Неспорно е дека фестивалот на филмска камера „Брака Манаки" е одличен и со години успева да биде интересен и по содржнина и по концепт. Строго зацртаните правила само му ја засилуваат уметничката вредност поткрепена со фантастични филмски проекции и видни гости од светот.
Сјајот на манифстацијата никогаш немаше да биде целосен ако не постоеше и црвениот килим, место каде дефилираат инволвираните во филмскиот свет. Но како и секоја година, не можевме да очекуваме приближен Оскаровски гламур. Церемонијата на влегувањето во салата преку килимот треба да значи влегување во своевиден храм на кој треба да му се оддаде почит, се разбира, и модно! Но никако да ја научиме лекцијата. Не е пригодно да се оди во коктел преедноставни кратки фустани нити пак во фармерки и карирани кошули. Чанти кои се за на работа, несоодветни чевли и облека во која доминира хипи стил. Свечениот чин значи и свечена облека, но не таква како украс за Нова година.
Веќе е досадно да знаеш дека истите ликови кои дефилираат од напред и знаеш што ќе облечат, не сакајќи да си го нарушат комфорот, суетата и личниот стил. Гласам за автентичност, но на вакви настани истата таа автентичност треба да биде издигната на повисоко ниво. Во крајна линија, луѓето се тие кои ги праваат фестивалите интересни и токму тие со својата облека треба да остават забележителност кај останатиот дел од публиката и секако медиумите. Срамежливото и пре скромно прикажување на себе си и она што го носат останува незабележано, а секоја добра промоција привлекува внимание. Треба да биде јасно дека понудувањето на гламур не е опасно по живот. Се разбира, гламур во наши рамки, со примеси на нешто светско.
А, зошто па да не се облечат гламурозно? Приликата е уникатна за да блеснеш, а не да се засениш од на пример- костимче за во канцеларија. Токму екстравагнцијата дополнително би го збогатила фестивалот и би му дала еден поинаков шмек. Но, на последиот „Браќа Манаки" видов и така добро облечени дами, што дури се запрашав дали носат креации на некои светски дизајнери. За цела среќа, дизајнерите биле наши и навистина се потрудиле да дадат се од себе за личноста да изгледа блескаво. Е токму како нив треба да изгледаат повеќето. Да им се вејат фустаните, да остават трага, да бидат видени, да привлечат внимание, да се восхитуваме... За Клаудија Кардинале нема што да се зборува за начиот на кој ја носи облеката.
Таа е толку голема и грациозно луцидна, што и да облече партали, тоа ќе биде таа! Нејзината влијателност, шарм и сето она што го оставила зад себе зборуваат дека дама си е дама во секое животно доба. Дури и со цигара во рака, остави впечаок на питома и нормална личност која не ја симна насмевката. Ама таа е дел од еден друг свет каде нештата функционираат поинаку, поинаку и ја преобликувале, поинаку и ја научиле да се однесува. Но, еве како поттик, таа е свесна дека старее, дека не е убавица во вистинска смисла како порано, ама дека кога ќе стапне на црвениот килим остава трага која се памети...
Фото извор: Официјална страна на ИФФК „Браќа Манаки“
Содржината е личен став на авторот...