Banksy има ново дело за кое сите зборуваат - во празничната еуфорија сте помислиле ли на бездомниците?

10 декември 2019

На ѕидовите на Бирмингем деновиве осамна ново артистично дело на мистериозниот уличен уметник Banksy со кое тој повторно упатува прашање на социјална тема, што стана негова препознатливост.

Овој пат, Banksy акцентот го става на проблемот со бездомништвото. Тој го користи празничниот период кога сите сме во новогодишна еуфорија и со неговиот „социјален експеримент" преку уметничкото дело, ја става човечката хуманост на тест.

Фото: Print screen, Инстаграм @banksy

Имено, тој направи видео што го објави на својот веб сајт и Инстаграм профил на кое е прикажан бездомникот Рајан додека лежи на клупа пред ѕид на кој уличниот артист нацртал два ирваси, алудирајќи на препознатливата слика на Дедо Мраз со неговата санка.

„Благодарам, Бирмингем! За 20 минути додека го снимавме Рајан, случајни минувачи му оставија топол пијалак, две чоколада и запалка, без тој да им побара нешто", напиша тој на Инстаграм.

Набрзо потоа, празничното дело на Banksy е уништено со црвена боја, но неговото кратко видео вирално беше споделено на социјалните мрежи со што тој ја постигна целта и успеа неговото дело да го види милионска публика.

 

 

Објавено:
10 декември 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.355 пати