Музичкиот ген во семејството Кукиќ профилираше и обележа неколку генерации генијални музичари кои ја задолжија не само домашната, туку и регионалната музичка сцена. Традицијата на семејството ја продолжува и нивната најмлада генерација, со уште поголеми амбиции. Растен во атмосфера каде музиката е и добро утро и добра ноќ, Иван Кукиќ е наследникот на Горан и Ленче, за кој регионалната јавност веќе слушна, ама светот допрва ќе го запознава.
Заедно со маестро Влатко Стефановски и со неговиот син Јан, Иван веќе извесен период настапува во трио што е исклучителна привилегија за еден млад музичар, но она што особено ќе донесе возбуда во неговата кариера, е нивниот неодамнешен заеднички настап пред концертот на Стинг на Градскиот стадион во Скопје.
Токму со импресиите од заедничката сцена со Стинг, го започнавме нашиот разговор, а како го продолживме читајте во продолжение...
Иван, ретко кој има привилегија да ја дели сцената со Стинг, особено млад човек на твоја возраст. Какви се твоите впечатоци од заедничкиот настап со Влатко Стефановски и неговиот син Јан, како предгрупа на неодамна одржаниот концерт на Стинг на Градскиот стадион во Скопје?
- Чувството беше прекрасно да се настапува со маестро Влатко Стефановски на големиот концерт пред Стинг. Пресреќен сум што баш јас ја имав таа чест... За мене тоа е едно големо искуство, предизвик и мотивација да работам уште повеќе и се надевам сè повеќе да настапувам на настани од таков карактер.
Како дојде до твојата соработка со Влатко Стефановски, со оглед на тоа дека во последниов период имаше неколку заеднички настапи со генијалниот маестро? Што како млад музичар најмногу те импонира кај неговото творештво?
- Со маестро Влатко Стефановски стапивме во контакт преку еден наш заеднички пријател и така после некое време Влатко дојде до идеја да ме покани да бидам гостин на неговиот солистички концерт во Нови Сад. Беше многу возбудливо, се разбира имав и позитивна трема бидејќи одговорноста е голема да се дели иста сцена со Влатко Стефановски. Маестро со неговото огромно искуство и професионализам на секој досегашен настап нè мотивира и ни шири позитивна енергија да веруваме во тоа што го правиме и да одиме напред.
Со заедничките настапи со Влатко и Јан, продолжувате и периодов?
- Да, сега за сега активно настапуваме како трио со Влатко и Јан и сум среќен што таа соработка продолжува и понатаму.
Потекнуваш од исклучително музичко семејство. Дали тоа беше пресуден момент и ти професионално да навлезеш во полето на музиката? Имаше ли друга опција за тебе освен музиката?
- Јас пораснав со музика и искрено никогаш не размислував со што друго би се занимавал во животот. Никогаш не сум имал притисок од мојата фамилија дека мора да бидам музичар и сум среќен за тоа бидејќи на сила нема убавина, но верувам дека и моите родители се среќни што по своја волја ги следам нивните постапки.
Ти си сестран музичар, свириш на неколку инструменти, компонираш своја авторска музика... Сепак бас гитарата ти е најголема љубов. Која е магијата на овој инструмент?
- Секој инструмент си има своја убавина. Јас уште како мал ги сакав сите инструменти и баш сè сакав да пробам. Почнав да свирам клавир, па народни инструменти и тука некаде е и бас гитарата што почнав случајно да ја свирам и ми стана најголема љубов. Кај нас во студиото во Струмица се снимаше еден материјал каде што бас гитара свири чичко ми. Бидејќи басот беше интерпретиран фантастично, јас тие композиции ги слушав секојдневно и еден ден ја земав бас гитарата од чичко ми и многу се потрудив да се приближам до тоа што беше отсвирено. Од тогаш бас гитарата ми стана љубов и секој ден сè повеќе и повеќе разбирав што е бас гитарата во музиката. Бас гитарата е еден од столбовите на музиката, би дал еден пример и би кажал дека музика без бас гитара е исто како да градиме куќа без темел. Секој инструмент си има своја убавина и свое место во музиката, а кога има добро интерпретиран бас јас лично чувствувам една посебна магија што ја збогатува целата музика.
Од кого научи најмногу за музиката?
- Најголемите мои учители се моите родители, но исто така и за голем дел од моето знаење му благодарам на мојот професор Благој Маротов што несебично ми го пренесе неговото големо искуство и знаење.
Се одлучи да студираш на Музичката академија во Белград. Кој беше моментот што „те купи"?
- Моментално сум студент на Музичка продукција и дизајн на звук во Белград. Од секогаш ми било интересно сите тие инструменти што ги свирам да ги склопам во едно снимајќи ги еден по еден, имало моменти кога цела ноќ поминувам во студио и едноставно не знаеш кога поминало времето, па така ден за ден ми се јави таа желба да студирам дизајн на звук.
Струмица или Белград?
- Искрено дома си е дома, но и Белград е градот што ја врзува мојата фамилија бидејќи мојот дедо е од таму. Па така не ми е никаков проблем да се вклопам во животното темпо на Белград, бидејќи станува збор за еден прекрасен град што од секогаш бил центар на случувањата.
За што сонуваш?
- Сите ние си имаме свои соништа, но за да ги оствариме соништата ни треба многу труд, работа и самодоверба, па така јас лично би оставил времето да покаже што ќе се случува понатаму. Секако ги следам моите соништа и се надевам дека еден ден ќе ми бидат остварени.
Што значи за тебе квалитетно „потрошено" слободно време?
- За мене квалитетно "потрошено" слободно време значи една убава дружба со моите најблиски пријатели и организирање на времето така како што сакам јас.