Овогодинешното, 41. по ред издание на реномираниот филмски фестивал „Браќа Манаки" оваа година нема да се одржи во традиционалната форма со публика, со оглед на последиците предизвикани од пандемијата.
Но, фестивалот соодветно ќе се одбележи, најавуваат од Друштвото на филмски работници.
„Она за што се согласни филмските работници е дека формата на одбележување на овогодинешното издание на фестивалот "Браќа Манаки", треба да кореспондира со вредноста на фестивалот и заради тоа ќе се вложи креативна енергија и напор истата да се зачува", се вели во официјалното соопштение.
Инаку, на последното собрание на ДФРМ, беше ре-избрана Гена Теодосиевска за директор на ИФФК "Браќа Манаки", а мандатот според Статутот на ДФРМ важи за следните две изданија на фестивалот.
Останува староновиот директор на фестивалот заедно со ДФРМ да изнајдат начин за достоинствено одбележување на 41.то издание на "Браќа Манаки", кој е наш најголем и најзначаен филмски фестивал, како и можноста за инволвираност на неговиот домаќин во "новото нормално", градот Битола.