Cancel Culture: „Јас те создадов, јас и ќе те уништам“ - публиката

25 февруари 2021

„Јас те создадов, јас и ќе те уништам“ - публиката.

Вака би звучела реченицата чие значење многу од познатите ѕвезди или оние полупознати ја почувствуваа во последните години на своја кожа.

Меѓу последните е и Елен Деџенерис. Излезе дека насмеаната, кул и фина жена, всушност и не е така фина. За тоа посведочија нејзините вработени, поранешни, а тоа беше сосема доволно нејзиниот рејтинг да падне драстично, интересот за емисијата исто така и луѓето да ја „отпишат“.

Оваа тенденција на cancel culture (кога позната односно јавна личност ќе изјави/направи нешто навредливо (повреда на права, морален општествен кодекс), па публиката  ја „отпишува“, односно престанува да ја следи на социјални мрежи, да ја слуша, гледа - бојкотира...) даде еден сосема нов увид во нештата. Воедно покажа дека гласот на публиката не е воопшто наивен.

Вакво отпишување претходно им се случи и на Харви Вајнстајн, Кевин Спејси, Кевин Харт го откажа водењето на „Оскарите“ поради „хомофобни твитови“ за кои и јавно се извини, потоа тука беше и драмата помеѓу Кајне Вест и Тејлор Свифт. Кај нас, со ваков ефект се соочи Тамара Тодевска.

Но, освен што покажа дека познатите мора да  имаат повеќе и вистинска почит кон оние што ги читаат, слушаат, гледаат, сакаат, покажа и дека грешките не се простуваат, па колку и далечни биле од оваа перспектива, дека втора шанса како да не постои. А постои ли во животот реално?

Порано телевизорот и радиото беа тие што не' потсетуваа дека сепак сведочиме на поп-култура, на шоубизнис и дека не се' што гледаме е вистина. Беа транспарентен ѕид, кој ни дозволуваше да ѕирнеме, но и да останеме свесни дека сепак има ѕид.

Но, со доаѓањето на социјалните мрежи на пиедесталот на популарноста и комуникацијата помеѓу „славните“ и „обичните“, сфативме дека не само што не се недопирливи, туку го покажаа своето вистинско лице, некои покажаа дека воопшто не се такви какви што се претставуваат, односно покажаа дека често не се разликуваат од оние што се од “другата страна“ на приказната.

Токму затоа, некои сметаат дека камшикот на cancel culture е пресилен. Ниту ние не сме исти со семејството, најдобрите пријатели кои не' знаат цел живот, и со колегите, познаниците кои и едвај не' познаваат.

Но, без разлика на тоа, почитта и убавите манири треба да се заеднички и дел од сечие секојдневие. Сепак, во време кога речиси се' може да се прочита како навреда, дури и најголемата вистина, доаѓаме до момент кога се прашуваме како да ги соопштиме нештата онакви какви што се, да се плашиме дури и да се пошегуваме?

Оттаму и “cancel cancel culture“ ставот на оние кои сметаат дека ваквите строги рестрикции не се во ред. А не е во ред да се ставаат и сите во ист кош. 

Cancel културата покажа дека и од едно движење може да стане вистинска револуција. #MeToo и #nisisama, се само еден од примерите. Моќта на #хаштагот стана уште поголема. Револуцијата во време на ковид се префрли на дигиталните „улици“. Покажа дека и потценувањето на публиката може да чини нарушен углед - трајно. Враќањето може да биде многу тешко и неуспешно. Покажа дека кревањето на гласот може да предизвика промени.

Но, може да оштети трајно некој што можеби и не го заслужил тоа. Или не во таа мера.

Дали тоа cancel ќе наруши нечии милиони, углед и слава - на чекор сме до тоа да престане да ни биде гајле.

И затоа, како и се' во животот, и cancel culture има свој „плус“ и „минус“. 

Но, од друга страна, навистина има се' повеќе моменти кога кликот на unfollow/block/hide може да ни биде карта за спокој. 

И на социјалните мрежи, но и во животот.

Објавено:
25 февруари 2021
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
147 пати