уредник и водител

Современото родителство се сведе на викенд родителство

Интервју со
Марија Атанасовска
1 март 2019

Веќе неколку години Марија Атанасовска и 0м+ на Телма телевизија точно напладне ги решаваат бројните дилеми на младите родители поврзани со здравјето на нивните дечиња и се сè поуспешни во тоа. Атанасовска долги години беше уредник и водител на единствената емисија за клупската сцена во Македонија, но по враќањето од породилното отсуство, 0м+ стана нејзиниот нов омилен предизвик. Ние имавме можност со неа да поразговараме на неколку теми, а таа несебично ги сподели советите за тоа како е возможно да се биде успешен родител и истовремено да се има супер кариера. За предизвиците што доаѓаат со родителството, за тоа на што сака да ги научи нејзините две ќерки и како мајките да најдат време за себе покрај сите обврски, читате во продолжение.

-Мајка сте на две мали девојчиња. Кој е најголемиот предизвик да се биде родител?

Да, мајка сум на седумгодишната Јована и тригодишната Бистра. Мајчинството целосно го промени мојот поглед кон животот и моите приоритети. Тоа е најпрекрасната, но воедно и најодговорна и најстресна животна улога, која носи најразлични предизвици на секој чекор. Тука се големите, вечни дилеми на современото родителство, како во денешно време да се воспитува дете, како навремено да се препознаат неговите таленти, за правилно да се насочи и да ги реализира доминантни потенцијали. Ама присутни се и секојдневните предизвици, настинките, затнатото носе што некои ноќи прави проблем со сонот, симнувањето температура после полноќ на одмор, убедувањето навечер да се легне на време во кревет или да се раскренат играчките... Оние што имаат пребирливо дете во однос на храната, знаат дека тоа е еден огромен проблем за решавање. Кога постарата ќерка ќе го изеде јадењето  ми се чини дека сите проблеми во денот ми се решени, а тука е и справувањето со понекој на пр. утрински тантрум  на помалата ќерка кога сака да облече летно здолниште среде зима. Толерантноста се учи, па се случува од дома да излеземе со зимски панталони и дебела ролка, и врз сето тоа летно фустанче и венче со цвет за маскенбал. Понекогаш попуштам, бидејќи сепак, најсреќна сум кога се тие среќни.

-Што сакате да ги научите Вашите ќерки?

Сакам да ги научам да бидат добри луѓе, емпатични, да умеат да дадат љубов, да бидат трудољубиви и да се борат за своите соништа. Да немаат предрасуди, да научат да ги препознаат лукавите и неискрените за да ги тргнат подалеку од себе, да не се откажуваат и да не потклекнуваат на првата пречка на патот кон некоја цел. И да научат дека повеќето проблеми имаат решение. Сакам да знаат и дека секогаш ќе имаат поддршка од своите родители.

-Има ли вистина во тоа дека е потешко да се има едно дете, отколку четири на пример? Можно ли е да направите споредба помеѓу првото и второто дете и обврските што доаѓаат со нив?

За време на втората бременост, една моја пријателка ми рече, ќе видиш. Едно ко ниедно, две ко 100. Откако се породив и дојдов дома со бебе што постојано цицаше и четири годишно девојче кое си го бараше целосното внимание на мама, сфатив пред каков предизвик сум исправена. Тоа беше период кога речиси не спиев. Навечер поради честите подои на бебето, а наутро иако имав логистика од баба за помош, затоа што до мене на креветот ќе седнеше постарата ќерка и не излегуваше од соба додека не станам. Во тој период не сакаше да оди во градинка и јас ја почитував нејзината желба. Иако бев навистина многу уморна, деветте месеци од породилното отсуство во друштво на моите две ќеркички ми се еден од најубавите животни периоди. Откако потпораснаа, малку е порелаксирано, се заигруваат, такашто има периоди кога можам да одморам додека трчкаат околу мене. Во однос на обрските со првото и втотото дете би рекла дека се истите, само што сега се дуплирани. Страв ми е да помислам како изгледа со четири и никако не се согласувам дека е најтешко со едно дете.  

-Кој е Вашиот совет што сакате да им го пренесете на младите родители?

Да се подготват за предизвиците на родителство уште во бременоста.  Идните мајки се целосно посветени на грижата за здрава бременост, размислуваат за чинот на породувањето, но не и за првите денови со бебето во домот. Повеќето имаат романтизираната слика за бебе кое мирно спие во креветче и  сметаат дека спонтано, во од ќе ги решаваат проблемите во случај да се појават. И јас верував дека е така. Но, новороденчето постојано плаче, потребна е тоалета на папчето, доењето е процес што не се воспоставува лесно и за да успее потребна огромна упорност и поддршка од околината. Поради рагадите, болките, стравот бебето да не е гладно, изнемоштеноста од неспиење, многу родители посегнуваат по адаптирано млеко. И тука ја прават клучната грешка. Би им советувала на сите мајки да ги дојат своите бебиња, бидејќи мајчиното млеко е идеална храна, имунолошка заштита, пробиотска основа и емотивна потреба и за мајката и за бебето. И тоа да го прават сè додека чувствуваат дека така треба, бидејки препораката на СЗО за продолжено доење до втората, па и третата година се должи на бројните бенефити на мајчиното млеко кои се потценети поради неинформираност. Да ја искористат  можноста да се информираат за сето ова на работилниците за родителство, за доење кои е пожелно да ги посетат пред да дојде нивното бебе во домот. А секако тука се и емисиите на Телма коишто можат да им бидат од помош да сите оние што имаат некаков проблем со доењето на бебето.

-Како покрај две дечиња и успешна кариера жената да има време за себе?

Велат дека ако се организираш добро има време за сè. Јас изгледа малку потфрлам на тој план. Но, искрено не ми претставува некој особен проблем тоа што речиси целото време го поминувам во друштво на семејството. И јас растев на таков начин, сите планови на моите родители не’ вклучуваа мене и сестра ми. Такашто близок ми е таквиот концепт, па затоа, дружбите со моите пријатели се проширени со моите две ќерки. Некогаш успевам да седнам на кафе сама со пријателките, но тоа е ретко. Денеска родителите сè помалку време поминуваат со своите деца. Се враќаат доцна од работа, по што следува развозување на децата на разни курсеви и воншколски активности, па дома се гледаат сосема кратко пред спиење. Современото родителство е сведено на викенд родителство, понекогаш е помалку и од тоа, бидејќи децата за викенд одат и кај баба и дедо . Јас се обидувам да не влезам во таква шема. Децата многу брзо растат, додека трепнеш веќе не се бебиња. Тоа се периоди што немаат реприза, а јас не сакам да ги испуштам.

-Што прво правите кога дечињата ќе заспијат?

Немам некој посебен ритуал. Најчесто се туширам да се опуштам, но се случува и да ги завршам домашните обврски. Ако заспијат порано може да пуштам некој филм, а сакам да ги гледам и каналите Дискавери пред да појдам во кревет.

-Колку 0м+ ви помогна Вам со практични совети за вашите ќерки?

Емисијата произлезе од дилемите, прашањата, предизвиците со кои се соочив како родител. 0м+ и мене ми даде и сè уште ми дава многу одговори. Понекогаш темите се директно поврзани со некој проблем што мене ми отворил дилеми. Многу ми е драго кога ќе ми пријдат мајки со мали деца да ми кажат дека секојдневно ме гледале додека биле на породилно, а сега ги снимаат емисиите. Или ме прашуваат како да ги најдат на youtube. Мислам дека магазинот за родителство ом+ им е близок на родителите бидејќи е искреиран од мајка на мали деца, но подеднакво е важно и што сум во дослух со проблемите на младите родители за кои бараат решенија во групите за родителство на социјалните мрежи.

-Во вашата емисија секојдневно имате исклучително интересни теми што ги интересираат младите родители. Тешко ли е да се одберат вистинските соговорници и како всушност ги одбирате темите?

На почетокот на првата сезона во мај 2016-та, бев скептична дека ваков концепт може да опстојува подолго време. Но, не бев во право. Родителството, грижата за децата, педијатриските предизвици се неисцрпен извор на теми. Многу внимавам на селекцијата на соговорниците, тие секогаш се најдобрите во областа во која се стручни. Гледачите во емисијата добиваат конкретна, јасна и точна информација, совети и препораки за одредена состојба сублимирани во 25 или 30 минути. Понекогаш добиваме забелешка дека терминот е прекраток, но е сосема коректен за солидно да се обработи одреден проблем поврзан со здравјето на бебето или трудницата, растот и развојот на децата и сл.

-Вљубена ли сте сè уште во електронската музика? Која е приказната што всушност Ве натера да преминете во друг правец во Вашата кариера?

Таа љубов е неминлива. Емисијата Twisted City (Т-Град) произлезе од мојата љубов кон оваа музика. Првата емисија беше емитувана во март 1999та, пред точно 20 години, а последната ја снимив во 9-от месец од бременоста во мај 2011-та. Т-град го следеше растот на македонската клупска сцена, нејзиниот зенит, но беше сведок и на губењето на нејзиниот сјај. Имаше сè помалку настани за да се склопи емисија, а со бебе одлучив дека повеќе не ќе можам секој месец да патувам во соседството за да снимам интервјуа. Откако се вратив од породилно отсуство добив можност да работам друг тип на емисија на што гледав како на нов предизвик. Така беше затворена приказната за клупскиот магазин Т-Град, на кој секогаш се навраќам со убави емоции, бидејќи одбележа еден убав период од скопскиот ноќен живот, кога диџеите што гостуваа на крајот на 90-те и почетокот на 2000-те, велеа дека Скопје, од музички аспект, наликува на метропола како Лондон. Денеска никој не може да повлече таква паралела.

-Кој беше концертот на кој бевте последно?

Концертот на кој бев последно не е поврзан со електронската сцена, тоа беше концертот на Стинг. А од електронските изведувачи последно бев на настапот на Д Хакер (The Hacker), еден од моите омилени продуценти, кој неколкупати го имав снимано во Солун кога ја работев емисијата Т-град. Ова беше негов прв настап во Скопје. Сетот го започна во 2 после полноќ кога едвај стоев на нозе, но бев решена да го слушам по секоја цена. И издржав час и половина, што веројатно им е многу чудно на оние што ме познаваат од клупскиот период бидејќи бев ноќна птица. Но поради работните и приватни ангажмани, сега сум во период кога ноќта е за спиење (се смее).

Марија со The Hacker (приватна архива)

-Кои се Вашите следни планови поврзани со 0м+?

Постојано има нови, тазе родители на кои им требаат одговори на прашања поврзани со раниот детски раст, развој и здравје. Ние сме тука да им помогнеме да дојдат до бараните препораки и протоколи и тоа ќе биде така сè додека гледачите го сакаат и  бараат тоа од нас.

Објавено:
1 март 2019
object(stdClass)#487 (8) { ["nid"]=> string(5) "21115" ["ga_count"]=> string(4) "1168" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1689804000" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1689804000" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
1.168 пати