Луѓе коишто не знаат како да се пикнат под кожа

15 јануари 2021

Одамна почнав да се обвинувам себеси за се’ што ми се случува. И тоа не е поради тоа што не се сакам – туку токму поради тоа што се сакам. Пронаоѓањето на вината во себеси ме ослободи и ме спаси од бескрајните лавиринти. Не сум повеќе гневна, не сум повеќе лута. Едноставно го сакам животот и се трудам да ја најдам својата светлина. Тоа е прекрасен начин на живот.

Но, постојаното работење на себеси умее да биде и сосема погрешно сфатено од луѓето околу нас. Не, обвинувањето себеси не значи дека мислиме дека апсолутно се’ е наша вина, туку дека умееме да ги распознаеме нештата врз коишто имаме контрола и можеме да ги измениме и оние коишто едноставно не можеме да ги направиме поинакви. Луѓето коишто работат на себеси, никогаш не влегуваат во непотребни конфликти, туку едноставно се повлекуваат, и не поради тоа што не знаат која е реалната слика, туку поради тоа што одбиваат да ја трошат својата енергија на работите кои немаат никаква врска со нив.

Честопати, тивките и повлечени луѓе, оние кои се фокусирани на својот раст и на својата личност, отстрана се сфатени како луѓе коишто „не знаат како да се пикнат под кожа“. Тоа се смета за недостаток, за вештина којашто секој човек треба да ја поседува доколку сака да оди напред и да успее. Во ред, но јас во тоа не верувам. Јас верувам во систем којшто препознава квалитет, а за тој квалитет да дојде до израз, сметам дека не е потребно ништо друго, освен – квалитет. Со други зборови, со среќа на оној свет којшто останува на луѓето коишто „знаат како да се пикнат под кожа“ и кои целата своја енергија ја фокусираат токму на тоа. А познавам многу такви. И им се восхитувам. Навистина го мислам тоа. И мислам дека многу од нив се навистина способни. И затоа не ги обвинувам. Само ми е многу, многу криво. Го обвинувам системот којшто трудот не го препознава, го обвинувам системот којшто прогрес не создава, го обвинувам системот којшто способните луѓе ги претвора во неспособни, грабајќи им го фокусот, убедувајќи ги дека не треба да прават ништо за личниот раст, бидејќи тоа е секако залудно, штом нема систем кој тоа ќе го забележи.

Земете длабоко воздух, бидејќи длабоко почнавме да тонеме, а тоа е лошо за сите. Оние коишто заслужуваат да дојдат до израз, остануваат невидливи, оние коишто заслужуваат да дојдат до израз и ја добиваат таа шанса, престануваат да го прават сето она поради коишто теоретски би ја заслужиле таа шанса бидејќи на крајот од денот не ја добиле поради тоа, а оние коишто не заслужуваат да дојдат до израз и ја добиваат таа шанса, се најчесто капетани на нашите бродови. И да, тие се’ уште не знаат дека бродот одамна е под вода.

Секоја чест на исклучоците, понекогаш ќе чујам и за такви примери и ќе ми се стопли душата, па ќе си речам – постои надеж да не го допреме дното.

 

Ксенија Николова

„Верувам во втора, трета и стота шанса и во тоа дека човекот може да научи да живее среќно и со многу болка, а јас се додека се менувам секој ден, знам дека ќе бидам добро".

Објавено:
15 јануари 2021
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
1.890 пати