20 години гранде Пандев – скромноста во големината!

10 јуни 2021

Пеперутките во стомакот се разлетани. Возбудата добива интензитет во црвено-жолти емоции, гордост, конечно колективна среќа после едно толку долго и мачно време.

Македонија на Европско! За прв пат. И затоа за нас, аутсајдерите како што Европа нè доживува, ова е остварување на „сонот наш од детство“.  Посебно и емотивно, гласно и без стеги, му се радуваме на овој наш голем спортски успех и со право. Оваа генерација на Македонската фудбалска репрезентација заслужено ќе ја води својата битка на зелениот терен меѓу титаните.

Јас сум тотален спортски лаик. Никогаш не се потрудив да разберам што е „офсајд“. Но, секогаш со чисти емоции ги доживувам нашите репрезентативни успеси и не верувам дека некој останува рамнодушен на овој историски подем на нашите херои. Сите еднакво заслужни за нашите пеперутки во стомакот, за насмевките на лицата и за очите полни надеж.

фото извор: Македонска фудбалска федерација

Меѓу нив, Горан Пандев, гранде Пандев, бате Горан... се постави како лидер со сите обележја. Во него и соиграчите и раководството и нацијата гледаат сигурност, доверба, храброст и конечно моќ да нè обедини и да нè убеди да веруваме во големи успеси, затоа што и тие се возможни кога искреноста и посветеноста се главни адути.

Неговиот сон да ја однесе Македонија на Европско има толку голема симболика, на залезот од неговата сончева кариера. Го одложи пензионирањето само за да го досонува и да го оствари. И ете го, комплетен, исполнет, на чело на нашата репрезентација ќе ја војува својата финална битка гордо, предводејќи една фантастична генерација фудбалери кои имаат блескава иднина пред себе.

Струмица секогаш важела за град на легенди. Со Пандев Струмица е на „ти“, но секогаш свесна за неговата легендарна големина. За Италија, Пандев е Величина, за неговите колеги бате Горан е семејство, а за сите нас гордост и човек со сите човечки доблести.

Не е само талентот и интернационалниот успех. Неговата големина е и во скромноста и покрај неговата димензија на светска фудбалска ѕвезда. Секогаш сталожен, приземен и смирен, доблесен и без драма, професонално истрча две децении на зелениот терен и од себе создаде бренд и идол кој за новите генерации е вистински репер како соништата не се далеку од реалноста кога вредно си го тераш својот пат.

Наклон до земја гранде Пандев!

Сега е наше време, па макар биле и аутсајдери.

Радувајте се гласно на секоја шанса и гол. Пратете им ја целата позитивна енергија на нашите репрезентативци. Редно е да уживаме во еуфорија која во светли тонови ќе ни го нијансира периодот што претстои!

Објавено:
10 јуни 2021
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
507 пати