Се вели дека дел од харизматичноста е вроден, а поголемиот дел се формира со воспитувањето, обрзованието и животните искуства.
Некои луѓе се неприметни, а некои магнетски привлечни. Харизмата претставува квалитет со кој поединецот се издвојува од обичните луѓе и кој може да ја шармира и фасцинира околината без разлика на неговиот физички изглед. И мене од секогаш ме фасцинирале таквите. Посебни се! Тие се свесни за тоа. Имаат сила во емоциите, заразни се со емоциите и имаат отпорност на туѓото емоционално влијание. Кога ќе здогледате некој кој има харизма како да се „топиме" пред него, на неговата насмевка, говорот на телото и моќта на зборовите. Тие како да се толку силни и самоуверени во својата посебност што токму тоа и го пренесуваат на нас. Харизматичниот внимателно слуша или барем така ни се чини, како да имаме чувство дека целосно ни се посветува како да сме единствени на светот. Но, она што ми е најинтригантно е нивната емоционална контрола. Како да ја прилагодуваат и дозираат во точен соодност, па по потреба ги активираат шармот, оддушевувањето и гневот.
А, својствено им е да ја задржуваат прибраноста во стресни ситуации, па со тоа покажуваат дека се над проблемите. Секако, и тие имаат свои маани, но нивната неверојатна позитивна енергија која можат да ни ја пренесат е вистинско бесценото доживување. Денес има се помалку харизматичари.
Најмногу доминираат оние лажните, со лажна насмевка, скриени намери и лицемерие. Таквите „лисици" најчесто е многу тешко да ги препознаеме, но никој не може многу долго да лаже. Во ерата на социјалните мрежи не убедуваат дека се харизматични со прикачување на разно разни примамливи фотографии, со статуси, цитати и шеги. Ама нивната посебност никогаш не доаѓа до израз затоа што го немаат „Икс факторот„. Но, да бидеме реални.
Вистинските харизматичари можат и да не заведат. Нивните шармантни и привлечни потези успеваат да ги поттикнат дури и народните маси. Внимателно! Размислете дали верувате во нечии темелни вредности или ве окупирапе шармот и слаткоречивоста.
А да. Немојте да се разочарувате ако не сте харизматични и немате влијание при пренесувањето на вашите идеи. Психолозите тврадат дека со помош на тренинг можат да се стекнат 50 отсто од харизматичните својства. Меѓутоа, да бидете такви какви што сте и луѓето да ве сакаат баш такви какви што сте, е најголемата харизматична придобивка!
Содржината е личен став на авторот