Ок е да се сакаме себеси, но ајде малку и другите...

17 февруари 2021

Низ медиумскиот простор сè повеќе се посветува внимание за self care, што подразбира не само надворешна нега на лице и тело, туку на нашето внатрешно „јас“.

Социјалните мрежи, секако потпомогнати од медиумите, направија своевидна револуција во ставот да се сакаме себеси.

Истиот беше прифатен и гушнат со две раце, како што и самите би требале да се прегрнеме, но далеку од тоа дека „мисијата“ е завршена.

Сепак, не може да не се забележи дека на тој пат кон самоприфаќањето и самосакањето, изгледа забораваме да сакаме и други.

Тука не мислам на родителите, братот, сестрата, партнерот, миленикот.

Мислам на луѓето во нашето опкружување, оние што ги познаваме или пак што можеби првпат ги среќаваме.

Мислам дури и на коментарите што се оставаат под текстовите во медиумите или пак оние  на фесјбук објавите.

Мислам на оние со сообраќајна некултура, каде посебно владее индивидуализмот.

Мислам и на оние што игнорираат додека некој друг уредно чека на својот ред пред пошта, продавница, пекара... или каде и да е.

 

Во таа потрага по љубовта кон себе, се судруваме со себичноста која станува сè поголема.

Немојте да се газите или на друг да му го дозволите тоа.

Заборавете на негација кога упорно си ги барате недостатоците. Но, бидете реални.

Работете на себе. На себеперцепцијата. И на перцепцијата на другите.

Не соголувајте се духовно пред секого, бидејќи верувајте на повеќе навистина не им е грижа, можат тоа што вам ви е драгоцено да го искористат за забава.

Гледајте со бистар поглед и ум, па одлучете кому ќе му ја дадете довербата, насмевката, љубовта, пријателството...

 

Но, тоа не значи да ја останете без емпатија.

Ја губиме емпатијата, тоа благородно чувство кое умее да го огрее и најтемниот ден.

Ја губиме културата на однесување.

Толку станавме огорчени да не умееме да кажеме ниту едно насмеано „добар ден“?

Зарем немаме веќе добри денови?

Или зарем навистина токму не ни е грижа за никој друг освен за себе? И немаме право на грешка – од правописна до некоја животна, која ни станува лекција?

Секој од нас има нешто што би можел да направи, а да предизвика поубаво чувство. И кај себе и кај другите.

 

За некого тоа е совршено сработена работа на професионално поле.

За некого тоа е мирис на тазе испечена пита, подарена или споделена со некој друг.

За некого тоа е дарбата да успеат на насмеат друг.

За некого е да подари нешто од срце. Цвет, фотографија, спомен...

За некого тоа е повик без причина и искрено како си?

За некого е да стане некому во автобус.

За некого е да даде комплимент или пофалба за трудот.

За некого е сварен чај или кафе наутро.

За некого е одењето заедно на лекар. Или кино. Или концерт.

Или гледање во ѕвезди.

За некого е искрен разговор.

Или искрено молчење.

Присуство.

 

Што и да е тоа за вас, ако сте заборавиле потсетете се и сторете го тоа. Ќе предизвикате убаво чувство кај друг, но и кај себе.

Затоа што и љубовта кон другите е знак за тоа колку сме во мир и љубов со себеси.

Да престанеме да притискаме онаму каде што боли, туку да се обидеме да направиме да исчезне.

Објавено:
17 февруари 2021
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
193 пати