Проект „40-те се новите 20-ти"

Животот не е проба!

Интервју со
Мирјана Марковска
13 ноември 2015

Тие имаат кредибилитет да кажат да или не, без објаснување. Нивната привлечност е нивната самодоверба, сигурност во себе, во својот став кон животот. Тие го достигнале зенитот на нивната женственост и сега го уживаат секој момент и привилегија на нивната петта деценија од животот. Fashionel им се посветува на жените во нивните 40-ти години со нов циклус на интервјуа во кои наши хероини се дами кои нè инспирираат нас, што сме во 20-тите или 30-тите години.

Во нашето следно интервју, ви откриваме една поинаква страна од познатата адвокатка и деловна жена, Мирјана Марковска. Пријатна, харизматична и насмеана, Марковска одговори на нашиот предизвик да покажеме еден поинаков аспект на нејзиниот стил. Таа е основач и потпретседател на Здружението на жени лидери „ЕЛИТ", а оваа година нејзината адвокатска канцеларија „Марковски & Андревски" го прославува јубилејот 18 години традиција, што беше уште еден повод за нашиот разговор.

Што научивте од животот досега?

Животот не е проба. Тој се случува сега и веднаш. Затоа во секоја ситуација треба да го дадеш најдоброто од себе, да си присутна и да уживаш. Можеш да го гледаш животот како ти поминува, особено додека си млада и ти изгледа дека ја имаш вечноста пред себе, а истиот да ти помине пред да бидеш свесена за тоа. Животот е еден и единствен и треба да го живееш моментот.
Порано мислев дека успех е се она што општеството го сметаше за успех: пари, титула, голема куќа. Но, како поминуваа годините, и особено откако го добив моето синче Тео, моите приоритети и сфаќања дефинитивно се променија. Научив дека успех е секој ден да станувам подобра личност, да дадам добар личен пример и да придонесам за општата состојба во подобра Македонија. Не само заради мојата професија адвокат, туку како мајка, жена, пријателка, стопанственичка научив и препорачувам одговорно однесување. Мое големо искуство е што научив да предизвикувам и прифаќам промени и самата се менувам.

Ве плаши ли стареењето?

Не, воопшто. Животот е една прекрасна авантура без разлика во кој период од животот сте. Не чувствувам страв од стареење можеби поради тоа што како член na Здружението на жени лидери „ЕЛИТ“ постојно сум опкружена со прекрасни жени кои се повозрасни од мене. Убаво е да старееш покрај Ленка, Олгица, Весна, Снежана, Ксенија, Наташа, Лидија, Силвана, Виолета, на кои годините и искуството им донеле само придобивки и ги направиле комплетни.

Ако сте здрави ќе се чувствувате добро и ќе изгледате добро. Ако се чувствувате добро и изгледате добро и имате визија за својата иднина, ќе се чувствувате уште подобро. Ако пак имаш и знаење како да ја оствариш својата визија, тогаш ќе се чувствувате прекрасно. Ако се чувствувате прекрасно зошто би се грижеле за возраста. Ова е едноставен концепт кој го научив од овие жени.

Доколку постои страв тоа само може да ве спречи во остварување на своите соништа, лесно да се откажете од тоа што го сакате и да бидете затвореник во вашата комфорна зона.
Ги помнам времињата кога каде и да се појавев бев најмладиот потенцијал. А еве сега сум зрела, возрасна, реализирана, двигател. Навистина сум запознала стари девојки и млади старици. Свирепа сум кога некој во моето опкружување ќе каже не можам да научам – стар сум или стара сум, е ми помина времето, а има само 40-тина години.

Што ѝ е најважно на жената во 40-тите?

Повеќето жени на оваа возраст имаат постигнато се што посакувале од младоста и се реализирале на сите полиња и нивниот интерес е насочен кон нови цели и предизвици. Како најважно би ја издвоила мудроста. Жената во 40-тите знае и умее, а прашањето е дали треба и сака. Друго важно е и себеспознанието, свртеноста кон себе, почитувањето на своите потреби и балансот во живеењето, а посебно во давањето.

Неодамна јас реализирав цел која е свртена кон општеството – отворив Центар за медијација, како алтернативен начин на решавање на споровите надвор од судовите со посредство на трета неутрална страна-медијатор, за чие функционирање ќе треба големо лично вложување од мене и моите соработници.

Пластични операции – за или против?

Дефинитивно за. Многу луѓе се борат со недостаток на самодоверба што се должи на нивното незадоволство со надворешниот изглед. Со пластичната хирургија се дава можност на луѓето не само да изгледаат подобро туку и да се чувствуваат подобро и да бидат посреќни. Ова во крајна линија може да придонесе во подобрување на релациите и односите со другите луѓе. Така што, сите што сметаат дека со пластична хирургија ќе си го подобрат животот, јас во целост ги поддржувам.
Во овој свет во којшто живееме пластичната хирургија и медицина на игла не е повеќе табу и е се подостапно.

 Го чувате ли детето во Вас?

Најзначајна карактеристика на децата е што нивната љубопитност никогаш не згаснува. Сакаат се да видат и да допрат. Тие секојдневно се воодушевуваат од се она што се случува во нивната околина, луѓето и природата. Кај мене останала таа карактеристика на љубопитност и радост секој пат кога ќе дознаам нешто ново. Мора да се трудиме да гледаме на светот без ограничувања и стеги кои возрасните ги здобиле со текот на годините поради животното искуство. Одржување на детето во себе значи одржување на таа радозналост и љубопитност за запознавање на сè што ни изгледа непознато.
Низ годините јас сум го потиснала моето дете, но ете некако ми доаѓа, знам да се радувам, да се смеам гласно.

Кои се предностите што жените ги имаат во овие години?

Предностите на жените во нивните 40-ти е што знаат, можат и умеат. Имаат искуство, се познаваат себеси и можат да реализираат се што ќе посакаат. Најчесто жените на овие години се реализирани на приватен и професионален план, па својата енергија можат да ја насочат кон некои други работи кои им причинуваат задоволство.
Јас лично во овој период се концентрирам на изградбата на систем и подобра организација во работењето на мојата адвокатска канцеларија.

Која е Вашата слика на реализирана жена?

Познавам многу такви жени. Тоа е жена која секој ден го работи тоа што го сака и истовремено ужива во тоа. А тоа може да биде било што. Не мислам само на работи кои носат приходи, туку работи кои носат внатрешно задоволство и среќа.
Најдобро е чувството да постигнете некој успех преку работа која сакате да ја работите.

Се чувствувате ли секси?

За мене ова чувство се менува постојано. Понекогаш се чувствувам секси поради парфемот кој го носам, друг пат поради начинот на кој сум облечена. Понекогаш се чувствувам секси поради реакциите кои ги предизвикувам кај другите луѓе.

Според мене некои жени се сексaпилни поради нивниот став, други поради нивниот интелект. Не мислам дека некој е секси поради убаво лицето или тело. Тоа е убавина, а секси е нешто друго.
Се чувствувам како да сакам сексaпилноста да ја прикријам и сè да биде вкусно, ненаметливо, убаво за око и пријатно.

Правила во дефинирањето на Вашиот стил во овие години...

Па нема некои посебни правила кон кои се придржувам. Сакам да носам облека во која се чувствувам удобно, но секако тоа да изгледа добро. Денес многу нешта влијаат врз мојот стил, како на пример класиката, нови дизајнери, модни списанија како и социјални медиуми. Јас постојано сакам да пробувам нови нешта и така што не се ограничувам и кога станува збор за начинот на облекување. Но, некако најубаво се чувствувам во комбинација на црна, бела и црвена боја.
Сметам дека најдобро ми прилегаат класичните кроеви и модели. Често љубам да кажам дека сум реална жена, со облини и медитерански изглед и им благодарам на Kardashian, Beyonce, Lopez и останатите надарени дами од светската естрада што направија култ од големите задници.

Кое е Вашето животно мото?

Carpe diem. Не треба да се дава многу верба на утрешниот ден бидејќи иднината не може да се предвиди, па така не треба многу да се потпираме на идни предвидувања. Треба да се искористи денот што го имаш и да се даде најдоброто од себе.

Задоволни ли сте од себе денеска?

Веќе 18 години градам успешна деловна приказна на жена-адвокат, експерт во сферата на деловното право, сопственик на адвокатска канцеларија Марковска&Андревски, работејќи и градејќи се низ многу комплексни меѓународни инвестициски проекти. Јас сум основач и потпретседател на Здружението на жени менаџери „ЕЛИТ". Женското лидерство го третирам не како феминистичка туку како економска категорија. Мојот придонес го гледам токму во охрабрувањето на жените да се одважат и да започнат своја деловна приказна. Многу сум горда на нашата 18 годишна традиција, многу искушенија, економски политики, воени кризи, некоизистентни регулативи го правеа патот на успехот многу потежок и неизвесен, но успеавме да опстанеме и да се наметнеме на пазарот како една од поголемите канцеларии ориентирани кон луѓето, поддршката на инвестирање во реално време и на здрава основа, што ми причинува особено задоволство.

Сметате ли дека 40-тите се новите 20-ти?

Да, сметам дека 40-тите можат да бидат новите 20-ти. Тоа се различни периоди од животот кои си носат свои убавини. На 40 имаш искуство и повеќе знаење за животот кои кога си млад не можеш да ги добиеш.

Како се чувствувате кога ќе се погледнете во огледало?

Секое утро кога ќе се погледнам во огледало се чувствувам среќна затоа што сум жива и здрава и имам енергија како да сум се родила сега, немам многу време за судир на рефлексијата на мојата личност, но често знам да си честитам во огледало. Да си кажам браво продолжи така на добар пат си, за веднаш после тоа да си зададам нови задачи и нови предизвици.

Стајлинг: fashionel.mk

Соработници: Fashion Group, Елена Лука

Мakeup: Елена Лука

Објавено:
13 ноември 2015
object(stdClass)#496 (8) { ["nid"]=> string(5) "12418" ["ga_count"]=> string(4) "3042" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1688508000" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1688508000" ["fb_count"]=> string(3) "323" }
Прочитано:
3.042 пати