Гинеколог акушер

Шансите да се добие здрава бременост со враќање на еден ембрион се поголеми

Интервју со
Маќули Хаџи Лега
1 август 2019

Во последно време, сѐ почести се приказните за жени што имаат проблеми со зачнување, иако претходно во животот никогаш немале конкретни проблеми и покрај редовните гинеколошки прегледи. За жал, ова најверојатно се должи на современиот начин на живот, а прво и основно на тоа што возрасната граница за забременување сериозно се поместува. Токму овие причини како главни ги посочи и нашиот соговорник, почитуваниот доктор Маќули Хаџи Лега со кого имавме чест да поразговараме на тема ин витро и предизвиците што со себе ги носи. Со цел да им посветиме внимание на оние кои поминуваат низ овој процес и да им посочиме дека не се сами, со него разговаравме и за тоа колку е значајна поддршката во овој случај и како да истраат и да не се откажуваат. Како што тој ќе посочи, на сите оние кои ќе се решат на овој чекор откако сите останати се исцрпени, им претстои борба од која најважно е сите да излезат како победници. За поддршката, за тоа како да не се откажуваат и за основните чекори пред и за време на ин витро, читате во продолжение од разговорот со гинекологот – акушер Хаџи Лега.

-Какво е Вашето мислење за тоа што жените сѐ почесто пробуваат да зачнат над 30 – тата? Колку возраста е значајна за природно забременување и дали после 30 – тата е потешко да се забремени?

Генерално, во денешно време, жените забременуваат подоцна што е да речеме некој логичен склоп на сите вредности во животот и работи што се случуваат. Жената денес не е само жена која што треба да биде домнаќинка и да чисти и пере, туку жената има и кариера и генерално, некако стана правило првата бременост да се случува по 30 – тата година. Инаку, медицински гледано, колку е помлада жената толку е подобро да остане бремена, да речеме помеѓу 20 – тата и 30 – тата. После тоа, значително се намалува процентот, а по 35 – тата и 40 – тата шансите се многу помали жената да забремени. Доколку има пак некоја проблематика, треба тоа да се среди, но генерално, препораките се што помлада, повеќе шанси да остане бремена. Токму поради овие работи што ги споменав, зголемен е тој процент да речеме на асистирани репродуктивни техники со инсеминации, со давање таблети, па на крај и ин витро. Секако, тука треба да се спомене и современиот начин на живот што вклучува мала физичка активност, нездрава храна, состојките на истата, а сето тоа влијае на плодноста и кај мажите и кај жените.

- Кога е време за Ин Витро? Кои се претходните опции што треба да се „потрошат“?

Кога една двојка ќе се појави кај нас, најпрво се прават оние стандардни, рутински испитувања со кои се проверува машкиот и женскиот фактор како спермограм, а кај жените е поширока палетата на испитувања. Хормонален статус, состојбата со матката, потоа со јајниците, дали тубите се прооднни и уште многу други. Кога сето тоа ќе се заврши, се конкретизира дали има или нема проблем, по што се почнува со нашата втора задача, да успееме да дојдеме до бременост. Почнуваме со терапија кај жената за една блага стимулација на јајниците, доколку тоа не успее, одиме со инсеминација и ако тие обиди се неуспешни, одиме со ин витро. Доколку еден од партнерите или двајцата имаат некоја поголема проблематика, се оди директно со ин витро. Најчесто, одиме директно со ин витро доколку спермограмот кај мажот е видливо слаб или жената нема доволно јајце клетки. Тука воопшто не се чека за да не се изгуби драгоцено време. Големо влијание денеска има и современата технологија, па така не се препорачува чување на лап топ или мобилни близу до гениталии, физичката активност и спортот се многу важни, а тоа многу влијае кај жените, а особено кај мажите. Во последните неколку години машкиот фактор е многу влошен и критериумите во однос на бројот на сперматозоиди паѓаат сѐ подоле. Се советува здрав начин на исхрана, пушењето е доста штетно, а има и многу други фактори за кои треба да бидат свесни.

-Со каков разговор ги дочекувате оние што доаѓаат кај вас со намера да подлегнат на Ин Витро? Колку психата игра улога во целиот процес?

Психолошкиот момент е многу важен во целиот овој процес, затоа што двојките доаѓаат малку и разочарани од целата ситуација, од тоа што се обидувале да зачнат неколку години, па од тоа дали има некоја проблематика, размислуваат дали сѐ ќе се заврши успешно и сето тоа бара еден добар психолошки пристап. Ние имаме големо искуство, со оглед на тоа што Ин витро центарот во „Ре-Медика“ работи повеќе од 15 години и секогаш препознаваме како треба да се делува, но во секој случај бара еден убав пристап. Многу пати и нема да се успее, па после тоа е уште потешко со таа двојка и малку и тука треба да се делува, така што во секој случај и на нас не ни е лесно.  Мене тоа ми е една од најтешките работи, кога треба да соопштам дека ин витрото не е успешно. И ние на некој начин сме дел од тој процес и очекуваме позитивни резултати и секако дека ни е тешко. Но, јас секогаш им велам на моите пациенти дека тука успеваат упорните и мора да одиме напред. И навистина, само со оние што нема да се откажат и се упорни, ќе најдеме заедничко решение и ќе успееме.

-Можно ли е да се каже колкава е стапката на успешни ин витро бремености и дали бременоста зачната на овој начин е потешка/понеуспешна од оние зачнати природно?

Не, процентот на неуспешни бремености зачнати со ин витро е ист како кај природните. Во минатото, се враќаа поголем број на ембриони, сега тенденциите се да се врати по еден затоа што близначките бремености се секогаш покомплицирани и затоа некако на ин витрото се гледаше како на покомплицирана бременост поради поголемиот процент на близначки бремености. Денеска, тенденцијата и светските протоколи укажуваат на тоа да се оди со еден ембрион затоа што шансите да добиеме здрава бременост се поголеми. Ништо не сте направиле ако имате позитивен резултат, а жената бременоста нема да ја износи до крај. Инаку, во однос на процентот на забременување со ин витро, од година во година расте благодарение на современите методи на ин витро. Ако кога почнуваше ин витрото пред 40 – тина години процентот беше околу 7, 8, денеска просечно изнесува 45 отсто. Секако, тука има старосни граници што треба да се земат предвид, односно од 20 до 30 години имаат 55 проценти шанси, од 30 до 35 околу 40 проценти, над 35 – тата година околу 45 и над 40 – тата рапидно паѓа и изнесува околу 20 проценти. За оваа година, процентите во „Ре-Медика“ изнесуваат околу 50, што е навистина успех, додека на светско ниво е некаде околу 45 проценти. Пациентите многу често доаѓаат со прашања како колкави нѝ се шансите, дали ќе успееме и слично,а јас секогаш кажувам дека шансите се 50 – 50 и да не очекуваат дека ќе се случи магија со волшебно стапче, туку борбата нѝ претстои и заедно треба да се потрудиме да излеземе како победници. Ако не успее првиот обид, не се разочаруваме, туку одиме на втор, трет и колку е потребно.

-Што кога не успева? До колку пати е дозволено жената да подлегне на Ин Витро третман?

Практично, нема ограничување, иако во некои држави во развиениот свет ги ограничуваат до 42, 43 години, особено со оние фондови што државата ги одредува. Тоа е некоја разумна граница, иако законот кај нас е малку полиберален. Над 45 – тата година јајце клетките се многу ослабнати и мали се шансите за забременување, но секако, не треба да постои дискриминација, иако оптимално е што порано, тоа подобро. Штом се лоцира некоја проблематика или веќе се исцрпени сите останати опции, нема зашто да се чека. Ако после година, две не дојде до забременување, се прават инсеминации, па се препорачува што побрзо да се оди на ин витро, затоа што шансите да остане бремена се поголеми. Во однос на тоа колку пати е дозволено жената да мине низ овој процес, нема ограничување, бидејќи јас сум имал пациентка која пред да дојде во „Ре-Медика“ поминала низ седум ин витра, и за среќа, кај нас успеавме од осми пат. И да споменам дека може да се случи да успее и од прв пат, иако кај народот владее некое мислење дека тоа не може да се случи. Ако сѐ е добро, можно е жената да остане бремена и по првиот обид.

-Кои се најчестите причини за неплодност? Дали се подеднакви и кај жената и кај мажот?

Статистички, 40 проценти е машкиот фактор, 40 проценти е жената, 10 проценти се и двајцата и 10 проценти и двајцата немаат проблем, а не доаѓа до бременост. Тоа е т.н. идиопатски стерилитет кога и двајцата немаат проблеми, а не можат да зачнат. Со овие методи, генерално, успеваме да забремени. Од машките фактори најчести се намален број на концентрација на сперматозоиди, лоша подвижност, лоша морфологија... Ако еден од овие фактори отстапува, не доаѓа до забременување. Со денешните современи методи, ако мажот нема доволно сперматозоиди, успеваме да најдеме во тестисите, се прави биопсија, многу често се наоѓа и потоа ги употребуваме за ин витрото со ист успех како во нормалниот случај. Кај женскиот фактор една од проблематиките се аномалии кај матката, прегради, еднорога матка со помал капацитет и слично,  што оневозможуваат да дојде до забременување. Со денешната медицина, со лапароскопски и хистероскопски методи успеваме во најголем процент да ги средиме тие аномалии и да одиме на ин витро. Освен овие аномалии, значаен фактор е слабоста на јајниците која што над 35 – тата година е покомплицирана. Затоа е важно жените редовно да одат на контроли, без разлика дали планираат да останат бремени. Гинеколозите на овој начин можат да забележат дали постојат некакви проблеми и да ѝ укажат на жената. Голем број жени денеска замрзнуваат и јајни клетки и секако, тоа е еден вид решение. Или нема партнер во моментот или ја одложува бременоста заради кариера, но секако, ќе повторам дека со годините жената ја губи репродуктивната моќ. Многу од жените замрзнуваат јајце клетки од здравствени причини, ако подлегнала на некоја операција, зрачање и слично, бидејќи не се знае каква ќе биде состојбата со јајниците и дали ќе се оштетат. Исто е и со машкиот материјал, ако кај нив концентрацијата е помала, се советува да се замрзне сперма, па кога ќе треба да се искористи.

-Колку е значајна поддршката за жените во овие моменти, особено кога третманот не успева и по неколку обиди?

Поддршката е многу значајна, од нас, од семејството, од околината. Ако луѓето се прифатени од околината во однос на она што го прават и најважно, ако тие се спремни да успеат, најчесто успеваат. Ако дојдат со негативна енергија и се песимисти, процесот е потежок. Хормоналниот статус кај жената е апсолутно важен, а го диктираат хормоните што се лачат од мозокот, и ако сте под еден континуиран стрес, нормално е сето тоа да влијае.

Живееме во време кога информациите ни се на голема достапност, но сепак потребно е сѐ повеќе да се зборува за одредени теми кои се сѐ повеќе присутни, но успеваат да останат затскриени. Кога зборуваме за ин витро, јас не верувам дека постои млада девојка или жена која прв пат слуша за овој процес, иако сите некако тоа го прават тајно. Сето ова длабоко влијае врз менталното здравје на жената, без разлика на нејзините години. Често пати знаат да се појават анскиозни и депресивни симптоми, панични напади, нарушувања на сонот и исхраната. Поддршката од блискиот круг и семејството е особено значајна, затоа е важно целиот процес да се одвива јавно. Желбата да се има потомство е значајна, а кога тоа не може да се исполни, се доживува како повреда на идентитетот на личноста, вклучувајќи ја и двојката што минува низ процесот.

 

Бојана Стојменовиќ, Мој психолог

-Што кога желбата за бебе е посилна од неуспешното ИВФ? Постои ли некој следен чекор пред посвојување?

Доколку не се успее, втор чекор е со донација на јајце клетки или со донација на сперма, зависно каква е проблематиката. Ако и така не се успее, апсолутно на крај се препорачува двојката да си посвои дете. Кај нас постојат донации на сперма и на јајце клетки со донации од странство, затоа што Македонија е мала земја и не се препорачува да имаме донација на сперма од тука, затоа што тие деца можат утре да се сретнат. Мене ме изненадува што преку 95 проценти од брачните двојки се согласуваат на овој процес, иако Македонија е малку конзервативна средина. Тоа е за поздрав, иако јас на почетокот бев малку песимист во однос на овие донации. Секако, тоа останува тајна помеѓу пациентите и нас, но сакам да кажам дека на луѓето не им е ова табу тема. Морам да споменам дека за поздравување е тоа што државата сега дозволува да се прави ин витро до три пати. Многу луѓе што немалешанса, сега успеваат да си имаат свое детенце. Она што се препорачува само е пауза од три до четири месеци меѓу секое, бидејќи жената е со повисоки дози на хормони, иако штетното дејство не е докажано. Ако жената е повозрасна, не се препорачува толкава пауза, бидејќи на неа и е важно и времето. Јас често апелирам жените да бркаат и кариера, но секако да мислат за потомството, затоа што кога ќе сакаат да зачнат, се јавува одреден проблем и зачнувањето оди потешко. Треба да се ускладат желбите и да се утврди кои се приоритетите.

Објавено:
1 август 2019
object(stdClass)#485 (8) { ["nid"]=> string(5) "22268" ["ga_count"]=> string(5) "11893" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1690668000" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1691186400" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
11.893 пати