Да не си жена!

12 февруари 2021

Не сум феминист, веднаш да го расчистиме тоа. Драго ми е кога ќе видам успешни луѓе, а не само успешни жени. Еднакво се радувам, бидејќи знам дека сите се бориме со своите проблеми, и тоа нема никаква врска со полот. Но, низ годините сфатив што значи тоа кога постарите ќе ни шепнеа на нас малите девојчиња – да не си жена! Тогаш ми беше смешно, но можам да ви кажам дека дефинитивно повеќе не се смеам.

Ајде да почнеме отпочеток, и уште од првиот чекор да ги заборавиме општествените притисоци (кои реално постојат и се присутни дури и во ова таканаречено модерно време), да заборавиме на сите правила и да си се однесуваме како жени коишто си го живеат животот онаков како што сакаат тој да биде. Прво, ајде да видиме дали навистина постои простор за тоа, дали навистина постои простор на овие наши простори за една жена да си го живее животот онака како што сака? Па, можеби и постои. Реално, никој нема да нè камшикува ако се издвоиме од толпата, реално! Можеби ќе добиеме неколку чудни погледи и покажувања со прст, ама во принцип – тоа ќе биде тоа! Се преживува.

Одиме понатаму. Сега веќе кога го живееме животот којшто го сакаме онака како што го сакаме, дали имаме право доколку во една точка од нашето постоење посакаме нешто друго, односно посакаме да се измениме и да почнеме некој нов живот, дали имаме право да го направиме тоа? Па, да речеме дека имаме. Нема да биде лесно, да бидеме искрени, долго време ќе бидеме запаметени по она коешто некогаш сме биле, но да, можеби вистински постои шанса да се измениме и да добиеме свеж почетокот. На пример, никој не седи во аголот на животот на еден маж и ги запишува неговите грешки, а доколку го прави тоа, тогаш тоа е објаснето со објаснувањето дека кутриот човек се однесува така бидејќи сè уште не ја сретнал онаа жена, онаа доволно умна и посебна жена која ќе го спаси. Од друга страна пак, во аголот на животот на една жена, секогаш стојат демначи коишто ги штиклираат нејзините грешки, а тие грешки се директно поврзани со нејзиниот лош караткер и начин живот, потенцирајќи дека таква каква што е – никој нема ја земе за да ја спаси. Тоа значи, дека жената е оставена на самата себеси да се спасува, а покрај тоа има и уште една општествена задача, да спаси и некој изгубен маж, којшто не е воопшто лош, туку е едноставно загубен. Интересно, навистина интересно. Но во ред, и тоа ќе се преживее.

И да речем дека жената успеава да се спаси и да биде сама свој херој. Мислам дека жената го признава своето битие во целост тогаш кога ќе сфати дека навистина не е семоќна и дека некои работи едноставно не зависат само од неа. Верувајте, да зависеа од неа, таа ќе направеше апсолутно сè што може за да ги нареди своите коцки. Во една точка од животот, се случува судирот на жената којашто сака да стане мајка и жената којашто сака да работи. Не знам дали знаете, но може да се работи за една иста жена, или пак за жена којашто го сака или едното или другото, или пак за жена којашто не ги посакува ни двете работи. Да, категоризација на правила не постои кога станува збор за животните одлуки, со други зборови – сосема е во ред една жена да сака да биде исполнета на повеќе полиња, без разлика на тоа што тие полиња значат за неа и какви се во суштина. Исто така, сосема е во ред и да не сака да биде исполнета на одредени полиња, бидејќи имено тоа е тоа коешто го нарекуваме  - право на избор. Во суштина, реалноста е следна – секоја жена го одбира својот начин на живот и живее онака како што ќе одлучи, но некогаш можеби и не се работи за избор, можеби се работи за околности. Воопшто не е исто да играте во тим и да сте соло, но истовремено ни играта во тим не е лесна, бидејќи честопати се соочувате со други проблеми. Ништо не е полесно, а сè е еднакво тешко на свој начин. Дури и оние жени коишто изгледаат како да немаат никакви проблеми, живеат живот кој носи своја тежина за којашто вие едноставно не знаете.

А кој е на тапет? Секогаш и засекогаш – некоја жена. Некоја жена којашто работи и има деца, некоја жена која не работи и има деца, некоја жена којашто работи и нема деца, и некоја жена којашто ниту работи, ниту пак има деца. Прашањето коешто постојано лебди во просторот е – зошто? Зошто оваа жена вака решила да живее? Зошто онаа жена онака решила да живее? Дали се работи за мака, или можеби избор, или можеби нешто друго? Постојано лебдат нови и нови прашања. Апетитите на гладната публика никогаш нема да бидат задоволени.

И пак ќе кажам, не сум феминист, ама навистина не сум слушнала некој коментар за некој маж којшто има четириесетина години и нема деца, а секојдневно чувствувам како играат пикадо со животите на жените коишто се наоѓаат во иста ситуација. Или пак со животите на жените коишто прават нешто друго. Или нешто трето. Или било што. Да, сега знам што значи тоа – да не си жена!

 

Ксенија Николова

„Верувам во втора, трета и стота шанса и во тоа дека човекот може да научи да живее среќно и со многу болка, а јас се додека се менувам секој ден, знам дека ќе бидам добро".

Објавено:
12 февруари 2021
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
672 пати