Пред 22 години, во 1992 кога условите на македонската деловна платформа биле исклучително тешки и предизвикувачки и кога се профилирал идентитетот на домашните приватни претпријатија, е основан македонски бренд за производство на хулахопки кој се спротиставил на сите искушенија на пазарот и после две децении е веќе препознатлив по својот квалитет и оригинален пристап во производствениот процес. Успешната семејна-бизнис приказна на Л-Д Колант сплотува две генерации од семејството Атанасови, родителите кои сериозно и посветено ја изградиле и развивале основата на фирмата и нивните деца кои го модернизираат корпоративниот имиџ со внесување на современ и свеж дух во визионерскиот пристап кон продолжувањето на приказната. По тој повод, разговараме со директорот за маркетинг и продажба, Љубица Атанасова која од својата мајка-една од првите успешни жени претприемачи во Македонија, го наследува чувството за бизнис и менаџмент, но и женствениот сензибилитет во вистинскиот пристап кон македонската жена како прв клиент.
Л-Д е успешен семеен бизнис кој повеќе од две децении гради свој препознатлив идентитет на пазарот. Ретроспективно навраќајќи се од почетоците до денес, како се развиваше Вашата деловно-семејна приказна?
Нашата семејна компанија датира од 1992 година кога мајка ми, Мара Атанасова (дипломиран технолог инженер во текстилна насока со долгогодишно искуство во текстилната индустрија и хемиското боење на конец) одлучи да го напушти работното место од една државна компанија и заедно со татко ми, Кирил да основаат бизнис за производство на хулахопки. Идејата за основањето беше поттикната од големиот интерес во процесот за производство на хулахопки (производ кој е нежен и кревок, а сепак цврст и изджлив) и желбата да се биде прв што ќе ги исплете првите македонски хулахопки. Фирмата е основана летото 1992 година, а првите свилени хулахопки - ЕМА беа исплетени на 17-ти декември истата година. Тој период беа понудени уште три производи: перлонски хулахопки, и свилени и перлонски доколенки. Денес, скоро 22 години подоцна броиме 16 производи кои што ги нудиме на македонскиот пазар и десетина кои се во последна фаза на развој.
Во 2010 година јас се приклучив во семејниот бизнис превземајќи го делот за маркетинг и продажба, а во 2012 година брат ми Димитар се приклучи на тимот ориентирајќи се кон оперативното работење на компанијата и генерално менаџирање на истата. Секако без разлика на нашите позиции сите одлуки ги носиме заедно и иако секој од нас предводи конкретен процес, сите сме инволвирани во скоро сите сегменти во нашата семејна фирма. Пред неполни две години почнавме и со ребрендирање на нашиот целокупен корпоративен изглед. Формиравме ново бренд име – La Dama, ново лого, нови пакувања, креиравме веб страна, и други корпоративни материјали. И до крајот на Мај нашите производи треба да бидат застапени во новото руво ширум земјата.
Во континуираниот развој на бизнисот, сигурно значајно влијание имала и релацијата помеѓу двете носечки женски улоги во Вашата приказна, мајката и ќерката. Кои се придобивките и бенифициите, односно постојат ли негативни страни кога се испреплетуваат приватните и деловните односи?
Општо земено, ние сме женска фирма, која работи за жени. Тоа не е поради тоа што ние не вработуваме или пак не соработуваме со припадници на посилниот пол, туку едноставно самиот производ некако тоа го налага. Фирмата иако е основана од моите родители, поради природата на производот, лидерската позиција ја имала мојата мајка. Па најверојатно поради истата причина и јас како припадник на понежниот пол постепено ја превземам нејзината улога на лидер на фирмата.
Сепак, како што спомнав претходно иако секој од нас е одговорен за одреден оперативен процес, улогите што сите ние ги имаме во нашиот семеен бизнис се испрепрлетени и варијабилни. И секако наидуваме на потешкотии да ги исклучиме емоциите и да ја занемариме фамилијарната релација. Нашите ручеци, вечери па дури и веселби се исполнети со разговори поврзани со бизнисот. Кога сме сите заедно, ги дискутираме бизнис проблемите/можностите/предизвиците со кои секојдневно се соочуваме. Тука нормално наидуваме и на судрување на гледишта на оснивачите (мајка ми и татко ми) и наследниците (брат ми и јас) и следат долги дискусии дур не се изнајде соодветно решение прифатливо за сите. Како што долго дискутираме и дебатираме кога ќе се судриме со проблеми и предизвици така и неизмерно се радуваме и гордееме на секој мал или голем успех. На крајот на денот тимскиот дух и упорноста е тоа што не оддржува да опстоиме во оваа конкурентна економија.
Следејќи ги новите тенденции кои ги наметнува пазарот, Вие сте во процес на комплетно корпоративно ребрендирање и создавање нов имиџ преку новиот бренд La Dama?
Со корпоративното ребрендирање започнавме пред скоро 2 години и од корен го менуваме нашиот изглед со цел да го подобриме нашиот имиџ на пазарот. Започнавме со детална маркетинг анализа на македонскиот, но и светскиот пазар, врз база на која го отпочнавме проектот. Вториот чекор беше креирање на ново бренд име и дизајн на лого за новото име – La Dama. Со новото лого сакавме симболично да ја означиме нежноста, но во исто време и јачината на една жена па затоа логото што го избравме за нашиот нов бренд е во форма на цвет од ружа во која се формира профил на жена. Потоа следеше фотосесија за сите наши производи (постоечки и идни) креирање на новите пакувања и веб страница, корпоративни материјали, итн.
Промоцијата и најавата на новиот бренд – La Dama беше направена на 8ми март. На повеќе од 5000 дами им беше поклонето промотивно поклонче по повод денот на жената.
Во моментов, за нас овој голем проект е на крај и дистрибуцијата на нашите подобрени производи во новото руво е започната. Очекуваме дека до крајот на Мај La Dama ќе има целосно присуство на македонскиот пазар.
Вие сте жена менаџер која развива вистински женски бренд пред се според преференциите на македонската жена. Со вашето долгогодишно присуство на пазарот, како ја дефинирате македонската жена, какви се нејзините вкусови и барања?
(Се смее) Главниот менаџер кој ги има развиено нашите производи е мојата мајка. Јас сум среќна што наследувам разработен бизнис кој е основан од една од првите жени-претприемачи во Македонија и се трудам колку што е можно повеќе да го развијам согласно светски трендови. Развивањето на женски бренд бара голема посветеност и доста труд, но за возврат нуди уште поголемо задоволство.
Кога станува збор за нашите производи морам да напомнам дека тие се направени согласно пропорциите на македонските жени или подобро речено на балканските жени. Најинтересен момент во мојата штотуку започната кариера како менаџер за маркетинг и продажба во Л-Д ДОО е тоа што македонските жени обично бараат поголем број/големина на хулахопки од големината што вистински би требало да ја носат. Често со клиентки наидувам на дебати дека наместо големина L (4) треба да носат М (3) или пак наместо големина М (3) треба да носат S (2). Најчесто, на крајот одлучуваат да го прифатат мојот совет со тоа што им оставам мој број и гарантирам дека во случај погрешно да сум ги советувала , слободно можат да ме побараат за да им дадам гратис производ како надокнадување за грешниот совет. Морам да признаам дека сум среќна што до сега никој ми се нема јавено за гратисен производ, што значи дека точно сум советувала.
За жените од наше поднебје можам да кажам дека иако се во чекор со модните трендови, повеќето од нив изборот на хулахопки го задржуваат на класичните производи. Најверојатно бидејќи класичните производи можат да ја прикажат убавината на женските нозе на најдобар начин, а и како што велат- трендовите бледеат, класиката останува вечна.
Што би издвоиле како клучни кулминативни моменти во развојот на Вашата компанија?
Без лажни скромности, такви моменти сме имале доста. Но, да не должам многу, би спомнала само неколку. Секоја набавка на нови машини и други апаратури и адаптирање на производствениот процес бил предизвик за нас. Истото важи и за осмислувањето на нови производи бидејќи секој нов производ провлекува разноразни адаптации на производствениот процес (одредување на тип на плетка, шиење, хемиско боење, пакување), дизајн на пакување, и секако пробивање на производот на пазарот.
Инфузијата на свежа крв (брат ми и јас) во нашата фирма важи за голем пресврт во нашето постоење. Имено од тогаш почнаа големи промени и модернизација на работењето во Л-Д ДОО.
Како еден од најголемите кулминативни моменти е токму ребрендирањето кое што е на крај и иако сме доста задоволни од промените што ги имаме направено, резултатот штотуку ќе го видиме. Според досегашните реакции на нашите клиентки и оштоземено на женската популација, нашите очекувања од овој проект се доста големи и се надеваме на ништо помалку од позитивен резултат т.е. задоволни постоечки клиентки и придобивака на нови.
Какви се производи вкучува Вашата понуда?
Нашата понуда нуди класични-елегантни хулахопки за сите возрасти и типови на женски градби. И сите производи се произведуваат согласно пропорциите на жените од нашето поднебје. Во моментов нудиме 16 типа на мазни клот хулахопки, доколенки и чорапи во различни денијажи (дебелини) и бои, и со различна еластичност. Или лаички кажано од свилени хулахопки- тенки како пајажина до дебели перлон и микрофибер хулахопки. Нашите производи се направени во големини од Ѕ (2) до ХХL (6), со тоа што кај хулахопките наменети за жени со покрупна градба [од L (4) до XXL (6)] има вметнато специјално парче како би се осигурала удобноста на истите.
Секако тука се и детските хулахопки кои што се погодни и за деца на возраст од 1 до 14 години.
Тенките – проѕирни хулахопки ги нудиме во стандардните бои, додека полу-прозирните и непроѕирните перлонски и микрофибер хулахопки ги изработуваме и во бои кои што се во тренд во дадена сезона. Некогаш изработуваме и некој интересен (импровизиран) дизајн согласно потребите на одредени клиенти (карневалски или маскембалски забави, свадби и слично).
Но, покрај се нашето долгогодишно искуство покажува дека најмногу се бараат класични клот модели во класични бои, па затоа фокусот го ставаме на производство на такви производи. Како што спомнав претходно - трендовите бледат, класиката останува засекогаш.
Каква е продажната мрежа на Вашите производи, односно каде заинтересираните клиенти може да ги купат?
Нашата палета на производи е еднакво застапена по руралните и урбаните места ширум Македонија. Производите се пласирани во различни типови на малопродажни места како мали - маалски дуќанчиња, бутици, специјализирани продавници за интимна облека и хулахопки, локални мини-маркети и супер маркети, и националните ланци на супер маркети Супер Тинекс, Веро, Рамстор, Мај Маркет и Туш, итн.
За следната сезона (од септември месец) планирано е проширување на продажната мрежа во Македонија, а за следната година надвор од Македонија. Размислуваме и за отварање на наш сопствен малопродажен објект, но ова е уште во фаза на планирање.
Објаснете ни ја процедурата од идеја до реализација на еден производ од Вашата компанија?
Идејата најчесто доаѓа преку барањата на пазарот (клиентите) и модните трендови. Ние редовно ги слушаме барањата и коментарите на нашите клиентки и секогаш се трудиме да ги прилагодиме и подорбиме нашите производи согласно барањата на нашите клиенти и трендовите во дадена сезона. Често знаеме да ги консултираме и припадниците на посилниот пол, бидејќи тие се активни набљудувачи и уживачи во производите што ги нудиме.
Процесот на производство започнува со плетење на ногавиците кое се прави со помош на специјални кружно плетечки машини, па потоа следи спојување на истите т.е. шиење, хемиско боење, топло пресување и пакување на финалниот производ. Преку целиот процес големо внимание се посветува на проверка на квалитетот на производот, така што нашите производи поминуваат низ 3, некогаш 4 квалитативни проверки пред да бидат пласирани на пазарот.
Со какви предизвици се соочувавте на пазарот? И како опстојувате и прогресирате низ годините?
Во далечната 1992 година пласирањето и афирмација на непознат производ со Македонско потекло беше голем предизвик. Имено се судривме со тешкотии при докажувањето дека производот навистина е произведен во Македонија, и тешкотии при надминување на врвните брендови што во тоа време се пласираа на нашиот пазар.
Сега после полни 21 година опстојување, иако низ годините сме се соочувале со скептицизмот на потрошувачите во однос на македонските производи, со докажаниот квалитет успаевме да создадеме доверба кај нашите клиенти со што недовербата драстично се намалува во континуитет. Тука би сакала да спомнам дека покрај тоа што недовербата е уште присутна помеѓу потрошувачите, свеста на потрошувачите е на доста повисоко ниво што резултира со преферирање токму на домашното производствo.
Кога станува збор за опстојување на нашата фирма, би рекла дека поради тоа што овој тип на производи најмногу уживаат реклама од типот „од-уста-на-уста“,клучниот елемент во нашето 21 годишно опстојување и прогресирање на пазарот е константниот квалитет и континуираното подобрување на нашите производи.
Според бизнис агендата за оваа година, каква иднина ја очекува La Dama?
Можеби ќе звучи доста оптимистички, но очекувам СВЕТЛА иднина за La Dama.
La Dama е бренд што верувам дека ќе допре до секоја софистицирана жена со модерни сваќања, која истовремено ја познава суштината и тежината на традиционалните вредности.
Нашата агенда за оваа и наредните две години е полна со активности. Главните активности за оваа и следната година се проширување на производствените линии и надополнување на нашето портфолио и проширување на нашата продажна мрежа. Планираме многу промотивни активности и соработка со лица од естрадата. Има и доста други активности, но тие би сакала да останат изненадување.
Комерцијален текст