Нермина Хоџиќ и Емина Хоџиќ Адиловиќ се две исклучително талентирани сестри дизајнерки кои стојат зад работата и успехот на босанското модно студио „Кафтан“. Всушност, не станува збор за било какво модно студио, туку студио во чии парчиња се облекуваат принцези. Неодамна, прекрасната принцеза и уредничка на арапското издание на магазинот Вог, Дина Абдулазиз се појави во нивна креација и предизвика големо воодушевување кај сите. Она што е интересно е приказната за тоа како дизајнерките воопшто не знаеле за кого ја испраќаат креацијата, што прави возбудата да е уште поголема. Ние имавме чест да направиме ексклузивно интервју со овие прекрасни дами кои создаваат фасцинантни креации што ги обожаваат девојките од целиот Балкан.
Уживајте!
-Како дојде до тоа принцезата Дина да носи ваша креација на гала вечерата во Париз?
Принцезата Дина и уредничка на арапскиот Вог, дознала за нашата работа за време на минатогодишниот Моден викенд во Париз кога за прв пат го видела лукбукот од нашата работа, како и некои наши модели кои имаше можност да ги види и во живо. Кога оваа година ја објавивме колекцијата, добивме барање за една наша креација и требаше истата да ја испратиме во Париз. Искрено, не знаевме за кого е, каде ја праќаме и дали воопшто некој ќе ја облече. Принцезата Дина е жена која ги следи дизајнерите со нејзиниот тим, постојано ги гледа дури и најситните детали на креациите, па веројатно сме ги исполниле нејзините очекувања. И самите се изненадивме кога ја видовме на страниците на Вог и Венити Вер на гала вечерата токму во наша креација. Голема чест е што токму уредничката на Вог и принцеза не одбра токму нас.
-Значи ли ова дека се исполни еден од вашите најголеми сонови – принцеза во креација на Кафтан студио?
Ние сакаме да речеме дека сите жени што ги носат креациите на Кафтан студио се принцези, некои по професија, а некои по состојба и чувство.
-Од кога постои Кафтан студиото? Која е приказната што се крие зад брендот?
Зад Кафтан студио се крие 15 години упорна и целосно предана работа. Одлуката за отворањето на Кафтан студио е нешто што рековме дека ќе го направиме пред многу години. Имавме свое студио во куќата на нашите родители, потоа работевме во еден стан и нашите клиенти секогаш нѐ следеа. Низ образованието се запознавме со основните принципи на дизајнот кои се потребни освен талентот. Во почетокот многу експериментиравме со материјалите, структурата, формата...Постојано ги истражувавме техниките на работа и разните облици. На модниот дизајн му пристапивме како најсериозна работа на светот и постојано тежнееме кон подобро, преку самокритика и анализа кон она што го правиме. Она кон што сега тежнееме е да имаме простор во кој ќе имаме сѐ, од доволна количина на материјал, копчиња, тим кој работи со нас фокусирано исклучиво на дизајн. Станување наутро, оставање на децата во училиште или градинка и заминување на работа.
-Каква е модата во Сараево? Какви креации сакаат тамошните девојки?
Општо е познато дека девојките во Сараево ја сакаат модата, не само тие, туку генерално, жените од Балканот. Кога одите по улица, имате прилика да видите навистина интересни жени и фантастични стилски комбинации. Со оглед на тоа што Кафтан студиото работи по желба и мерки на клиентите, ние двете сакаме да го прилагодиме нашиот дизајн на сензибилитетот на секоја дама, бидејќи е многу важно жената која ги носи нашите креации убаво да се чувствува токму затоа што ги носи.
-Како е да се работи со сестра? Значи ли тоа потешка или полесна комуникација?
Кога работите со вашата сестра, тогаш како бонус добивате целосна искреност. Ние две сме си најголема поддршка една на друга, но и најсурова критика. Одамна ги поминавме оние „детски болести“, така што една со друга комуницираме искрено и со големо взаемно почитување и уважување.
-Каде се наоѓа вашето студио? Планирате ли да се проширите и некаде надвор од Балканот?
Кафтан студиото се наоѓа во Сараево. Имаме многу планови, но никогаш не сакаме да говориме однапред за работите. Она што е наш долгорочен план е да се занимаваме со дизајн и професионално да ги извршуваме работите. Сите следни чекори ќе дојдат постепено, затоа никогаш не сакаме да ги најавуваме нашите планови однапред.
-Кои се вашите омилени дизајнери? Има ли денеска добри дизајнери во нашето подрачје?
Ние две имаме целосно спротивни вкусови, па според тоа почитуваме и следиме различни наши светски колеги. Секако, ја следиме работата на сите бидејќи денеска, благодарение на Интернетот, сѐ е пристапно и сакаме да се информираме за нивната работа. Ја сакаме едноставноста на Јамамото и играта со форми на јапонските дизајнери, смелоста во авторскиот јазик на Џон Галијано и покојниот Александар Меквин, изработката на креациите на либанските дизајнери, класичниот израз на Армани, дизајнерските потези на Диор, Оскар де ла Рента, Валентино како и ликот и делото на Лагерфелд, животниот успех на Дона Каран и негувањето на култот на личноста на Коко Шанел. Легендите се легенди и заслужно се она што се денеска, сите почнале со работа благодарение на талентот, а успеале благодарение на упорноста и работата. Балканот има многу талентирани дизајнери кои работат навистина предано. Ние сме многу горди на успехот на сите тие дизајнери кои со својот талент и труд успеале да ја позиционираат својата работа на пазарот и да ги освојат клиентите.
-Како би го опишале вашиот личен стил во неколку зборови?
Ние во суштина сме многу практични кога е облекувањето во прашање поради природата на работата со која се занимаваме, а поголемиот дел од времето сме на работа. Доволно е да се каже дека кога ќе ги отвориме плакарите, во најголем дел има црни и бели парчиња (се смеат).
-Кои се вашите ултимативни стилски икони?
Принцезата Дина Абдулазиз, Тилда Свинтон, Кејт Бланшет, Грејс Џонс, Роси Де Палма...
-Како би ги опишале парчињата што ги дизајнирате?
Кафтан студио е наменето за сите оние дами кои го ценат добриот дизајн, најфината изработка на креациите и квалитетот.
-Што можеме да очекуваме од вас во периодот што доаѓа?
Можете да очекувате многу работа, добар дизајн и нови креации бидејќи Кафтан студиото единствено тоа може со сигурност да го вети.
Фотограф: Едвин Калиќ
Модел:Амра Церкезовиќ
Шминка: Маја Користовиќ Таловиќ
Фризура: Мелиха Виска