уметник, карикатурист, илустратор

Уметник што создава портрети со душа

Интервју со
Игор Стевковски - Стевац
14 октомври 2016

„Концепт 37“ беше местото каде што во средата се одржа првата самостојна изложба на уметникот Игор Стевковски – Стевац. Дипломира на Академијата за ликовни уметности, а во текот на кариерата работи за „Детска радост“, „Остен“, неделникот „Фокус“. Бил и дизајнер на поштенски марки...

„Џез, блуз и соул портрети“ е насловот на изложбата, на која и да не сте голем вљубеник во уметноста, или пак џезот, нема да останете рамнодушни.

Ако сте имале среќа да го гледате Стевац како црта, а можете да го направите тоа и следејќи го неговиот Инстаграм профил, тогаш ќе бидете фасцинирани и од леснотијата со која го прави тоа.

Умерен е во зборовите, скромен во однесувањето, гестикулациите, движењето, но бескраен во талентот! Остава делата да зборуваат и за себе и за него. Сепак, можеби највпечатливо од сѐ, се изразот и длабочината, а со тоа и суштината, што се содржат во неговите цртежи. Како во секој момент да ќе почне да излегува музика од нив. Нивната музика. Не можете да не ја забележите емоцијата. Таа е водечка. Портрети од и со душа нацртани.

Ако не сте ги погледнале цртежите, тоа имате можност да го сторите до недела, 16-ти октомври, а непосредно по изложбата, ние успеавме да позборуваме малку со Игор.

Игор Стевковски - Стевац

Дел од разговорот ви пренесуваме во продолжение:

Задоволен ли си од реализацијата на изложбата? Оние што сѐ уште не беа, што ќе имаат можност да видат?

-На изложбата се поставени 19 оригинални цртежи и неколку принтови во голем формат. Некои од портретите се од 2014 година, дел се од лани и поголем број се од оваа година. Можам да кажам дека поминавме одлично, инаку изложбата е заеднички проект со Александар Сани Јосифоски, кој има голема заслуга за голем дел од работата.

Замислена ли е да биде од продажен карактер?

-Оригиналните дела не се на продажба, меѓутоа кој сака може да купи квалитетен принт во неколку различни техники и секако, доколку некој сака, може да нарача оригинален цртеж.

Ерика Баду

Како ја правеше селекцијата? Се работи ли за твои омилени изведувачи и музичари?

- Да ,може да се каже дека ми се дел од омилените артисти и воедно обрнав внимание колку дел од тие ликови се интересни за цртеж. Инаку, планирам уште портрети да изработам во техника која сметам дека најдобро би одговарала на одреден артист.

Твоето творештво вклучува и илустрации, карикатури, стрипови, а во едно писание беше споменат како некој што би можел да го наследи Дарко Марковиќ. Како гледаш ти на тоа?

- Мислам дека Дар Мар е незаменлив во поглед на правецот кој го негуваше тој, додека јас сум повеќе ориентиран на портрет карикатурите.

Душан Петричиќ во една прилика ќе каже дека карикатурата не се учи. Вистина ли е?

-Карикатуристот мора во себе да го носи сенсот за хумор, проникливоста, луцидноста, а тоа е секако дел од карактерот на човекот.

Карикатуристот е критичар или визионер?

-И двете, дефинитивно.

Како знаеш кога еден цртеж или карикатура, дело е готово? И како дека е добро?

- Е тоа е одлично прашање... Да се знае до кога да се работи едно дело е исто така едно чувство кое не го поседува секој.... И да, знам дека е добро :) Се шегувам!

Те нацртал ли тебе некој? Или можеби си се нацртал и сам...?

- Да, и едното и другото... Супер е идејава, пак да си направам автопортрет, бидејки првиот беше мнооогу одамна... Или карикатура, м?

Нина Симон

Ќе патува ли изложбата некаде после Скопје?

-Па, се надевам. Во план е, но сѐ уште немам конкретни информации.

Објавено:
14 октомври 2016
object(stdClass)#526 (8) { ["nid"]=> string(5) "14875" ["ga_count"]=> string(3) "599" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1690236000" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1690236000" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
599 пати