Гломазен фустан за нераспознавање

7 февруари 2018

Земјава има моден потенцијал, но неговата сила е диктирана од неколку клучни фактори кои или ќе донесат успех или ќе нè „изеде" неквалитетот и површноста

Автор: Небојша Толески Иглата боцка, ама може и да те боцне! Така ние ја боцкавме модно земјава со години и ѝ сошивме фустан токму таков за да може да не се гледа цела, никој да не ја препознае... На главата и ставивме превез и ја пуштивме да се „фрцка" така полу слепа... До душа, на фустанот имаше и интересни, инвентивни и квалитетни иновации, рачна доработка и фантастични визионерски изблици, ама сето тоа некако во сенка на премасивниот гломазен фустан! Македонија на модната мапа тешко дека ќе ја најдеме! Не треба срам да се признае дека на тоа поле не функционираме доволно ниту пак се превзема нешто конкретно. Многу е јасно - се додека нема чекор напред, значи дека или се стои во место или чекорот е вратен назад. Крупни исчекори значат крупни придобивки. Но, да не заборавиме. Ние сме економски слабо развиени, па од таму и потекнува дел од проблемот.

Остантиот дел е во модната култура, маркетиншките трикови, незаинтересираноста, разграничувањето на термини, продуктивноста, капацитетот, талентот, „ваѓање на очи" на оној кој е подобар... Во моментов, нашата мода не е конкурентна и е сведена на ниво во кое повторно се обидуваме да ја препородиме. Ама така веќе триесет години ја препородуваме... Се разбира, се родија и брилијантни модни умови, но по извесно време се откажуваа, изморени од финансиските игри и немоќта на државата. Оние кои сега егзистираат во форма на модни дизајнери или модни куќи веројатно со сите сили се трудат да променат нешто, да прикажат парче визија, но и тие стравуваат од непродавање. Пазарот е тој, куповната моќ таа! А, дали нудиме соодветен моден производ? Купците секогаш си го пронаоѓаат она што им се допаѓа, но сепак и тоа како е битно каков моден производ купиле! Овде идеите ги има, ама зачестената слабата реализација, недефинираноста, неразвиеноста и неуникатниот производ се нешта кои најчесто го разобличуваат финалниот исход. За висока мода смешно е да се зборува. Не можеме да се мериме со светската модна сцена. Ова не е Холивуд, живееме овде!

А да! И текстилна индустрија имаме...или имавме или ја имаат оние на кои им е битен само профитот, без автентичен наш производ. Сè се сведе на шиење лон систем за некои од станските брендови. Други беа времињата кога се создаваше модата кај нас, но со транзцијата од корен се исече и тоа малку што го изградивме.

Нема кохезија на релација моден дизајнер - текстилна фабрика. Овде сите се знаат и секој е способен за сè па и по цена производот да си стои во магацин... Ќе се продаде кога тогаш, макар и на кило... Нула критериум за дизајн и дезен, сезона. Од друга страна, малкумина знаат колку треба да се направи една самостојна ревија и колку труд се вложува за да бидеш различен со дизајнот, да правиш баланс помеѓу понудата и потрошувачката и она што го бараат кај нас. И колку е страшно да си ограничен во идејата.
Токму тоа и се случува на нашата модна сцена. Но, самото прескокнување на бариерите овде би значело загуба на вложеното. Се разбира, секогаш не е така, но се понеисплатливо станува. Од една страна имаме евтина облека по бутиците, солидно изработена и со солидни материјали, а од друга страна скапа наша дизајнерска облека. Ама луѓето не се свесни дека добиваат автентичен прозивод, уникатност и дизајнерска визија, скроена токму за вас и вашето тело.

И тоа се плаќа, ништо не е без пари. Не секој од нашите дизајнери може да го понуди тоа, односно квалитет, но ги има! И токму таквите, со развиена свест и осет за естетика и софистицираност ги препознаваат. Дури и носат нивни креации. Тоа треба да нè радува. Некој можеби треба да ни овозможи каков таков пласман надвор од нашите граници. Можеби државата?

Србија на пример вложи во дизајнерите и затоа ги гледаме на светската сцена. Виде потенцијал во тоа и го искористи во вистинска насока. Со една, две, па и три шивачки, без соодветна „поткованост" тешко дека еден наш дизајнер би се пробил на запад... или на исток, сеедно. Ама секој заслужува шанса ако евентуално ја добие.

Модата е бизнис, скап бизнис, уметност во движење и ткиво кое постојано се менува. Од неа може да се профитира, да се диктираат трендови, глобално да се делува. Потребни се пари, знаење, умешност, визија, стимул... Цел тим зад себе... Голема продукција и уникатен приспособлив производ. Што поголем пласман и препознатливост...

Многу нешта ќе останат и недоискажани, но мора да се делува! Македонија никој со душа не ја чека никаде. Дали сме способни модно да се понудиме пред светот, најверојатно времето ќе покаже, но и тоа нема да биде од корист ако сериозно не се пристапи и не се согледа дека еден од најголемите капитали во државата лежи во модата.

Содржината е личен став на авторот

Објавено:
7 февруари 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
549 пати
Тагови: 
колумна мода