Сите познати сценарија во глобалната културно-забавна индустрија оваа година станаа неизвесни. Голем дел од настаните се откажаа, а другиот дел во модифицирана форма се прилагодија на нови услови и околности.
Д Фестивал е нашата нишка со светот и со музичкиот универзум. Изминативе девет години Дојран си го освежи и ликот и духот преку неговата силна и искрена позитивна енергија, а публиката доби фестивал на отворено од светски размери. Но, оваа десетта година по ред, кога е најавено и неговото јубилејно издание, непредвидливите околности изградија висок ѕид на неизвесности, што тимот на организаторите – Пасворд продукција, го прифати како предизвик, како крик за промена и потреба за иновација.
Со нов концепт, со скратена програма и со строг протокол на безбедносни мерки, годинешново специјално, вонредно, ама сепак не јубилејно издание (затоа што таквиот концепт како што велат огранизаторите е оставен за поздрави времиња), доби и нов назив „D Festival & Friends" што алудира на неговата програма која исклучително ќе биде посветена на локални музички херои и ќе биде сведена на целовечерен концерт на главната сцена на 22 август.
За сите детали, предизвици, неизвесности, но и изострени сетила, нови вредности и за лекциите што заедно ги учиме во овие времиња на непредвидливост, разговаравме со тимот на Пасворд продукција.
Пред вас е финалето од неколкумесечната организација на десеттото, јубилејно издание на Д Фестивал. Освен што е јубилејно, ова издание од многу аспекти е посебно, но веројатно и единствено ако се земе предвид дека се организира во вонредни услови и се соочивте со бројни непредвидливи ситуации. Какви предизвици ви донесе/носи креирањето и реализацијата на концептот на Д Фестивал 2020?
-Веќе не го викаме јубилејно, сакаме тоа да го чуваме за убави и здрави времиња. Ова ќе биде Ковид издание, вонредно, чудно, необично со тенденција да го направиме позитивно како чувство, не како медицински тест.
Низ годините, сме положиле испити за справување со разни стресни ситуации од измислени забрани, злонамерни контроли до секакви закони кои сме ги испочитувале. Сега треба да го положиме најтешкиот, па се подготвуваме и учиме со месеци. Бараме решенија како на најдобар начин да ги заштитиме сите вклучени, да ги засилиме хигиенските мерки, како и да ја едуцираме публиката за новите начини на однесување на настани.
Нашите амбициозни планови и подготовки за роденденското издание на Д Фестивал започнаа уште во септември 2019-та, а резултираа со 70% распродаден фестивал пред почетокот на пандемијата, што не се случило досега.
Ова издание е посебно поради довербата која сме ја стекнале од нашата публика, што за нас е огромна мотивација за надминување на сите предизвици.
Наместо традиционалната дата во јули, од разбирливи причини фестивалот го презакажавте за август. Постои ли простор за неизвесност и во однос на овој датум? Имате ли во план други алтернативи во случај на непопуларно сценарио?
-Неизвесноста е главната карактеристика на 2020-тата година, па водејќи се според тоа, изработивме разни сценарија за овогодинашното издание на Д Фестивал. Годинава се решивме за скратено издание и целосна домашна програма, преку целовечерен настан кој ќе се одржи на 22-ри август на главната бина во Дојран.
Полни надеж, целиме планираното да се оствари, а во случај да не успееме физички да го одржиме, сигурни сме дека пораката и позитивниот карактер на Д Фестивал ќе стигнат до домовите на нашата драга публика.
Нестандардната ситуација покрај неизвесноста, наметна и задолжителен, посебен протокол со заштитни мерки. Како ја преадаптиравте стандардната форма на фестивалот со цел и публиката и артистите и вашиот тим да се чувствуваат безбедно? Што сè е предвидено во сетот на безбедносни мерки?
-Во изминатите месеци, заедно со колегите од домашните продукции, го формиравме Здружението на културни промотери, кое во соработка со здруженијата на ивент индустријата и музичарите, изработи протокол за организација на настани. Протоколот е поттикнат и инспириран од позитивните искуства на соседните и Европските земји, а прилагоден за нашите стандарди. Ги содржи сите аспекти за безбедно организирање на настан во новонастанатата ситуација, од набавка на билети, до насоки за однесувањето на публиката и изведувачите. На влез на настанот на посетителите ќе им се мери температура, носењето на маска и дезинфицирање на рацете ќе бидат задолжителни, а зголемен ќе биде и бројот на медицински лица и обезбедување, со цел поефективно следење на ситуацијата. Сите насоки и мерки ќе бидат објавени на нашите социјални мрежи, како и на самиот настан, преку сигнализација и разни постери и видеа. Следејќи го протоколот, ние сме подготвени да дадеме се од себе за сите присутни да уживаат во настанот чувствувајќи се безбедно.
Дали непредвидливите околности ја променија и првичната листа на артисти најавени за ова издание?
-Уште од своето прво издание, Д Фестивал претставува платформа на која преку музичката програма и креативниот ПлоштАрт, простор за изразување секогаш имаат домашните уметници, артисти, организации и соработници. Во текот на изминатите девет изданија, на Д Фестивал учествувале повеќе од 250 домашни артисти и уметници од сите сфери. Оваа година, изданието под наслов "D Festival & Friends" е посветено на локалните музички херои. Како и минатите години, домашната сцена повторно ќе биде застапена, овој пат во целост, а првичната листа на најавени и планирани артисти ја чуваме за наредното големо издание во 2021-ва.
Верувам дека хендикепот што доаѓа во ваквите вонредни околности, е фрустрирачки. Но, од друга страна како велат: хероите во мака се познаваат! Од аспект на докажана продукција со долгогодишно искуство, кои се позитивните, а кои негативните аспекти во вашата сфера, што испливаа на површина во ова време на големи предизвици?
-Во глобалната слика на индустријата, нејзиното стопирање значи крик за иновација. Крик за препознавање колку оваа индустрија функционирала досега по патерн кој сега мора да биде видоизменет, а и колку членовите на индустријата ќе ја окарактеризираат како 'креативна' во наредните години. Соочувањето со немоќта е голема лекција за секој учесник и секој промотер, артист, агент. Потребата да се биде иновативен и креативен исплива на површина и ќе остане да живее, создавајќи нови вредности карактеристични на ова време во кое постоиме и создаваме. Од друга страна, последнава деценија се изгуби емоцијата и се претвори секој музички тон во индустрија. Кога машината ќе тргне повторно, сметаме дека сите ќе се вратиме почисти и поискрени.
Кампот е посебна емоција и особено омилена приказна во програмата на Д Фестивал, каде можеби и најавтентично се доживува фестивалската атмосфера. Но, како целата ситуација годинава се одразува врз неговата содржина?
-Апсолутно кампот е срцебиењето на фестивалот и една голема и важна приказна која ја создаде самата публика низ годините. Вообичаено фестивалите кои имаат камперски капацитети се навикнати да работат на целодневно сценарио за своите посетители и тоа е еден од најголемите предизвици. Оваа година кампот ќе се подготвува за наредното издание. Планираме структурни и просторни промени во самиот камп и неколку новости кои внимателно ќе бидат одработени со цел да се задржи автентичноста на просторот и неговата намена. Нема да затвориме очи пред потребата од претпазливост и затоа оваа година фестивалот нема да има активности низ градот Дојран ниту камперскиот дел, туку концертната вечер ќе се одвива исклучиво на големиот простор на паркингот Гранит.
Генерално, како гледате на ситуацијата во која (како и повеќето сектори, вклучително и вашиот) се затечени домашните артисти и каков е вашиот став во поглед на амортизирање на негативните последици што се одразија/одразуваат на домашната музичка сцена?
-Можеби единствен момент кога сите сме во еден брод, е овој. Што ќе направиме со моментот, повторно ќе ни одговори на прашањето дали веруваме во голема идеја за пренесување на порака преку уметноста или чекаме да 'помине' нешто што не знаеме дали ќе помине и да сфатиме дека ништо не сфативме од овие околности. Како што се одразува целата состојба на глобалниот, а не само на локалниот туризам, исто така е и во музиката. Артистите генерално имаат голема мисија да го одбележат ова време, а со тоа и самите меѓусебе да се поддржат, да изнајдат начин за приближување на делата со публиката, да бидат жив штит меѓу живиот свет и лошите вести.
Д Фестивал успеавте да го израснете во сериозна институција, Таксират брои веќе 22 години, Грин бич 12 лета, портфолиото ви е полно со низа успешни проекти, признанија, награди па и спомени, другарство... Што е клучно за една домашна продукција на секое ниво да парира на светските стандарди?
-Потребна е амбиција поголема од Шара и подалечна од Табановце. Вољата во оваа работа некогаш се граничи со лудило, но некогаш е и единствениот начин да се одржиш жив и со здрав разум. Убавината е што нема еден начин и што нема тајна состојка, доколку сте тука за да останете, а не да поживеете пар сезони. Добро се познати географските центри на индустријата како и неповолноста на Балканот и Источна Европа да чуе од блиску што се подготвува следно во глобалниот музички космос. Потребен е тим кој е заљубен во својата работа, потребно е да се види и разбере што прави остатокот од светот и најмногу од сè, потребно е да се прифати дека карактерот на настаните го создава публиката, а тој карактер е поверодостоен од било кои околности, власти, шерифи и вируси.
Што до крајот на 2020 година предвидуваат вашите активности, ако воопшто може да се предвидува со оглед на генералната атмосфера?
-Имаме еден тон работа, излегувањето на терен е само еден дел од активностите кои во текот на годината ги работиме. Следува ПИН Конференција која ќе има исклучително интересни теми за разработка оваа година, шарена и интернационална програма, Таксират, со концепт на кој веќе работиме, меѓународните соработки со здруженија и компании слични на нас со кои соработуваме на различни платформи, апсолутно предизвикувачки пуштени во фантазирање што ново ќе се случува на настаните глобално и кај нас во 2021-ва и понатаму. Заострување на сетилата и препознавање колку многу работа е пред нас. Единствениот начин за задржување и развој на духот е чекорењето напред. Сега 'напред' е помалку познато отколку пред неколку месеци, но само станува појасно дека 'да го правиш истото и да очекуваш различни резултати'замина заедно со неавтентичноста уште во март.