Пролет е време кога најчесто се одлучуваме за промени во домот. После подолго време или едноставно, после студена зима, окото има потреба од нови работи кои ќе го освежат просторот.
Во потрага по интересни идеи на оваа тема, наидовме на неколку од познатата градежна компанија Elena Luka Homе, кои може да ви ја разбудат креативноста.
Согласно просторот со кој располагате и ефектот кој сакате да го постигнете, посегнете по идејата која најмногу ви одговара:
Поставете тапети
Не е премногу скапа инвестиција, зависи што ќе одберете, но е многу ефектна. Доволно е понекогаш само едно ќоше или само еден ѕид од собата да го облечете во ново руво, а да ви ја даде посакуваната разлика.
Поставете теписи
Сега барем има огромен избор на теписи, и кога се дезените во прашање, но и цената, па нема да имате голем проблем да најдете нешто што ќе ви се допадне и што ќе се усогласи со остатокот од просторот. Ако досега сте имале ќилим во складни тонови со мебелот на пример, сега можете да смените и да купите некој во контрастни нијанси. Или пак, ако сте имале еднобоен, да купите дезениран и обратно.
Декоративни плочки
Во зависност од големината на кујната, односно површината покриена со плочки, овој чекор може да биде покомплициран за разлика од другите, но исто така да внесе голема промена во изгледот на вашиот дом и тоа на подолг временски период. Пазарот нуди огромен избор, треба само да одберете во кој правец ќе одите, односно дали ќе одберете плочки со текстура, дезен, пастелни нијанси итн...
Полици за книги
Полиците за книги се практични, но со својот изглед може многу да придонесат за изгледот во просторијата. Покрај тоа што на книгите ќе им понудите нов дом, полиците можат да внесат сосема нова естетика. Скалести, округли, вертикални... одберете она што е во склад со големината на просторот и збогатете го.
Боење на ѕидовите
Пролетта е времето кога речиси сите се одлучуваат за варосување по дома, па зошто да не го искористите моментот и да направите промена во изгледот. Можете да си играте со омилената нијанса, така што ќе создадете контраст само со боење на одредени места во станот, или пак комплетно да ја смените атмосферата, менувајќи ги на пример белите ѕидови во капучино.
Нови растенија
На крајот, ако не располагате со многу време, а и пари, тогаш размислете за тоа да внесете некое ново растение во животниот простор. Цвеќето има таква моќ да го разубави и облагороди просторот за многу краток период, па не двоумете се да создадете ваква промена - веднаш ќе ја почуствувате.