направи. Колку што можам да видам, тие и многу повеќе се дружат меѓу себе, него што нашата генерација се дружеше. Можеби тоа е и еден начин на созревање. Можеби ќе треба време да помине. Ама е неминовно, за да може да се направи нешто поголемо. Модата во Македонија треба да излезе од рубриките за забава во некои медиуми и да влезе во рубриката за култура затоа што, земја која има мода позади себе, е земја која може да припаѓа на цивилизирано општество. Сето тоа е дел од нас, но можеби некои од нас беа попрогресивни во дадениот момент, ама немаше доволна критична маса за да остане до крај.

Се плашите ли дека детето во Вас ќе порасне?

- Јас се плашам, но затоа постојано му купувам нови играчки (се смее). Мислам дека тоа е најважно. Не само во мојата професија. Во мојата е неопходно, но и генерално, во секој човек треба да има еден дел од детето во него, за да може да игра да истражува, да ужива во животот. Постојат луѓе кои во 35-тата велат „Јас сум стар“, и сметам дека тоа е резултат на тоа што дозволиле детето во нив да порасне. Не знаат да си играат, да се извалткаат во песок, да ги натопат нозете во дожд, да изгорат на сонце, оној момент кога заборавате дека друго нешто постои околу вас, освенр работата што ја работите... За среќа, јас сè уште се заборавам во работата што ја работам, некогаш знам и до два-три часот наутро да седам да работам и утре да станам во 6ч. и да се чувствувам одморен и среќен. Мислам дека тоа само детето во играњето може да го направи. И се додека го чувствувам тоа, мислам дека ќе бидам среќен... Се надевам дека така ќе остане до крај (се смее).

Роден сте во Куманово, работите тука, често сте и во Србија... Каде е Вашиот дом, каде Ви е срцето?

-Вистинското мое раѓање беше во Белград затоа што таму успеав на 18-19 години, да се родам во ова што сум сега. Да се запознаам себе си во вистинското светло,  да дознаам кои се моите вистински потреби, и секако да дозволам тоа да заживее. Да, роден сум во Куманово, но вистинското раѓање ми е во Белград и секогаш кога одам таму се чувствувам како да му се враќам на мојот роден град.

kolaz-3-650x552

Што посакувате да Ви се случи?

-Не целам толку на големо, на желби од типот бутик во Рим ( се смее). Се задоволувам со мали нешта и си поставувам мали цели што можам да ги достигнам. Дури и кога ми се случи модната недела во Париз, пред десетина, не ни помислив дека такво нешто ќе биде можно, иако секој дизајнер си ги посакува големите модни недели. Од друга страна, кога ќе погледнам на тоа сега, си велам, па добро убаво искуство е, не е ревија некоја голема, но сум влегол во тоа, сум видел како функционира, можеби некогаш повторно и ќе се навратам на тоа, но поголем предизвик ми се нови земји, култури, запознавање на нешто што не е main stream во мода, како што се Париз, Милано, Лондон, Њујорк...Можеби се и годините, но и емоциите се во прашање. На пример, никогаш нема да го заборавам учеството на модната недела во Тирана, затоа што таму луѓето вистински уживаа во тоа што го гледаа. Немаше многу Холивуд, или извештачени лица во публика, но тие што беа сакаа вистински да видат убавина и уживаа во неа... За прв пат ми се случило после секој модел на писта да има аплауз, да после тоа сакаат да се поздрават со тебе, затоа што на други места тоа е веќе многу неискрено, извештачено. Сите како да се разбираат од мода, сите глумат големи познавачи, па ги исмејуваат блогерите, партал ги прават по медиумите, затоа што се испозанесоа колку тие сè знаат и дека тие се тие што треба да коментираат за мода... Овде беше многу искрено човечко доживување и задоволство и тоа мене како дизајнер ме исполнува..

Се живее ли од мода?

Се живее (се смее). Во последниве 20 години јас живеам исклучиво од тоа. Никогаш не сум работел нешто друго освен ова што го работам. Некогаш си размислувам, тешко е од мода, како ајде да видам нешто друго, но навистина не би знаел што друго би работел (се смее). Мислам дека сè уште ќе можам да живеам од модата. Тоа ме исполнува и сметам дека тоа е најголем благослов човек да може да ја работи работата што ја сака и да живее од неа.

Објавено:
24 ноември 2014
bool(false)