Со импозантно професионално портфолио и меѓународно работно искуство во полето на информациските технологии, иновативниот научник Томе Ефтимов роден во 1989 година во Струмица, неодамна беше прогласен за Најдобар млад научник за 2018 година, признание што традиционално го доделува Претседателот на државата. Тоа беше повод да го исконтактираме Томе и нашата читателска публика одблиску да ја запознаеме со фантастичниот ум безрезервно посветен на науката и во него да посочиме и пример и инспирација за сите млади и талентирани луѓе кои се на почетокот од развојот на својата кариера. Прашањата за интервјуто ни ги одговараше на летот кон Калифорнија, каде во моментов е на постдокторски студии на престижниот Универзитет Стенфорд. Помеѓу секојдневните научни истражувања и обврските на Стенфорд, Томе обожува да гледа ракомет, сака да трча полумаратони и да се релаксира со латино и стандардни танци. Уживајте во разговорот со него, како што уживав и јас.
Томе, неодамна Ви беше доделено признанието за Најдобар млад научник за 2018 година. Како го доживувате ова препознавање на Вашиот труд?
-Огромна чест и задоволство е да се добие признанието за најдобар млад научник од Претседателот на државата. Ваквото признание на кое сум особено горд, бидејќи го добивам во мојата и од мојата татковина, истовремено претставува огромна мотивација за мене, да продолжам со моите истражувачки ангажмани и предизвици.
Во моментот сте на постдокторски студии на престижниот Универзитет Стенфорд во Калифорнија. Каков беше патот од родната Струмица до таму?
-Средно образование (гимназија) завршив со одличен успех. Во текот на школувањето, бев учесник на регионални и државни натпревари по математика, физика и информатика. Добитник сум на една трета награда од Државен натпревар по Математика и една трета награда на Државен натпревар по Физика. Од моето средно образование се стекнав со многу знаење кое значајно влијаеше на моите одлуки за продолжување на образованието.
Образованието го продолжив на Факултетот за електротехника и информациски технологии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во Скопје, насока - Информатика и компјутерско инженерство (2007). Во текот на студиите работев како лабораториски демонстратор на повеќе предмети, а добив и стипендијата за 125 талентирани информатичари, која беше доделувана од Министерството за образование. Додипломските студии ги завршив во јуни 2011 год. и се стекнав со титулата „Дипломиран инженер по електротехника и информациски технологии".
Во септември 2011 год. се вработив на факултетот каде што дипломирав, како наставен демонстратор (аудиториски вежби) по повеќе предмети. Кога ги завршив додипломските студии, се одлучив да го надградам своето знаење и затоа се запишав на магистерски студии на Факултетот за инофрматички науки и комјутерско инженерство, а во 2012 год. се вработив во Македонската академија за науки и уметности, во оддел - Лабораторија за комплексни системи и мрежи предводена од Академик Проф. Д-р. Љупчо Коцарев, каде соработував на проектот "Некохерентна комуникација". Магистерските студии од областа на теорија на информации и комуникации, ги завршив во 2013 година, под менторство на Академик Проф. Д-р. Љупчо Коцарев и коментор Проф. Д-р. Зоран Утковски.
По завршување на магистерските, имав желба да ги продолжам студиите во друга институција каде практично ќе бидам вклучен во повеќе меѓународни проекти. Се пријавив на конкурсот за докторски студии на Меѓународното постдипломско школо „Јожеф Стефан", каде добив докторска стипендија од меѓународниот проект "ERA-Chair ISO-FOOD". Докторските студии ги завршив под менторство на Проф. Д-р. Барбара Короушич Селјак од Научно- истражувачкиот Институт „Јожеф Стефан". Докторската теза со наслов „Статистичка обработка на податоци и обработка на природни јазици за нутриционизам" ја одбранив во јануари 2018 година. Во текот на студиите, активно соработував со отсекот за компјутерски системи од Институтот „Јожеф Стефан".
Истражував и се´ уште истражувам напредни методологии од областа на статистика, обработка на природни јазици и податочно рударење, кои се користат за анализа на податоци од некоја област. Во текот на докторските студии активно соработував на повеќе европски и национални проекти.
Во 2017 год. и 2018 год. имам одржано повеќе поканети предавања поврзани со моето истражување на неколку универзитети: „Св. Кирил и Методиј", Скопје, Македонија; Универзитетот во Салцбург, Австрија; Radboud Универзитетот, Нихмеген, Холандија, и Институтот „Јожеф Стефан". Исто така, бев поканет предавач на меѓународната конференција CIIT 2018 (International Conference on Informatics and Information Technologies 2018). Имам одржено два tutorials, еден на International Conference on Computational Intelligence (IJCCI), Севилја, Шпанија, и еден на Институтот „Јожеф Стефан". Научниот труд поврзан на длабока статистична анализа на стохастички оптимизациски алгоритми беше избран како еден од највлијателните трудови поврзан на оптимизација објавен 2017 година во списание со висок impact фактор и истиот беше претставен дополнително на меѓународната конференција The Genetic and Evolutionary Computation Conference (GECCO 2018 Hot-Off-the-Press) во Кјото, Јапонија.
Од јануари 2019 год. сум постдокторски истражувач на отескот за анализа на биомедицински податоци, на Стенфорд во Калифорнија, САД. Исто така, бев добитник на Marie Sklodowska-Curie Innovative Training Networks постдокторска позиција во Барселона (Barcelona Supercomputing Center) но, поради позицијата на Стенфорд, истата не ја прифатив.
Што или кој беше главниот „тригер" за Вашата одлука да ѝ се посветите на науката?
-Ова е тешко прашање на кое не можам да дадам вистински одговор. Едноставно се пронајдов во науката. Не можам да ги разберам луѓето кои на својата работа гледаат како 8 часа дневно. Посветувајќи се на науката никогаш не се чувствувам дека одам на работа, едноставно уживам во обврските кои најчесто траат и повеќе од 8 часа дневно :)
Кое е Вашето поле на делување?
-Всушност, работам во две области. Уживам при работа на теориски и емприски студии кои вклучуваат употреба на математика и статистика. Иако во сите три степени на образование завршив компјутерски науки, многу од луѓето мислат дека сум завршил математика.
Другата област е обработка на природни јазици и машинска интелигенција и учење, каде фокусот е на развој на модели кои би имале импакт кон добро во општеството (social good). Работам на методи од вештачка интелигенција кои може да се користат за анализа на податоци поврзани со храна и нутриционизам.
Иако сте млад човек, зад Вас имате импозантно професионално портфолио. На што сте особено горд?
-Она на што најмногу сум горд е методот кој го развивме за споредба на стохастички оптимизациски алгоритми, познат како длабока статистичка споредба (Deep Statistical Comparison). Истиот метод беше избран како Hot-Off-the-Press на конференцијата GECCO 2018, како еден од 10 трудови со најнова и најиновативна идеја за 2018, и истиот беше претставен во Кјото, Јапонија.
Исто така сум горд на тоа дека нашата група е една од првите во светот кои работат истражување поврзувајќи ги вештачката интелигенција и податоците за храна и нутриционизам.
Додипломски и постдипломски во Македонија, докторски во Словенија, постдокторски во Калифорнија... Може ли да ни повлечете паралела меѓу различните образовни системи? Што би издвоиле како позитивно, а што како негативно искуство?
-Не знам дали постои разлика. Доколку уживате во науката, не постои разлика. Проблемот е дека некои луѓе докторираат само заради титулата и остануваат во некои истражувачки институции само за да имат сигурна работа (плата). Можеби разликата е во начинот како се е организирано.
Дипломирањето на ФЕИТ и магистрирањето на ФИНКИ е нешто на кое сум многу горд. Мислам дека овие два факултети придонесуваат за развојот на студенти кои би можеле да продолжат каде сакаат ширум светот. Она на што сум посебно горд е тоа што ни овозможуваат развој на инженерско размислување за кое сметам дека кај многу други студенти надвор од Македонија недостасува. Од мое лично искуство можам да кажам дека студентите надвор од Македонија се можеби повеќе подготвени на апликативно ниво, но кога доаѓа за развој на идеја или решение, инженерското размислување им недостасува.
Позитивното искуство при истражувањето е слободата да ја изразите својата интелектуална креативност. Исто така постои можност за запознавање нови луѓе (од кои некои стануваат ваши добри пријатели) при посетата на конференции ширум светот.
Како негативно искуство би ги издвоил ситуациите поврзани со рокови кога морате да оддадете некој труд за конференција или научно списание. Пред се во ситуациите кога знаете дека тоа не зависи само од вас, но зависи од целиот тим.
Што најмногу Ве фасцинира во науката?
-Другарувањето со науката е нешто кое овозможува да запознаете голем број луѓе кои не ви се врсници, кои зборуваат на различен јазик од вашиот, но сепак ист - науката, кои доаѓаат од различни култури и општествени вредности, но тоа ви овозможува да го спознаете убавиот начин на кој треба да го гледате светот. На тој начин најдобро се расте, созрева и се прогресира во животот и кариерата.
На каков проект работите моментално?
-Со доаѓањето на Стенфорд, се фокусирав на развој на методи од вештачка интелигенција, кои може да се користат за истражување на релациите кои постојат меѓу здравјето на луѓето, храната и околината.
Кој е Вашиот „издувен вентил"?
-Оние кои ме познаваат знаат дека го гледам секој ракометен натпревар без разлика дали станува збор за светско или европско првенство или лига на шампиони. Сум голем ентузијаст за карневали, до оваа година имав 24 пати учествувано на Струмичкиот карневал, за жал оваа година не можев да присуствувам :) Трчам полумаратони и играм латино и стандардни танци.
Која е Вашата највисока професионална амбиција?
-Тешко е да се одговори на ова прашање. Мислам дека најважно од се' е здравје, а останатото ќе биде како што треба да биде. За пет години би сакал да имам своја лабораторија и да работам со студенти.
Што би ги советувале младите интелектуалци, особено кога се соочуваат со демотивирачки ограничувања? Каде да ја бараат мотивацијата?
-Она што би им го порачал на младите, без разлика дали себеси се гледаат во науката или не, е да веруваат во себе и во своите можности, но и верно да ги следат своите соништа. Само така тие соништа ќе станат убаво јаве. Кога се запишав на додипломските студии на Факултетот за електротехника и информациски технологии, никогаш не замислував дека еден ден ќе се запишам и на докторски студии, ниту дека ќе бидам дел од Стенфорд. Но, воден од сопствените соништа и амбиции, сето тоа стана моја реалност и дел од животот кој го живеам.