Тоше Проески (1981-2007)

Моето писмо до Тоше

16 октомври 2017

Поминаа десет години. Велат брзо минува времето. Како за кого .... Што може да направите кога има една празнина која никогаш и никаде и ниту на еден начин не може да ја исполните.
Што се случи во ова време кога те нема? Искрено, многу работи ... она што тебе нема да ти се допадне е дека не се сакаме повеќе едни со други. Не пееме наши песни, музичките фестивали ни се повеќе од лоши, твоите песни ретко се пуштаат на радио.

Пред точно една година РТС дојдоа да ми побараат изјава за тебе оти правеле документарец за тебе по повод десет годишнината од смртта. Замисли, со време си ја фатиле работата. Велеше како сакаш да ја имаш моќта да исчезне омразата и злото меѓу луѓето. Верувај ми се обидувам секој ден да најдам тронка љубов и да ја замаглам некако злобата во народот. Се подели народот бејб.

Сигурна сум дека во еден момент ќе беше и ти на отстрел, секако на некои маргинални ликови и ќе те повредеа. Се обидоа да те повредат неколку години после смртта. Знаеш, дали требало или не требало спомен куќа, концерти, песни. Тие не знаат дека ти самиот не сакаше некој нешто да ти направи, оти сам си создаваше. Направивме мјузикл за тебе. Млади талентирани деца кои ги пееја твоите песни со таква емоција и одговорност кон твојот лик, што мислам дека и ти би бил горд. Се кострешев секој пат кога ќе го пуштеа твојот сув вокал на сред претстава во една сцена каде ја пееш твојата омилена „Зајди зајди“. Седев склупчена до суфлерката чекајќи ред за мојата сцена и само се чувствуваше таа тажна тишина. Мислам дека никој не дишеше. Ја симнаа од репертоар. Нема да се игра повеќе. Знаеш веќе, големи менаџери на театри одлучуваат за естетика, тоа е, тие највеќе знаат.

Кревавме врева, се збираат на плоштади твоите најверни обожаватели и тогаш ечи Скопје. Тие неколку часа. После се е исто. Ти текнува кога зборуваше дека целиот свет е убав кога си насмеан, а кога си нерасположен те нервира и сончевиот ден. Морам да ти кажам, тука повеќе никој не се смее. Ретко ,многу ретко. Дојде ова лудо време ако се насмееш мора нешто да ти фали. Животиште бејб!


Љубов? Нели постојано разговаравме дека мора да се сака некој оти поинаку нема смисла. Еве ти признавам дека јас се откажав од љубов. Оти ми дојде преку глава од трофеизам на мојата емоција. Секој ден мислам дека и ти би се откажал. Овде љубов моја не те сакаат кога си долу на дното, кога имаш маки. Овде те сакаат само кога ним ќе им дојде моментот. Одат и подалеку, уживаат во твојата мака и велат: Ако му е. Да те сака некој само тебе, така викаше ти. Отворено си реков дека мојот багаж е претежок , морам сама да го износам. Не верувам како ти што не веруваше многу одамна.

Стармал беше отсекогаш!

Јас како тебе го молам Бога да не ми ја земе инспирацијата за театарот, пишаниот збор и за животот. Така се борам против сите оние неталентирани кои едвај чекаат да те сопнат на патот, оти некој им дал право да одлучува за судбината и за мојот живот. Се молам и за нив, така правевме кога бевме очајни на времето. Се смеевме .... Кажуваше како треба да се сакаме без да очекуваме некој да ни возврати, ете јас го правам тоа и ништо не барам. Мразевме двајцата посесивни луѓе, бегавме од нив. Така и остана.


Велеше дека човек мора да остане човек каков успех и да постигнал. Јас останав, тука сум меѓу луѓето, се радувам на успесите на талентираните деца, се радувам на моите деца кои и покрај сите премрежја останаа свои и мои. Раатот знаеш не се купува, тој се создава. Немаше да имаш раат, оти беше безобразно многу емотивен.
Пријатели се оние кои ти беа највредни. За твојот краток живот имаше другарчиња кои те спомнуваат, го чуваат споменот на тебе. Ама онака како што треба. Кај мене е исто бејб, го стегнав обрачот околу малку мои вистински луѓе и добро ми е. Игор вели: Ќе видиш после 100 години ќе излезе дека јас и ти сме биле најнормални.

Тука си и ти вклучен. Нема попристојно и посаглам дете од тебе. Одиме на места каде што сме раат, избегнуваме гужви, си седиме по дома. Исто е, како што ти си свиреше на гитара и ние си свириме си пееме, пишуваме текстови, се смееме. Еден ден кога одевме на проби за „Тајно моја“ со Игор заклучивме дека нема песна што не ти ја знаеме, нема текст што згрешивме. Баш бевме горди тоа попладне.

Најмногу се мислам за она кога кажа дека ти е просто незамисливо кога има некој што може да пружи, некому што нема. Такви има се почесто! Чест на исклучоците, но има и онакви кои треба јавно да ги повикаш за да одат и да помогнат. Претпоставуваш, луѓе се помалку ,она од што јас и ти се плашевме дојде како вистина, како секојдневие.

Не сакаше кога целта ги оправдува средствата така? Се е така сега душо, се е дозволено, секој може да те дискредитира, да го релативизира твојот успех. Убаво што зборуваше дека сите ние сме поврзани со некоја сребрена жичка.... ти не знаеш колку проклето сакам да си во право.
Исто така сум сигурна дека и покрај сите тешкотии би се борел за љубов. Пушти ме ти мене, јас иако зборувам дека се откажав од тоа потајно сонувам, само сонот не им го давам, нека пукнат.
Кога ќе ви одземат се, ќе ви останат двете раце, составете ги една до друга за молитва! Мислиш не го правам тоа? Го правам секој ден, оти само тогаш ја чувствувам светлината и леснотијата на нашето постоење.


Ќе има промоција на твои три песни.Ја слушнав едната,точно знам дека ти била демо снимка.  Искрено, горчливо е чувството кога ќе го слушнам твојот глас во нова песна, оти знам дека нема друго утро да ја отпееш пак, се подобро и подобро. Да смениш аранжман, да ја превртиш песната наопаку и да се смееш на секоја нота.

Ќе дојдам денес кај тебе, ќе си помолчиме, нема да сум за муабет да знаеш.
Ми недостасуваш како гулаб во рака, како љубов која ми бега, ми недостасуваш како присуство, ужасно е твоето отсуство.

Твоја Бејби

П.С
Твоите девојки се ок, среќни и исполнети. Знам дека се радуваш за нив, оти си ангел...

 

Бејбимама 

 

Објавено:
16 октомври 2017
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
8.673 пати