Веруваме дека ретки се оние што изминатиов период не го гледаа, или не дознаа, слушнаа за „Исцелител“ и макар на момент не се почувствуваа горди или не рекоа „Браво!“. Ова остварување одлично помина надвор, но верувам дека поголем успех е што уште подобро е прифатено дома, каде успехот ретко се простува и каде уште поретко некој ќе признае дека сте направиле нешто добро.
Ова му успеа на Ѓорче Ставрески, режисер и сценарист на филмот, а и наш нов соговорник и неговата екипа. Приказната за „Исцелител“ е наша приказна, проткаена и соткаена од секојдневието, па оттаму и филмот се „протна“ меѓу народот, толку ненаметливо, а сепак толку моќно. „Исцелител“ буди емоција - на моменти горка, на моменти љубовна; на моменти тешка, а на моменти толку светла.
Филмот не бега од она што сме, како што ни самите не можеме да избегаме... Ненаметливоста и скромноста би рекла се одлика и на авторот, зад кои се крие одговорност, умешност, посветеност и сè уште неверување за сè што се одвива. Со истите квалитети пристапи и кон нашиот разговор, во кој пробавме да ги сублимираме случувањата, но и да дознаеме како всушност Ѓорче се чувствува.
Разговорот следи во продолжение:
Околу шест илјади луѓе го гледаа „Исцелител“ на отворено во Градски парк, а меѓу нив и Вие. Првите впечатоци ги споделивте на социјалните мрежи, но како Ви излгеда сега, од дистанца?
-Сѐ уште не можам да го преточам во зборови целото искуство. Се собра премногу народ и на почеток се створи хаос, луѓето се обидуваа да фатат подобро место, свиркаа и довикуваа. Се уплашив дека така ќе биде до крај. Си реков себеси, не постои начин толку голема публика, особено на отворен простор, мирно и сконцентрирано да гледа филм. И тогаш чудо: гледачите се наместија и се створи една магична тишина, потоа громогласна смеја на една комична сцена, на крај воздишки. Сите во еден здив. Нестварно.
Колку пати всушност досега сте го погледнале филмот и на кој начин го гледате? Може ли воопшто авторот да го гледа делото како „обичен“ гледач?
-Стотици пати. Присуствував во монтажа каде заедно со монтажерот Мартин Иванов работевме скоро една година. После премиерата следуваа едно чудо јавни прикажувања на филмот и скоро секогаш присуствував барем на првата проекција на фестивалите за да ја видам реакцијата на публиката. Нормално, јас сум далеку од „обичен“ гледач на сопствениот филм. Некои работи еднаш ми пречат, друг пат не, некои ми се чинат понекогаш подобри од сеќавањето, некои полоши. Чудно искуство. На пример, секогаш се плашам дека почетоког е депресивен и дека публиката ќе се уплаши и нема да му даде шанса на остатокот на филмот. Меѓутоа, досега никој не се пожали, напротив, тешкиот почеток како да му дава смисла на остатокот на филмот.
Со која цел тргнавте во реализирање на приказната и ги исполнивте ли своите очекувања?
-Тргнав да дадам сѐ од себе. Патот беше полн со предизвици и често пати ми изгледаше дека залакот е преголем. Меѓутоа имав актери и екипа кои го разбраа духот на филмот и супер се вклопивме. Тешко се прави комедија која изобилува со меланхолија. Секој пат кога менувавме емотивен такт на снимање, или во монтажа, се плашев филмот да не добие призвук на шизофреничност. Си викав, е оваа промена е премногу, ќе му здодее на гледачот и ќе се добие спротивен ефект. Меѓутоа не излезе така. Во таа смисла, позитивната реакција на публиката целосно ги надмина моите очекувања. Дополнително, во светло на сите овие политички превирања, филмот доби награда на Солунскиот филмски фестивал и беше испратен со овации и громогласен аплауз на двете проекции на кои присуствував. Прекрасен одзив од „непријателот“ на Македонија и еден своевиден доказ за моќта на уметноста во премостување на разликите.
Со оглед на тоа дека филмот го работевте со ограничен буџет, а честопати кај нас се “бодриме“ со тоа дека „Битна е желбата“, или „парите не се пресудни за квалитет и успех“, како гледате сега на тој финансиски аспект?
-За жал, во филмот битни се парите, не само желбата. Неколку пати бев на раб на финансиска бездна, особено што агенцијата за филм, веројатно поради политичките турбуленции на последните парламентарни избори, не беше прецизна со исплатата на претпоследната рата, а јас едноставно морав да го завршам филмот затоа што имав наметнати рокови од мојата продажна агенција од Париз. Тоа резултираше со земање на неповолни кредити од најблиските кои сѐ уште ги враќаме. Филмот е епски ризик, кој можеш скапо да го платиш, а скоро и да не можеш да ги предвидиш придобивките. Затоа е битна таа финансиска сигурност.
Ѝ понудивте на публиката филм со современа тематика, но со проткајување на традиционални вредности и односи, (врската татко и син), па во таа смисла и љубовта. Потоа на нив се надоврзуваат и системските вредности, (не)функционирањето на системот, тешкото имплементирање на нови... Од друга страна, сè тоа спакувано до доза хумор, па сиромашни сме, ама не и во духот... Каков систем на вреднување имаме денес?
-Нашиот систем на вредности е средновековен. Институциите ни се неразвиени, корупцијата е на највисоко ниво, фрламе отпадоци кај ќе стигнеме, непотизмот си функционира беспрекорно, се мразиме до срж, национализмот и демагогијата се главните идеолошки матрици, црквата се наполни со повеќе џипови од политичарите кои пак најбезочно лажат и се грижат исклучиво за себе. И мислам дека мојот најголем успех, настрана од успехот на филмот, е што воопшто ги издржав сите овие премрежија! Кога им раскажувам на моите колеги од „првиот свет“ низ што се поминав, особено политичките турбуленции низ кои живеевме годиниве, одрекуваат во чудо, не веруваат. Јас правев филм и ја ставив главата во торба, ризикувајќи ја својата егзистенција и нурнувајќи се во таква голема финансиска несигурност токму во времиња кога веројатно најпаметно беше да се чуваат парите под перница. Па луѓе, дали беше нормално да се размислува на филм во една држава во која секоја пролет ни се заканува граѓанска војна. Овој филм беше издржан со Смилковско езеро, „малата војна“ во Куманово, нападот на собранието на 27. април. Да цитирам еден српски графит: „кој остана нормален, не е нормален“.
Една од задачите на уметноста е да ги постави вистинските прашања, но дали одговорите најчесто се разводенуваат при допирот со реалноста?
-Не би можел да кажам. Откако ја сменив струката, одбивам да размислувам за тоа што значат одговорите. Едно ќе спомнам, најмногу ми пречат луѓе кои се апсолутно сигурни во своите одговори на комплицирани прашања.
Во кој дел од творечкиот процес најмногу уживате?
-Мислам дека подеднакво ги сакам (и ги мразам) сите делови на правењето филм. Ако морам да бирам, веројатно тоа ќе биде пишувањето и монтажата. Јас сум интроверт и си го сакам мирот, и токму затоа кога доаѓа периодот на пред-продукција и снимање, обично сум исплашен и несигурен. Комуникацијата со многу луѓе и постојаното донесување на одлуки е застрашувачко, додека пишувањето е лековито. Меѓутоа понекогаш улогите се менуваат, особено моментите на тешки и големи одлуки знаат да ја поместат таа рамнотежа, па пишувањето ми изгледа некогаш потешко од било кое снимање.
Како влијаеше врз Вас, Вашата личност и перцепција, работењето на филмот и сè што донесе тој како готов производ?
-Ми донесе многу среќа, меѓутоа и огромна болка. Ме промени сигурно. Не би можел да кажам на каков начин. Се чувствувам како дупликат на самиот себе, сосем малку поместен од центарот, меѓутоа доволно за двете слики преклопени една со друга да создадат еден маглив призор. Паметам екстремен умор, душевни темнини, неспиени ноќи, анксиозност, меѓутоа и екстаза од успеси, врескања од среќа, по некоја чаша алкохол. Тоа беа епски времиња, на раб на издржливост, под постојан притисок и екстремен напор од три и пол години. Премногу лузни имам кои не зацелуваат и покрај чудесниот успех. Сѐ уште живеам во таа манија. Само едно нешто беше во недостаток, а тоа е мирот. Коцкарска работа, тоа е филмот.
Како изгледа Вашето секојдневие сега и пред „Исцелител“? Што Ви недостасува од претходно, а што би сакале да задржите со сегашниот момент?
-Пред „Исцелител“ имав повеќе пријатели. И уживав во нивното присуство, муабети, имав чувство како да припаѓам на една поголема заедница на луѓе со блиски идеи, или барем слична љубов кон хумор, филм и музика. Неверојатно, но голем број на тие луѓе исчезнаа од мојот живот. За жал, морам да заклучам дека успехот многу брзо произведува антагонизам. Во мала средина како нашата, во која сите се знаеме, феноменот е особено изразен. И токму заради тоа во моментов немам нешто друго што би сакал да задржам освен најблиските.
Создава ли овој филм кај Вас „бреме на успех“ за она што допрва треба да следи и допрва да гледаме од Вас? Што кога сè ќе стивне?
За среќа, со „Исцелител“ успеав да го победам „бремето на претходниот успех“ а тоа е моето научно-математичко минато кое како облак ми тежеше низ годиниве. Уште како тинејџер добив награда „13 ноември“ за заслуги во науката и од тогаш се прашував дали ќе успеам да го засенам тоа мое минато. Беше огромен товар, особено што во целост ја сменив дејноста, од рационалните науки, запловив (поточно потонав) во метафизичките уметности. Не знам како успеав да испливам, но еве ме: еден товар тргнат, друг качен. Веројатно така е во животот.
Филмот брзо се најде на HBO мрежата, што беше уште еден начин на приближување до гледачот. Како се реализираше тој чекор?
-Тоа беше голем успех за кој едноставно не смеам да споделувам детали заради обврски кон моите продажни агенти WIDE од Франција. Сѐ се случи многу брзо и ме занеме од чудо. Сѐ уште се чувствувам нестварно. Македонски филм на HBO! Ги тријам очите и не верувам, но сепак таму е: „Исцелител“ на легендарниот кабловски канал, дистрибуиран во 14 земји низ Европа, со оцена 4.2 од преку 540 гласања. Какви времиња. Сè си мислам некој ќе ме разбуди.
Колку македонските режисери се отворени кон посета на т.н. „скрипт лаб“ работилници и колку истите се од помош за формирање на конечна верзија на сценариото?
-Помладата генерација дефинитивно се отвора кон работилниците за сценарија. И тоа е добро. Мора да се слушнат мислења на луѓе, кои не само што не се на твоите пријатели, туку се и далеку од твојот начин на размислување. Дополнително, кога луѓе те напаѓаат со квалитетни аргументи, тебе ти останува или да ја одбраниш приказната со исто толку цврсти ставови, или, колку и да е болно, да се повлечеш и да признаеш пораз. Парадоксално, во секој случај авторот добива.
Меѓу коментарите од публиката, се најдоа и пофалби за актерската игра. Како се гради доверба помеѓу режисер и актер од Вашето искуство?
-Взаемната почит е најбитна. Има многу митови околу режисерската манипулацијата со актерите, меѓутоа од моето скромно искуство тие приказни се преувеличени. Актерот секогаш приметува кога е манипулиран, а ако не ти даде до знаење, тоа е скоро секогаш заради доблест, а не поради недостаток на памет или неукост. Другото е само работа, нерви, и прифаќање на различностите.
За крај, неодамна добивте и награда и на М.А.Н од каде ќе речат: „Исцелител“ нè исцели од просечноста“. А во контекст на „излегувањето од просечноста“, филмот успеа да се пласира и надвор од Македонија, што не се случува често...
-Фала на М.А.Н., браќата Масларковски и „Бла Бла Телевизија“. Наградата многу ни значи затоа што, како што спомнав на настанот, „Исцелител“ го дели истиот дух со Македонската алтернативна музичка сцена. Еве раперски, успехот нека зборува за „просечноста“ на филмот низ бројки: 24 светски фестивали за нешто повеќе од 6 месеци (скоро фестивал неделно); 3 од нив се од елитната „А“ категорија; добивме 9 интернационални награди (5 од нив за најдобар филм), 5 домашни награди и плус дополнителни 2 светски награди во припреми; фимот е во дистрибуција на престижниот HBO во Европа и Cinemaworld во Азија; за „Исцелител“ пишуваа „Variety“, „Hollywood Reporter“, „Screen Daily“, „Senses of Cinema“, „Cinevue“, „Т-Portal“, „Monitor.hr“; а имавме преку 22.000 гледачи во Македонија за 16 недели киноприкажување.
Ако сте меѓу оние што сè уште не го погледнале, сторете го тоа што побрзо!
фото извор: ФБ страна на „Исцелител“