Од утре, 5 мај, на репертоарот на македонските кина ќе биде и српскиот филм „Си беше еднаш во Србија“. Премиерата се одржа неодамна во „Синеплекс“ со присуство на режисерот Петар Ристовски и дел од актерската екипа.
Бевме дел од оние имаа можност премиерно да го гледаат и со вас ги споделуваме нашите впечатоци.
Од повозрасната генерација знаат дека Лесковац, градот каде што е сместено дејството, навистина го викале „Малиот Манчестер“, или пак „Српскиот Манчестер“, а филмот на свој начин објаснува и зошто е тоа така.
Колку за вовед во приказната, по талкањето низ светот, во 1922 година, двајцата пријатели Дине и Цоне се враќаат во родниот крај, малиот град на југот на Србија. При пристигнувањето во запуштениот Лесковац, Дине го затекнува своето руинирано кино а Цоне сопствениот погреб!
По војната, Дине (Немања Оливериќ) по некое чудо ќе се најде во Париз каде што учи за убавините на животот во голема метропола, ги запознава убавите парижанки и го открива новиот медиум – филмот. Цоне (Виктор Савиќ) по ранувањето и амнезијата завршува во Манчестер, тогашната престолнина на индустрискиот развој, каде што ќе научи дека само низ црниот фабрички чад и напорната работа се стигнува до успех.
Паралелно со тоа, гледачот следи и две љубовни приказни. Едната е љубовен триаголник, помеѓу Цоне, Зорка и нејзиниот нов вереник Аќим, за кого на крајот имате помешани емоции - негативец ли е или не?, со одличната глума на Радован Вујовиќ.
И втората, помеѓу Дине и Ружица, која мора да признаеме е поинтересна од првата и заслужила и повеќе внимание. Преку спој на искрени емоции и исто толку суеверие, хумор и народност, фантастичната актерска умешност на Немања Оливериќ како Дине и Слобода Миќаловиќ како Рушка, овој љубовен пар и нивната љубовна приказна се полн погодок!
Од друга страна, љубовната приказна помеѓу Цоне, Зорка и Аќим е прилично предвидлива, а на моменти и млака, за што можеби придонесува и кастингот на главниот женски лик.
Но, без разлика на љубовните приказни, како што рековме, филмот паралелно го претставува повоениот период кога Лесковац треба да почне да се крева од пепелта, кога е индустријата во прашање и тоа благодарение на визионерството, упорноста и вредната работа.
Лесковац - градот познат по скарата, лутите пиперки, но и квалитетните штофови, а потоа и сапуни, лекови, шампони... Но, најмногу можеби по народниот хумор, кој без разлика на околностите и времето успева да опстане. И во филмот тоа е одлично прикажано.
Иако јужниот дијалект знае да биде проблематичен за оние „од северот“, сепак актерите покажаа солидна умешност и автентичност во говорот.
Низ мошне симпатичен и автентичен говор и хумор, остварувањето зборува за вистинските вредности, пријателства, искрена љубов, жртви, но поеднакво и за тоа дека визионерите се тие што го менуваат светот. Како што и една од репликите вели, можете да видите некого како седи на мало столче, но не знаете колку далеку гледа во небото.
И токму тие што гледаат далеку, како што во филмот тоа е Цоне, а и неговиот пријател Дине, се оние кои ја започнуваат промената.
Можеби со филмот, неговата атмосфера и емоција се одело на сигурно, па нема некои поголеми изненадувања, дејствието можело да биде и постегнато, но тоа и не мора да биде секогаш лоша работа.
На крајот, после нешто повеќе од два часа, не се залудно потрошени - ќе сфатите дека сте уживале во симпатичен хумор, во приказна за вредности какви во реалниот живот се' повеќе ни недостасуваат, ќе излезете релаксирани после сиот стрес што сте го имале дента и ќе си речете дека и што повторно се навраќаме на тоа што било некогаш, не мора секогаш да ни буди лоши емоции.
Важно е како било некогаш, за да знаеме од каде работите започнале.
Важно е како било некогаш, за да видиме до каде сме успеале да го реализираме тој поглед угоре.
Важно е да поверуваме во чудо еднаш, за да посакаме да се случи повторно.