Седата коса на Ева Лонгорија ни е супер, ама на Кристина Ковач не!

19 јули 2021

Српските медиуми изминатиов викенд „гореа“ со наслови за „случајот Кристина Ковач“.

Имено, познатата пејачка и музичарка, објави фотографија од летен одмор со својата малолетна ќерка, на која се гледа седиот корен, а притоа е бушава.

За оваа нејзина појава спрските медиуми (а ги следеа и дел од регионот) подготвија сочни наслови за тоа како некогашната убавица Ковач е буквално непрепознатлива.

„Некогаш занесна бринета, а сега седа и со брчки - Кристина Ковач не личи на себе“, „Јавноста шокирана со новата фотографија на Кристина Ковач: Препознатливата убавица драстично остарена, со седа коса и старeчки пеги“, “Дали би ја препознале“...

И тука настапува крволочната борба за кликови и двојните стандарди. 

Кога се во прашање светски познати дами, тогаш насловите изгледаат поинаку. Видеото во кое Ева Лонгорија го бојадисува својот бел корен на косата, е симпатично, таквиот чекор е храбар од страна на дамата, која патем има исто години колку и Ковач. Кога кралицата Летиција се појави со седи прамени во косата, тоа беше проследено како наметнување на нов тренд.

Енди Мекдауел во Кан се појави исто така со седа коса и доби аплаузи и не само таа - Џоди Фостер, Хелен Мирен, па и Шерон Стоун... “Вог“ го поздрави овој „тренд“ на Канскиот филмски фестивал, но и медиумите широм светот, а тука се најдоа и медиумите од регионов кои се согласија дека ова е супер тренд.

Но, сега кога се појавува локална личност, тогаш тој тренд не е ни симпатичен, камо ли вреден за пофалба, тогаш немаме ниту едно: „Браво за природниот изглед“, „Браво за храброста“, туку имаме сензионалистички наслови во кои дури се споменати и „старечки пеги“.

Единствено важно во тој момент е борбата за клик - колку поевтин наслов, толку повеќе кликови. А оваа ситуација не беше исклучок. Ковач не остана должна на овој „напад“ на медиумите, како што и самата го нарекува.

Кристина одговори преку едно долго писмо на својот „Фејсбук“ профил, повикајќи ги жените на „ природна револуција“ 

Нејзиното писмо ви го пренесуваме во продолжение, а во оригинал и во целост можете да го прочитате тука.

извор: фб објава на Кристина Ковач

„Повик на акција!

Пред сè сакам да се заблагодарам на огромната поддршка која пристигнува од сите страни на регионот, после вчерашната хистерија на порталите кои од мојата опуштена фотографија со ќерката, од летен одмор, направија таблоидна сензација. И тоа каква!

Искрено, бев запрепастена од насловите - не поради тоа што ми е важно како изгледам, па ова ме навредува; не поради тоа што некои таму таблоиди ми го расипуваат имиџот; туку поради тоа што јас самата не сум и никогаш не би видела нешто од тоа (посоченото од медиумите) на таа фотографија, како  и илјадниците кои ми се јавија да ми дадат поддршка. Значи, гнилежот е во окото/душата на набљудувачот.

И тоа не би бил некој проблем, доколку тој гнилеж не е во позиција, секој ден од нашите животи, да го крои јавното мнение во Србија, Хрватска, Црна Гора, Македонија, Босна и Херцеговина... доколку не влијае на милиони жени, девојки, девојчиња ширум регионот, срамејќи си и сожалувајќи ги ако не се доволно „средени“, доволно оперирани, доволно обликувани, доволно вештачки. Не би било проблем доколку сите тие „одговорни и професионални“ медиуми брутално и без мислост не го обкејтивизираат секое женско битие, прогласувајќи не безвредни доколку не сме ја напумпале устата, не сме ја бојадисале косата, не сме се нашминкале до балчак и не сме ја „натртиле“ задницата за сликање.

Не. Не прифаќам! Во мое име, во името на ќерка ми, во името на сите жени на Балканот. Не прифаќам!

Вредноста на една жена не лежи во тоа колку време и пари (не) посветила на својот изглед, козметичари, тренери, Инстаграм филери, ниту пак некогаш ќе лежи во тоа, колку медиумите од регионот да го посакуваат тоа.

Вредноста на жената лежи во нејзината сила. Во нејзината интелигенција, амбиции, издржливост. Во нејзиното неоткажување. Во неизмерниот талент да сака и да дава, во неверојатната способност да пружи утеха кога е најпотребна. Во нејзината храброст да ги поместува планините, да ги симнува ѕвездите од небото за своето дете, маж, љубов, својот сон.

Вредност на жената е во нејзините таленти, ум, снаодливост. Во пожртвуваноста на патот кон целите кон кои тежи. Вредноста лежи некаде во длабочината на нејзината душа, во нежноста која знае да ја даде, но и покажувањето на забите кога ги брани оние што ги сака.

Драги медиуми, тука лежи вредноста на една и сите нас жени. 

Она што одлучив да го направам во овој ваков момент, после длабоко размислување е да ја свртам оваа приказна во корист на сите жени од регионот во кој живееме, да го свртам острилото назад кон самите медиуми, кои невнимателно го вперија кон мене и сите други обични, опуштени, природни жени. И оние од 69 години колку што има мајка ми и кон оние со 46 години колку имам јас и оние од 13 години колку што сега има мојата Тара. 

Време е да кажеме НЕ.

Жени, девојки, да се здружиме во борбата за слобода и право да бидеме онакви какви што сме! Да се поддржиме една со друга со објава на свои фотографии во опуштено издание на своите профили на социјалните мрежи под ознаката #PrirodnaŽena.

Да ставиме точка на упорната и бесрамна медиумска објективизација на жените и девојките која се заканува во целост да ја деградира, не само позицијата на жената во денешното општество, туку и целото општество и неговите вредности како такви.

Мажи, ако сте Мажи со големо М - поддржете ги своите жени, мајки, сестри, ќерки со почитување на нивните фотографии во опуштено издание по нивен избор, со ознака #VolimPrirodnuŽenu.

Нека видат медиумите од регионот колку не' има!

#PrirodnaŽena #NaturalWoman #VolimPrirodnuŽenu“.

Овој нејзин повик резултираше со илјадници фотографии. Ја поддржаа и Тијана Дапчевиќ, Данијела Димитровска, Ана Зафировска, и уште илјадници други познати и жени кои тоа не се, објавувајќи своја фотографија без шминка и без средена фризура.

Дали навистина ја губиме границата на вкусното, во потрагата по сензација? Достоинството? Зарем треба да се стави на линч поради една фотографија на која покажува дека не се разликува по ништо од било која жена од другата страна на екранот? Зарем нејзината широка насмевка не е позабележителна од белата науредна коса?

За какви трендови зборуваме, за каква слобода, за каква позитивност и себеприфаќање, кога очигледно медиумите не дозволуваат нешто такво. Уште поинтересно е што, ден-два подоцна, медиумите го пренесоа нејзиниот повик како вест подеднакво вредна за внимание како и „белиот корен и катастрофалниот изглед“.

Постојат и такви кои велат дека пејачката премногу бурно и тинејџерски изреагирала на написи на нерелевантни медиуми.

Сепак, она што е важно e дека, она што Американците го нарекуваат „shaming in media“, односно „body shaming“ е прилично присутно во медиумите во регионов, а се' со цел што повеќе кликови, читаност и евтин повик на публиката на коментари.

 На крајот, ако веќе постојано се потенцира темата за слободата, #BodyPositivity, себеприфаќањето, тогаш треба секој да живее и да изгледа како што сака, без навреди, развлекувања по медиуми. Или сепак сме лицемери?

Објавено:
19 јули 2021
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
11.528 пати