Автобиографија на Софија Лорен по повод 80-тиот роденден

19 септември 2014

Иконата на италијанската кинематографија утре 20-ти септември ќе го прослави својот јубилеен 80-ти роденден. По тој повод ќе биде промовираната нејзината автобиографска книга „Yesterday, Today, Tomorrow – my life“ која на еден вистински шармантен начин и низ низа спомени ја раскажува животната приказна за најубавата жена во светот.

Навистина е тешко да се поверува дека оваа модна икона има 80 години. Лорен не е позната само по својата неверојатна филмска кариера, туку и по својата вонсериска убавина, за што го доби и епитетот за најубава жена со природна убавина во светот. Книгата која покрај ѕвездените филмски моменти ќе ви открие и интересни детали за животот на италијанската дива има 300 страници, кои исто така ќе бидат „насликани“ со нејзините пријатели, познаници и соработници како Кери Грант, Френк Синатра, Одри Хепберн, Марчело Мастројани. Сите оние кои ќе си ја купат книгата ќе имаат ексклузивна можност од блиску да видат фотографии и писма од актерката кои никогаш порано не биле објавени.

Насловот на книгата „Yesterday, Today, Tomorrow – my life“ не е случаен, тој е инспириран од насловот на филмот „Yesterday, Today and Tomorrow“ кој во 1963 година го доби Оскарот за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје и на тој начин и донесе огромна слава на оваа актерка. Инаку, Лорен, Оскарот за најдобра актерка во главна улога на филм го доби со филмот „Chochara“ .

Објавено:
19 септември 2014
Категорија: 
Култура