Натали Ристовска е млад индустриски дизајнер, кој со помош на своето образование, креативност и ентузијазам, се обидува да ја приближи оваа гранка до народот. Зад себе има неколку изложби, проекти, помеѓу кои и оној за „Млади Балкански дизајнери“, каде со колегата Мики Стефаноски влегоа во 25-те најдобри.
Тоа беше повод да поразговараме со неа, а во продолжение, Натали зборува и за другите проекти, идни планови, став кон модата и нејзината колекција накит.
Дел од јавноста се запозна со тебе преку учеството на „Млади балкански дизајнери“ со проектот Stripe. Кажи ни повеќе околу инспирацијата за проектот и самото учество?
-„Stripe“ е проект на кој моментално работиме со Мики Стефаноски. Аплициравме на конкурсот за „Млади балкански дизајнери“ со прототип кој го изработивме лани летото, за време на работилницата за дизајн на мебел организирана од страна на Јавна Соба. Дизајнот беше селектиран заедно со уште 24 дизајни од целиот регион да биде дел од патувачката изложба наречена „Млади Балкански Дизајнери“. Почнувајќи од мај месец годинава, „Stripe“ ќе има промоција на сите регионални дизајнерски фестивали.
Процесот на дизајнирање на производ е сложен. Имавме многу идеи, но за да реализираме некоја од нив, најпрво беше потребно да се направи истражување за тоа што може да се произведе и со какви материјали, а што не може, при што кругот на идеи значително ни се намали. Од почетокот знаевме дека сакаме да направиме мултифункционален производ со едноставен интерфејс, лесен, а да биде изработен од метал. И да биде коцка, ама да не биде досаден (се смее). Со „наплив“ од идеи и многу скици дојдовме до дизајн на еден модуларен елемент кој е лесно подвижен и од кој може да се прават бесконечно многу комбинации. „Stripe“ во исто време е полица за книги, место за чување на обувки, столче, но и клуб маса.
Уште еден успешен проект е инсталацијата за зголемување на безбедноста во сообраќајот. Како дојде на оваа идеја? Следат ли уште вакви проекти од тебе?
- Инсталацијата „Тротоар“ е дел од 24 месечниот европскиот проект „Акупунктура на градот“ кој во организација на Јавна Соба и уште 3 здруженија од Југоисточна Европа започна во 2012 год., за време на Неделата на дизајн во Скопје, а истиот потоа се реализираше во Белград, Загреб, Сараево и Сплит. Целите на проектот се спроведување на индивидуални решенија, мали интервенции, за подобрување на квалитетот на урбаниот живот и решавање на проблем со којшто се соочуваат самите жители, добиени по пат на истражување на одредено населено место, во случајов, општина Центар.
Првично идејата за „Тротоар“ беше да се постават креативни зебри на булеварите пред самите основни училишта, со што ќе се зголеми безбедноста на учениците, но заради правилникот за сообраќајна сигнализација тоа не беше дозволено, па маркирањето, со поголеми модификации, го префрлив на самите тротоари кои се наоѓаат пред училишните дворови. Тротоарните зебри се поставени со цел подигање на свеста кај граѓаните во однос на безбедноста на учениците пред училишните дворови, совесно управување со возилата и прописното паркирање. Сметам дека истите се доволно впечатливи да го сигнализираат тоа. Идеи за вакви интервенции во простор имам, но не зависи само од мене нивната реализација.
Ти си дипломиран инженер по индустриски дизајн и веќе активно работиш на голем број проекти, а и успесите се евидентни. Сепак, кон што најмногу се стремиш и што е твојата цел?
- Моментално сум вработена како проектен менаџер во „Јавна Соба“, а паралелно работам и како индустриски и графички дизајнер на свои проекти и за клиенти. Дизајнот е моја определба и цел, да го работам со страст тоа што ме исполнува и да не се ограничувам во тоа поле, без разлика дали се работи за индустриски дизајн, моден или графички дизајн. Ја слушам мојата интуиција и ги реализирам моите идеи.
Што те инспирира?
- Ме инспирираат задачите кои треба да ги исполнам, виртуелното и реалното опкружување, модата, историјата, архитектурата, уметноста, материјалите, технологијата, универзумот, непознатото...
На чија работа се восхитуваш кога е твојата професија во прашање?
-Oki Sato - “Nendo”, младите дизајнеркиMelissa Losada и Marcela Velez на брендот за модните додатоци “M2Malletier” кој за кратко време стана омилен меѓу поддржувачите на уличната мода, Alexander Wang, Karl Lagerfeld и нашиот Антони Мазневски кој е безвременски уметник. Во оваа селекција би го ставила и неповторливото дизајнерско дуо Charles and Ray Eames чии дизајни се сè уште актуелни и модерни.
Љубител си на чистите, геометриски форми. Дали секогаш се држиш до таа естетика, или па правиш и експерименти?
-Точно, до сега сите колекции ми се геометриски. Тоа е мојот стил.
Има ли работа за дипломираните индустриски дизајнери во Македонија? Колку сметаш дека овде се почитува оваа професија и на кое ниво е информираноста на луѓето за тоа што го создаваш ти, односно твоите колеги?
- Индустрискиот дизајн е релативно нова гранка во Македонија која е во подем. За разлика од компаниите во регионот, чиј успех да направат бренд и да се позиционираат на пазарот се темели благодарение на соработката со индустриските дизајнери и технологијата со којашто работат, во Македонија таа свест ја нема. Работа има, но ретко која од нашите комапнии вклучува дизајнери во своето производство. Ретко која е свесна дека дизајнот го прави брендот и знае дека иновативноста и дизајнот се мост меѓу технологијата, потрошувачите и бизнисот.Морам да ги пофалам Завар Дизајн и Монозеро кои се исклучок и го препознаа потенцијалот за успех во дизајнерите и ги вклучија во своите последни проекти.
Дизајнерите во Македонија немаат многу простор за промоција. Единствено место на кое може да ги пласираат своите идеи, производи до поширока публика е „Неделата на дизајн во Скопје“ која се случува еднаш годишно.
Покрај веќе споменатите проекти, дизајнираш и накит. Зошто токму накит и каков е накитот што го изработуваш, се држиш ли и тука до чистите форми?
- Дизајнот е една комплексна област која не сакам да ја делам. Предизвик ми е да правам нешто ново и да испробувам нови нешта, па затоа и накит. До сега имам изработено само една прототип колекција на накит пред две години, а се надевам дека во брзо време ќе има уште од мене на ова поле. „Енсо“ накитот има вертикален акцент и нагласена симетрија што е карактеристично за арт деко стилот, ги содржи формите на минимализмот, има кружна основа, чисти линии и геометриски форми, а главната инспирација доаѓа од источната филозофија. Овие геометриски форми се комбинација од машкиот и женскиот принцип, а преку нив се претставени и четирите основни елементи, како и просветлувањето, силата, елеганцијата, универзумот и празнината. Колекцијата е унисекс и е изработена од нерѓосувачки челик и кожа. Така што, да, и тука се држам до чистите форми.
Имаш ли можеби целна група и подготвуваш ли нешто ново на тоа поле? Ќе се обидеш ли можеби и во дизајн на облека?
- Делот од развој на производот вклучува и негово таргетирање. Ако немаш целна група која ќе сака да го има и користи твојот производ, џабе работиш. Како што претходно напоменав, се сметам за мултидисциплинарен дизајнер, па затоа и немам постојана целна група. Таа е променлива и зависи од типот на производот кој го дизајнирам. Кога ја спомена веќе модата, таа е моја прва љубов. Се сеќавам како дете им дизајнирав облека на барбиките, а и сама си правев комбинации за во градинка. Би сакала некогаш да се испробам и како моден дизајнер, па можеби ќе се насочам и кон тоа во иднина. До сега сум дизајнирала неколку парчиња облека, но тоа само за себе, најверојатно поради потребата да носам нешто што сакам, а го нема на пазарот.
Колку ја следиш модата генерално и колку и посветуваш внимание?
- Модата е дел од моето секојдневие. Читам модни портали, следам неколку блогерки, фотографи, дизајнери, а и редовно купувам модни едиторијали, но не сум зависна од трендови, туку од стил. Поддржувач сум на безвременската мода.
Каков е твојот стил?
- Модерен безвременски минимализам, чисти линии, неутрални бои, изразени модни додатоци, кожа и метал.
Колку ја следиш македонската модна сцена? Чија работа ти се допаѓа?
-Ме интересира што се случува на нашава сцена, ја пратам и редовно ги посетувам модните викенди. Во последниве години има напредок, а се појавија и нови дизајнери што искрено ме радува. Има неколку дизајнери што ми се допаѓаат, но би ја издвоила работата на Росица Мршиќ, затоа што е константна и со изграден стил, а на последниот моден викенд, позитивно ме изненади и Роберт Ивановски со својата инсталациона ревија за колекцијата Wounded.
Без што не излегуваш од дома?
- Без парфем, црниот тефтер и куп пенкала во сите бои.
Како би се опишала себе си?
- Перфекционист.
Твои идни планови, проекти и желби...?
- Ах, има многу... Ќе ви кажам кога ќе ми се исполнат (се смее)