Доколку некогаш сте имале можност да ја запознаете оваа дама, веднаш ќе знаете дека станува збор за една исклучително талентирана и ведра личност полна со живот во себе! Поминаа точно 10 години откако Наташа Мијатовиќ – Мијата ја освои сцената на музичкото шоу Македонски Идол, а оттогаш па сѐ до денес, таа има направено многу работи со кои секој човек би се гордеел. Неодамна се случи и промоцијата на нејзиниот прв и долгоочекуван албум „Небеска“ на кој таа смести вкупно 13 песни за разгалување на душата. Во моментов го очекува второто дете, а изгледа подобро од кога и да е! Таа беше и повеќе од љубезна да помине еден ден со нас и сосема на кратко да ни ја раскаже минатата деценија од нејзиниот живот, сите подеми и падови, но и идни планови за кои ние и ја посакуваме сета среќа на светот! Само за Fashionel, Мијата го отвори и својот плакар и ни покажа некои од нејзините најдраги парчиња од плакарот, за кои бевме сигурни дека се супер колоритни како што е и таа самата!
Уживајте!
-Ви се верува ли дека помина цела деценија од Вашето појавување на Идол, па сѐ до првиот албум? Зошто чекавте толку долго време?
Мене овие десет години толку брзо ми поминаа, што се чувствувам како вчера да бев на Идол за прв пат, очи во очи со македонската и балканската публика и кога го имав оној ентузијазам што ќе се случува секоја вечер, бидејќи секоја вечер имаше посебна тема во шоуто. Денеска, да, овие години звучат како бројка, но толку беа исполнети со многу случувања и на музички и на приватен план и мислам дека за тие 10 години ниту еднаш не застанав да тапкам во место, па да ми се видат многу. Не знам дали можеше албумот да биде порано затоа што со ова темпо каде што сама работам и творам и финансирам и сѐ, мислам дека можеше можеби една до две години порано да се случи, но имав и многу други обврски што одземаат време. Мислам дека публиката ќе ме разбере.
-Раскажете ни нешто повеќе за „Небеска“...
Албумот има 13 песни, издавач е студиото Rock & Roll и Ѓоко Мишковски. Ова беше наша прва соработка и излезе многу успешна затоа што не е едноставно да се сретнеш со некого со кого треба прв пат да работиш, а да ти обезбеди целосна слобода и да не се меша во твоето творештво, во изданието, во смисла на омот на албум и сѐ останато. Омотот го работеше Александар Пешевски, Ведран Бојановски го сликаше, а музиката е таа за која што јас бев задолжена изминатите 10 години. Голема соработка имав со Трајко Симоновски со кого и направив најголем дел од песните, голема заслуга има и мојот учител по пеење Горан Диновски затоа што без таа алатка, не можев да се менувам и на тој начин да ги изведам различните песни. На сите автори и музичари што се потпишани на албумот им се заблагодарувам што оставија дел од својата душа за мојот сон да стане музика и тоа навистина е така. Чекав за да имам задоволство што ќе трае засекогаш. Некогаш многу се исплати човек да не ги избрзува работите.
-Какви приказни се кријат зад песните од албумот?
Зад секоја песна се крие приказна. Француската шансона Pardonnez – moi беше песна за која што може да се каже дека беше апсолутен почеток на мојата кариера затоа што со таа песна победив на Фестивалот за француска шансона тука во Македонија и ја претставував земјата во Хрватска, тоа беше еден пасош за мене, за да излезам и да разменам искуства со некои европски и светски музичари. Макфестовската „Нема да помине“ е посветена на татко ми, за неа имам снимено и спот. Потоа, „Волшепства“ која што беше направена и снимена на нашиот меден месец итн., и затоа ќе кажам дека сите песни имаат своја приказна. Секоја песна е од некоја година и мислам дека затоа можеби ова е некое прекрасно заокружување на 10 години творештво. Можам да кажам дека ова е мини музички споменар што ќе може да ме наврати во одреден период кога секоја од тие песни е создадена.
-Каква е според Вас ситуацијата со македонската музичка сцена во моментов?
Мислам дека сите се трудат да творат и не се откажуваат затоа што не е многу едноставно, бидејќи кога знаеш дека не е стимулирачки она што го работиш, а сепак го работиш, значи на крајот, остануваат само некои луѓе што навистина ја сакаат музиката дури и ако треба да одат со главата во ѕид, иако знаат дека финансиски е неисплатливо. На крајот остануваат тие што времето не исфилтрирало да продолжиме да работиме, но тука се и оние млади надежи, што можеби уште не се свесни што ќе биде понатаму, но и тие даваат голем придонес кон музичкото творештво. Кај нас е секогаш така, без разлика за кој период и да станува збор, секогаш ќе кажеме дека нешто не чини, а кога после десет години ќе ги слушнеме тие песни, им се восхитуваме. Секогаш велам дека времето е најголем филтер за сѐ.
Мијата на Скопски фестивал 2014
-Од каде професијата контролор на лет? Како ја балансирате таа професија со музиката што е тотално различно?
Контролор на летање многу случајно, имаше конкурс, па откако излезе конкурсот, се пријавив и реков ако ме примат, тогаш ќе размислувам за враќање од Америка, ако не, ќе видиме што ќе се случи понатаму. По игра на случајност, ме примија и се вратив. Спојот на професиите...има микрофон и во едната и во другата (се смее), има адреналин, рокови, нема монотонија, така што од овој аспект, не би можела никогаш да се замислам себеси да работам во стандардно работно време на биро, пред компјутер, значи тоа немаше да се случи ниту да не бев контролор на летање. Секогаш ќе одберев поактивна професија. Има многу други споеви затоа што музиката е како некој вид спектар на мојата душа, а контролор на летање целосно ме опишува мене како карактер. Јас сум контролор на летање што пее и пишува песни! Тоа е мојот личен опис. Да не станев контролот на летање, можеби немаше да опстанам ниту во музиката.
-Се каете ли што се вративте од Америка?
Па мислам дека не. Од денешна перспектива, очигледно дека среќата ми била тука и статусно, според сето она што го постигнав, се исплатеше одлуката. Многу беше важно што отидов, затоа што сфатив колку можам, друго е кога ќе мораш да се етаблираш во средина во која никој не те познава, не ти прави сопки, но не ти ни помага. Таму е многу поинаку, таму нема кој да ти ги испере алиштата, кој да ти ги здипли...Без разлика дали си во Америка, во Европа или во Австралија, она што е важно е секој од нас да се проба во некој дел од животот, да стане независен, па макар и да работи на шанк и да живее под кирија со цимер. Потребно е да се тргнеме од родителските слатки стеги затоа што не прават паратизоидни.
Мијата е страстен вљубеник во ранците!
-Последниве години драстично ги намаливте килограмите и се појавивте со еден сосема поинаков кул стил. Во што е тајната и како успеавте во тоа?
Патешествието почна со дебелеењето всушност (се смее). После породувањето со првото дете, сфатив дека имам проблем со тироидната жлезда и килограмите почнаа да ми се зголемуваат. Отсекогаш сум имала многу килограми, само инцидентно сум слабеела, секогаш наменски. Се обидував со вежбање, со сите тие работи да ги намалам килограмите, но најмногу успех имав со Протекал диетата. Со многу луѓе со кои разговарав кои исто така имаа проблем со тироидната жлезда, ми рекоа дека тоа е тоа, дека ќе морам да си ги носам килограмите и да се помирам со тоа. Се случи на работа неколку колешки да ја држат Протекал диетата и кога видов дека кај нив има многу голем ефект, си реков дека е време да почнам. Ја почнав на 16 јануари со стартни 112 килограми и до јули имав веќе 72. До Скопски фестивал, беше само онаа трета фаза, како стабилизирање на метаболизмот, собирање на кожата и слично, а многу е добра диетата бидејќи кожата сега ми изгледа многу подобро од кога бев девојче. Сепак 40 и нешто килограми е многу, многу сум благодарна за оваа диета бидејќи без разлика на тоа што бара повеќе финансии, таа е многу ефикасна. Мислам дека нивото на самодоверба што ќе го стекнеш кога ќе се видиш во огледало така како што си се замислувал дека ќе изгледаш, нема цена. Сега е полесно бидејќи знам дека по бременоста, имам инструмент со кој можам да имам згодно тело. Диетата е на протеинска база, и се состои од подготвени оброци кои се дехидрирани на база на сурутка со арома на пудинг од јагода и слично. Никогаш не си гладен, никогаш не си сам и никогаш не зависиш од никој. Она што е суштинското е тоа што не му даваш на телото јаглехидрати и тоа потоа е приморано да почне само од себе да зема од резервите.
Мијата на промоцијата на Небеска во креација на Оливера Штакоска
-Како се подготвувате за доаѓањето на новиот член во семејството?
Веќе му кажавме на братчето дека ќе има сестра, супер го прифати тоа. Калин има четири ипол години и можам да кажам дека после четвртата година како од дете одеднаш да стана човече. Мислам дека се погоди и периодот со мојата бременост, па тоа влијаеше на неговото созревање, но интересно е тоа што автоматски сум порастеретена за неговата возраст, значи кога ќе се роди ова, не мора да трчам по него истовремено. Мислам дека направивме супер разлика, па ќе видиме како ќе се однесува тој кога ќе се роди неговата сестричка.
Дел од колекцијата колоритни парчиња во плакарот на Мијата
- Како би го опишале Вашиот стил во неколку зборови?
Еден збор што мислам дека многу добро би го опишал мојот стил, а мислам дека и мојата музика е таква, најверојатно и карактерот, е еклектичен. Можам да спојам неспоиви работи, мене да ми се допаѓаат и да ги носам како да одат и на луѓето да им се допаѓаат, а сепак не би ги облекле никогаш. Можам да кажам дека и Америка има малку влијание врз стилот, многу сакам и денеска фустани со чизми во комбинација, можам да покажам нежна страна, но да биде поткрепена со некој детал на воинственост, или стабилност. Еве на пример, јас повеќе сакам да носам ранци, одошто женски чанти. Многу сакам модни детали, дури и помалку посветувам внимание на главната комбинација, а повеќе на деталите. Мислам дека и некое просечно парче облека со вистински детали, може да изгледа многу поинаку и подобро. Тоа е и поентата, секој да си ја пронајде својата симетрија и да се води по неа. Сакам да експериментирам, тоа е рефлексија на она што го чувствувам во моментот. Не жалам пари за детали, за накит, за нешто што ме воодушевува.
Дел од колекцијата чизми на Мијата
-Сакате ли дизајнерска облека?
Морам да кажам дека многу почитувам наши дизајнери, соработувам со нив, можеби не за секојдневни настани, но кога станува збор за сценски настапи, сакам да соработувам со наши дизајнери затоа што на некој начин во музиката и јас сум наш дизајнер. Многу е поедноставно кога некој ќе те разбере во самиот процес на творештво на музика и кога го спремаш настапот да ја направи креацијата за тебе и да те отслика онака како што се чувствуваш, отколку да најдеш некои други парчиња. Досега сум соработувала со многу дизајнери меѓу кои и Рашковиќ, Елена Лука, Оливера Штакоска, со Дорис Танеска од Тетово, Ненад Секирарски и со многу други. И понатаму за спотови, за настапи, за музика, прво ќе тропнам на врата кај наши дизајнери, секогаш. Од странските дизајнери многу ми се допаѓа Зухаир Мурад, ме восхитува Оскар де ла Рента иако не сум тој тип на жена, но многу ми се допаѓаат неговите модели. Потоа Александар Меквин, Оливие Рустенг од Балман чии работи би ги носела. Многу ми е драго што имам соработник за накит, со Захарула работиме заедно накит, таа секогаш го знае мојот вкус. По некое време, си ги наоѓаш своите сродни души кои те познаваат и знаат што сакаш и секогаш се тука да излезат во пресрет за било каков настан.
Дел од фотосесијата за соработката на Мијата со модната куќа Елена Лука
-Кои се вашите идни планови?
Материјал музички секако има, само сакам малку да почекам да ја промовираме „Небеска“ и песните да си најдат свое место и пат до слушателите. Оваа и следнава година ќе биде во знак на „Небеска“, а мислам дека после тоа ќе бидам поактивна во однос на културолошки манифестации, можеби некои концертни настапи и слично.