Не земајте ги децата „здраво за готово“!

18 мај 2018

Неодамна, купувајќи нешто во една продавница во трговски центар, на касата до мене стоеше една млада мајка со дете не постаро од три години кое упорно си играше со закачалките и алиштата што таа планираше да ги плати.

Откако неколку пати го опомена да не го прави тоа, иако воопшто не беше нешто страшно, веројатно не размислувајќи, на цел глас му посака да „паднат закачалките и да го утепаат, па никогаш да не му текне да го прави истото“.

Иако веројатно секој има свој начин на воспитување и секој треба да го почитува истиот, не можев а да не ја прекорам со поглед и неколку зборови кои ги заслужи.

Фото: Unsplash

Госпоѓо, те молам...

Воспитувајте ги децата како сакате, но ве молам немојте да ги прекорувате на тој начин, уште помалку да ги засрамувате пред огромна маса луѓе.

Како спиеш ти госпоѓо кога на своето дете пред сите му посака да го „утепаат закачалките“? Сигурно на секого му се случуваат моменти на бес кога не размислувајќи говориме и правиме работи за кои подоцна ужасно жалиме и веројатно не ги мислиме, но да се обидеме да не дојде до тоа.

Не земајте ги децата „здраво за готово“, не се однесувајте така со нив, помислете дека некој ги чека целиот свој живот.

Фото: University of Oxford

Се сеќавам, мојата многу плачеше, секогаш и секаде, и јас со неа. Во ниту еден момент не посакав или помислив, ниту пак изустив нешто слично. Ја чекав долго време, а и без тоа, никогаш немаше да посакам да ја немам, уште помалку нешто да ѝ се случи.

Таа е „виножито“ бебе, поради што уште повеќе прави да ја сакам. Сигурно некогаш ќе го повишам тонот, но никогаш нема да изустам слични зборови.

Ако ме читаш, ти нема оправдување. И три да ги имаш, немаш простор за толкав бес со кој ги изусти зборовите. Веројатно среќна си што детето е малечко, па најверојатно нема да се сеќава на твоите изливи, но те молам немој да ги повторуваш.

Фото: Parents Magazine

Обиди се да изброиш до десет, па размисли што е најдобро да направиш во ситуацијата. Во тој момент сети се дека некој толку го посакува твоето дете и минува низ толку многу за што ти немаш ни претстава.

Наместо да го прекоруваш, остани со него малку подолго кога ќе заспие. Погледај го затоа што ќе ти порасне многу брзо, барем така велат, а сега и јас сфаќам дека е навистина така.

Пред некој ден сфатив дека косата и е толку порасната што можеме конечно да врземе репче...Сфатив дека станала буцка и повеќе не ја собираат омилените тигрести хеланки, а до вчера секој ден одевме во болница да се мериме...

Фото: Parents Magazine

Ти треба да сфатиш колкаво богатство имаш до тебе и никогаш повеќе да не му се обратиш со таков тон и со тие зборови.

Наместо тоа, те молам купи му сладолед и објасни му зошто друг пат не треба да ги бутка закачалките...Или само купи му сладолед, и така беше многу мал и до утре ќе заборави. А за воспитување, цел живот е пред вас.   

Објавено:
18 мај 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
742 пати