Неговите уметнички дела пропатувале низ речиси сите светски меридијани. Попатно, биле наградувани со престижни признанија кои се привилегија само за одбран круг на уметници. Во своето искачување кон нов уметнички Монт Еверест, неодамна беше награден со уште една награда на светско ниво – нашиот академски сликар Синиша Кашавелски, фондацијата „Circle" го одбра за еден од Топ 10-те уметници за 2017-та година. Тоа беше уште еден повод плус, да влеземе во неговиот мистичен уметнички свет и да ви пренесеме дел од неговата уметничка магија каде се пресретнуваат патиштата на надреализмот и македонската традиција.
Синиша Кашавелски,академски сликар
Уживајте во разговорот со Синиша Кашавелски...
Во низата престижни награди и признанија за Вашата работа (меѓу кои и „Palm Art Аwаrd" 2016), неодамна добивте и награда за еден од Топ 10-те уметници за 2017-та година, што ја доделува фондацијата „Circle". На какво ниво се доделува оваа награда и колку ваквото препознавање и вреднување на Вашата работа Ве мотивира?
-Наградата на „Circle foundation for Arts" се доделува на светско ниво, бидејќи оваа фондација е платформа за уметници од целиот свет. Во 2017 година, со свои дела се имаа пријавено 1072 уметници од пет континенти од сите жанрови на визуелната уметност. Жирито што ги додели наградите, селекцијата ја има направено врз основа на визуелната претстава и содржината на делата, фокусирајќи се на кохезивноста на портфолиото на уметникот, опсегот на изработените дела, квалификациите и професионалното резиме. Да се биде класифициран во Топ 10-те' уметници во една ваква конкуренција, секако дека преставува една голема сатисфакција за мојата работа и е голем поттик за понатамошното творење.
Вашите дела пропатувале низ сите светски меридијани. Кои се најчестите прашања и реакции на интернационалната публика кога за прв пат се сретнува со Вашата уметност?
Она што мене најмногу ми остава впечаток е првата реакција на публиката, која зависно од тоа каде се изложени моите дела, најчесто инстинктивно реагира со прашањето: која е земјата на потеклото на авторот и делата со кои тие стапуваат во контакт. Македонија, како мала, но енигматична земја, е многу културно и спиритуално богата, но во светски рамки на некој начин недоволно промовирана, и од тука, чинам дека моите дела нудат барем некои одговори за тоа кои сме ние.
Каде е најблиската средба на македонската традиција и надреализмот, спојот што најчесто се среќава во Вашите дела?
Уште од самиот почеток на мојата уметничка кариера некако бев определен да го следам надреализмот како правец. Со тек на времето, некако само ми се наметна во моите дела да почнам да внесувам елементи од нашата традиција, која е многувековниот носител на нашиот искон низ времето. Средбата помеѓу овие две категории се случува во мистеријата која ќе се создаде околу идејата, односно приказната која ја раскажува сликата. Тој дел е она што најповеќе ме провоцира, и доколку успеам тоа да го доловам на платното, мислам дека сум на пат да создадам нешто убаво кое подоцна ќе биде препознаено од публиката ширум светот.
Неблагодарно ли е да се праша уметникот за тоа што говорат неговите дела?
Мојот одговор би бил - и да, и не. Иако тоа нерадо го чинам, некогаш на инсистирање на публиката сакам да дадам барем појдовна идеја за тоа што говорат моите дела, но во најголем број на случаи, она што е прикажано на сликите оставам да биде соодветно протолкувано од страна на секој еден што ќе дојде во допир со некое од моите дела. Во последните години влегов во еден циклус кој најсоодветно би можел да се дефинира како ребусно сликарство. Елементите кои го сочинуваат ребусот се во форма на симболи кои се поставени така да со нивното последователно откривање и поврзување го наоѓаат клучот за отворањето на мистеријата, односно содржината на приказната.
А каков е Вашиот карактер како уметник – делата ги создавате импулсивно или можеби се резултат на длабинска анализа?
Тоа зависи од фазата во која што сум во некое дадено време. Импулсот за нешто е универзална категорија и како таков е потребен да иницира, односно да го створи она што ќе постане нуклеус на едно дело. Во голем број на случаи, откако ќе се создаде иницијалното јадро, на сцена стапува имагинацијата која е суштински потребна за да се створи нешто пристојно. Од тука натаму започнуваат да се редат менталните скици кои што во себе ја носат целата магија и убавина на мисловниот процес. Не е реткост да се направат повеќе такви скици од кои подоцна ќе се одбере онаа што е најпровокативна во моментот и која во својата завршница ќе постане носач на она што се случувало во текот на имагинарниот процес.
Во Вашата потсвест, сликарството најблиску е поврзано со...
Потсвеста е многу силна категорија која игра огромна улога во творењето. Ако треба да се употреби некој збор што треба да ја долови поврзаноста на моето сликарство со потсвеста, тоа би било мистеријата на мојот внатрешен свет. Ако сакате, уште поконкретно, тоа би била мистеријата на женскиот дух и тело кои многу често фигурираат во моите дела. Таа невидлива врска која е прикажана преку генезата на женственоста е она што ги носи пораките во делата кои соодветно се обвиткани со додатна симболика која ја провоцира творечката мечта на уметникот.
Кој е најголемиот страв, а кое е најголемото искушение за еден уметник?
Искрено, не чувствувам никаков страв и затоа секогаш повеќе сум фокусиран на искушенијата кои ги носи поривот за творење. Истите тие можат да се поделат во повеќе категории - почетното искушение да се створи вистинската идеја, искушенијата кои ве следат во текот на етапите на создавањето на делото или на творечката фаза во која што се наоѓате, па се до искушението како завршниот продукт ќе биде прифатен од публиката. Чудни се патешествијата и искушенијата Господови, И тоа е она водилка која ве инспирира да останете во творечката сфера во која на некој начин секојдневно се натпреварувате сам со своите искушенија.
Како изгледа еден ден во Вашето ателје?
Се зависи од тоа што ќе ви донесе новиот ден. Доколку утрото ве затекне со некој сон кој што треба да се претвори во јаве, обично работам на разработка на идејата или циклусот во кој сум заглавен во тоа време. За такво нешто, потребен ви е амбиент кој во позадина ќе го стимулира творечкиот процес. Тоа обично е соодветна музика која секогаш и во секое време несвесно ме следи, и верувам, потсвесно ме поттикнува во она што го работам. Доколку веќе се работи на платно, тогаш гледам да се сконцентрирам на изведбата и апсолвираните ментални скици да ги реализирам до перфекција.
Што сметате за досегашно Ваше највисоко достигнување?
Во последните неколку години повеќе бев ориентиран на интернационалната уметничка сцена. Едноставно, созреа моментот кога сакав да влезам и да се испробам во арената на мојот жанр, но на светско ниво. Добив повеќе признанија од кои би сакал да набројам само неколку: Прво место на Palm Art Аwаrd, Германија 2016, златен медал во Лувр (Salon des Beaux Arts) Франција 2015 , 1st Absolute Prize in the Paintings section of the 2017 Edition of the Marchionni Prize, Сардинија Италија 2017 и други.
Чувствувам дека мое највисоко досегашно достигнување е златниот медал на зимскиот салон во Grand Palais во Париз во 2014 година, каде што претходно во 2012 и 2013 ги освоив бронзениот и сребрениот медал во конкуренција од околу 2500 излагачи од целиот свет. Да се добие една ваква награда на најголемиот уметнички салон кој важи за светска уметничка Мека и на кој на времето учествувале и такви величини како DE LA TOUR, POUSSIN, CHARDIN, , FRAGONARD, , INGRES, BOUGUEREAU, CABANEL, GERICAULT, DELACROIX, COURBET, MILLET секако дека преставува огромна чест.
А кои се следни врвови за искачување?
Чинам дека искачувањето на највисоките врвови е движечката сила која ве тера во еден даден момент да се испробате и да се искачите на самиот уметнички Монт Еверест. Токму привидната недостижност на ваквите врвови ме мотивираат да стапнам на некои од нив. Минатата година во октомври излагав во главниот град на Кина, Пекинг и тоа доживување остави силен впечаток врз моето битие. Различноста на културата, древната мудрост и мистеријата на истокот е она што почна внатрешно да ме прогонува и се повеќе размислувам во годините што се пред нас да се пробам и на таа сцена, имајќи ги пред се во план Кина и Јапонија. Но, пред да зачекорам кон земјите на изгрејсонцето, имам учество на неколку престижни изложби , февруари зимски салон во Париз во март едно од моите дела ќе биде изложено во Венеција, а во мај самостојна изложба во Сент Пол на Азурен брег.